verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Животот без политикантство е здодевен, но посигурен!

on 25 - 06 - 2015       
Овој напис го има и на: Англиски
3332542003_fd41fa7f56
Фронт. Фото: photo credit: Palestine_Jafra14_NK20068

 

Во естрадата и во политиканството треба да знаете да ја забавувате публиката, а во политиката треба да знаете да ја водите!

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Општо познато е дека медиумите имаат незаменлива улога во модерното демократско и плуралистичко општество, како еден од факторите што го овозможуваат неговото функционирање. И покрај тоа што во овие општества во последно време е дојдено до релативизирање на сите вредности, сепак, од аспект на медиумското, нужно е да се постави прашањето за етичките вредности и критериуми, според кои случувањата во светот на општествената комуникација би можело и би требало да се управуваат и да се вреднуваат.

Каква е ситуацијата во земјите со млада демократија? Имено, слабо формираната работна ситуација и недиференцираната структура на медиумот и на новинарската професија, им овозможува на медиумските работници и на новинарите поголема слобода и креативност која тие би требало да ја оправдаат со повисок степен на квалитетна култура во својата професија. Во овој контекст, кога ќе се погледне македонскиот медиумски простор, особено оној резервиран за колумни и во традиционалните и во новите медиуми, сликата е поразителна! Претходно споменатиот повисок степен на култура во отворениот медиумски простор, а кој е главна карактеристика на демократското општество, претставува и служи како  „герила (маркетинг) простор“, полигон за пласирање разно-разни „вистини и факти“ во согласност со желбата, интенцијата, мотивите на тој што ја пишува, но и на тој што стои зад него, а не јавниот интерес. Со тоа се креира квазитренд во медиумското претставување преку формата на изразување, која многу често е вулгарна и која во западните демократски развиени земји не би го поминала ниту првиот филтер на читање, а камоли објавување – „публиката да те знае тебе“!

 

МЕДИУМОТ БЕЗ МОРАЛ СТАНУВА СОБИРАЛИШТЕ НА ПОДЛИ СТРАСТИ…

Во рамки на една доследно спроведена анализа од аспект на етичкото новинарство, ништо поинаква не е ниту колумната на Драган Павловиќ-Латас од 21 јуни 2015 година, под наслов „Фронт“, објавена во дневниот весник „Вечер“, каде повеќе од нужна е потребата за примена на судот на разумот и на моралните процени во професионалното извршување на дејноста. Во спротивно, со/во колумната, а со тоа и „медиумот, без морал, станува собиралиште на подли страсти, слика на општествениот хаос во кој се прекинува континуитетот и се дестабилизира системот на општествени норми, а со тоа и самото модерно општество“ (Кирил Темков, Етика на културата, Дом на културата „Иван Мазов-Климе“, Кавадарци, 2009).

Тоа е така затоа што истата, заради креирање и ширење на само себе позната вистина, т.е. „вистината“ на авторот, преку еднострано истакнување на фактите и нивно научно искривување (бидејќи не се даваат повеќе информации, ниту нивна издржана анализа карактеристична за колумнистичкиот стил на изразување), односно презентирање на лични перцепции и ставови како факти, претставува ништо повеќе освен злоупотреба на медиумот за пресметка со одредени личности. Начинот на кој тоа се прави е веќе „учебникарски“ препознатлив. Имено, освен она што веќе се промовираше како препознатлив квазитренд за колумните и за рецензиите во македонскиот медиумски простор, а тоа е сведување на различноста на ставовите на дискриминаторско ниво, обоени со голем број предрасуди, негативно профилирање, дискредитација, кои во споменатава колумна ќе ги најдете како „Заев од Муртино“ или „Саше Превара“, „олигархот Заев“, „нова влада со соросоиди и кланот Заев“, како и „трансвеститот Ацо Кабранов“, потоа: „дека се важни сами по себе, а не за лабораторијата која ги користи како глувци“… – се прави една поделба во однос на разликите во уверувањата базирана на политичките разлики како што е „…естрадна политика на олигархот Заев“, или „…власт да бидат соросоидите, е уште полоша понуда“, но и полагање надеж во етничките разлики од типот: „…затоа ДУИ и ДПА се мирни сè додека Груевски е прозападен“.

 

КОЈ СЀ СПАЃА ВО „НОРМАЛЕН СВЕТ“

Истото се прави преку омаловажување на битот и на бремето на другиот (во политичка смисла): „за ситни провинциски души кои залутале на големата сцена како … е привилегија и доблест да бидеш центар на интерес, но за нормален свет таков интерес е – казна!“, со што несвесно, со еден навредувачки тон и етикетирање, се прави и индиректна дискредитација на македонскиот народ, кој ако логично се изведе до крај идејата на авторот на колумната, значи дека македонскиот народ не спаѓа во нормален свет!

При истото, забележително е некритичко пренесување, т.е. користење изјави од оние на Евран Фуере, па сè до изјавите на норвешкиот амбасадор „и неговите соговорници во еден скопски ресторан“, за дискредитација на оној/оние, различните, а најмногу непрофесионалниот однос и етикетирање на Драган Павловиќ-Латас во делот на своите колеги и медиумски куќи, т.е. „инструментализираните медиуми како Ал Џезаира, Њујорк Тајмс, Дојче веле, Гардијан…“, со што во колумната е направена повреда на правилото на етичкото новинарство дека „од една страна, новинарот како морален субјект, во новинарската активност постапува според својот морален карактер, додека од друга страна, истиот тој новинар има морална должност да ги следи медиумските специфични морални норми и обврски на професионалната етика, т.е. новинарскиот етос“. (Дејан Донев, Етика во новинарството, УКИМ, Скопје, 2011)

Во однос на некритичкото пренесување на официјалните ставови, во случајот со „бомбите“ на Заев, забележлива е повреда во аргументацијата за најпрво да се истакне нарушување на угледот на власта, т.е. „тогаш не потсетија дека ова не било локална појава… Знаејќи го прозападнато расположение на јавноста и стриктно прозападната определба на Груевски и владата, никој ова не го земаше за сериозно. Овде не, но тезата најде свое место на Запад, зад фронтот… оваа теза на соросоидите воопшто не е наивна и безопасна за Македонија…“, за подоцна истите да се искористат за нејзина глорификација: „и тука се смени странскиот пристап кон Македонија, како и кон актуелната власт“. Истовремено, ако кон ова се придодаде и фактот на слаба аргументираност преку немањето подлабока анализа која би произлегла од критичко поставување прашања за потврда на тезата преку проверка на нејзините хипотези, (која во случајот со оваа колумна ми се чини како да отсуствува или во најмала рака како да е претворена во рекламна порака) може да се дојде до заклучок дека истото е резултат на недостиг од критички аргументи и аргументирање кое поаѓа, исто така, и од непознавање на процесот на градење на една теза – испревртена пирамида во докажувањето: „Нема чесни војни – добриот е оној кој ќе победи“!

 

„СИЛУВАЊЕ“ НА МЕЃУЕТНИЧКИОТ СОМНЕЖ

Исто така, намерно се прави завлекување, одолжување на „тезите“, (попрецизно би рекол хипотезите) и нивно пребрзо презентирање во низа која нема свој континуитет (нема теза – има само контекст и цел на нарација): „јавноста не прифати криминал и кршење на човековите права со бомбите во замена за социјална и политичка стабилност и перспектива“, потоа „…прозападното расположение на јавноста, и стриктно прозападната определба на Груевски и владата…“,  па сè до „…Црна Гора и Македонија се подготвени за влез во НАТО, но се уште нема политичка одлука во Алијансата“, како и „…Македонија е на линија на огнот помеѓу Америка од една, а Русија и Кина од друга страна…“. Истото се прави заради креирање засилен ефект врз публиката дека тука нешто „смрди“, за на крај смирувачкиот тон да биде резултат на напорите на власта и на препознавањето на нејзината исправност кај странците, т.е. сепак „се преговара, рамноправно. После сѐ, никој не е фаворит на Брисел и Вашингтон“. На тој начин супериорно се извлекуваат, а уште повеќе неколкупати се преповторуваат заради апострофирање,  заклучоци (во согласност со правилото: „Стопати кажана лага, станува вистина“), кои водат во креирање погрешна слика за реалноста, не така пластично искривена и многу помпезно најавена како „линија на фронт“, уште повеќе како „овој фронт на кој е поставена Македонија не е локален, други го цртаат“.

Со последното, авторот на колумната нуди и сценарио како можен епилог во однос на докажувањето на неговата теза за фронтот, со што „силува“ во јавноста поттикнување меѓуетничкиот сомнеж: „се што се случува сега е зајакнување на албанските позиции во регионот, и олабавување на границите кои го делат албанскиот етнос“ или дека „амбициите за Голема Албанија која постојано се заканува да ја проголта и Македонија и како мала држава надвор од НАТО системот да станеме засолништво на исламскиот радикализам“. Со тоа во делот на слободата на изразување извршена е нејзина злоупотреба со самиот чин на вознемирување на јавноста за она што би било, а кога би се случило (ова особено ако се знае дека медиумите кои ја објавија и пренесоа оваа колумна во последните 3 и 30 денови ги заземаат првите две места на најпосетени медиуми), наместо со давање на можност истата да биде информирана со конкретни факти, објективност, непристрасност и со вистинитост!

Сосема на крај, се потсетувам на зборовите на еден мој колега, проф. д-р Милан Кангрга, кој знаеше да каже дека во „етичката вистина“ е имплицирана една голема работа за која обично не сме свесни: „доколку околу себе шириш можност (за живот), а тоа значи борба за тој вистински живот, тогаш истата таа можност, (а не нужност како надворешна непогода) ќе ти се врати како твоја сопствена можност да живееш како човек, т.е. како активен учесник во креирањето на тој заеднички живот! Сето останато се открива, пред или подоцна, како лага, т.е. како најочигледно самозалажување или бумеранг. Во овој случај, немаме право да се жалиме на сите прилики како на неприлики околу себе“. (Milan Kangrga, „Etika i novinarstvo“, Medijska istraživanja, god. 4, br. 1, Zagreb, 1998)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести