Зекири: Политичките партии нема да успеат да ме уплашат
Објавено во Новинарски лекции
on 17 - 08 - 2015 Автор: Владо Ѓорчев
„Соработката со функционерите Албанци од власта е коректна“, вели главниот уредник на „Алсат-М“, Мухамед Зекири. „За жал, тоа не можам да го кажам за функционерите од власта кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ. Тие најчесто избираат да нè игнорираат“, додава тој.
Пишува: Владо Ѓорчев
Главниот уредник на телевизија „Алсат-М“, Мухамед Зекири, во интервју за „Сервис за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ) не се согласува со идејата на ЗНМ главниот уредник во МТВ да го назначуваат Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Македонската академија за науки и уметности (МАНУ). Тој смета дека новинарите треба да се изберат од сопствените редови.
Тој е горд што се пионери, не само во Македонија, туку во регионов и пошироко, со двојазичниот концепт, кој притоа не подразбира поделени редакции, туку една мешана која ги испорачува содржините за информативните програми на двата јазици.
На „Фејсбук“ реагиравте за закани што ги добивате од личности поврзани со ДУИ. Велите дека во последниот период зачестиле. Има ли спорадични закани и од други партии од албанскиот политички блок? Од македонските политички партии?
Зекири: Не реагирав. Бев прашан од колеги и кратко одговорив дека игноранти игнорирам и немам време да губам за нив и со нив. Инаку, реакциите на политичките партии ги сметам само како нивен обид да вршат притисок врз мене или да ме уплашат. Ниту успеале, ниту ќе успеат да ме уплашат и да ме поколебаат да продолжам со мојата работа.
Како реагирате на заканите? Или ги игнорирате?
Зекири: Повеќето ги игнорирам, а таму каде што гледам потреба, реагирам со одговор, но тоа не е често.
Каква е соработката на телевизија „Алсат-М“ со функционерите од власта? Дали во секое време добивате информации или ве игнорираат и се недостапни за вас?
Зекири: Соработката со дел од нив е коректна и одговараат навреме, пред сè, мислам на функционерите Албанци од власта. За жал, тоа не можам да го кажам за функционерите од власта кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ. Тие најчесто избираат да нè игнорираат.
Во таканаречените „бомби“ што ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се слушна како владејачката ВМРО-ДПМНЕ нарачувала прилози во некои национални телевизии. Дали имало обиди од ДУИ истото да го прави и во „Алсат-М“?
Зекири: Таков обид немало, ниту би го дозволил.
Гледаноста на телевизијата постојано се зголемува. На што се должи тоа? Тешко ли беше да се придобијат гледачите на ваша страна и со какви опструкции сте се среќавале?
Зекири: Тоа се должи на нашата континуирана работа и заложба да ги отвораме сите теми кои се во интерес на јавноста и да ги прикажуваме објективно. Тоа гледачите очигледно знаат да го препознаат. А, големиот скок во изминативе месеци се должи и на зголемениот број македонски гледачи, бидејќи кај албанската популација сме апсолутен лидер.
Телевизијата функционира и на албански и на македонски јазик. Комплицирано ли е сето тоа да се изведе?
Зекири: Ништо не е комплицирано ако го работиш со срце. Ние сме горди што сме пионери, не само во Македонија, туку во регионов и пошироко, со двојазичниот концепт, кој притоа не подразбира поделени редакции, туку една мешана која ги испорачува содржините за информативните програми на двата јазици.
Каква е Вашата соработка со ЗНМ? По случувањата во Куманово, Вие се дистанциравте од ЗНМ и го замрзнавте Вашето членство. Тоа беше реакција по фејсбук-статусот на претседателот на Здружението, Насер Селмани, кој го критикуваше Заев дека ги изманипулирал Албанците за присуството на големиот протест на 17 мај. Дали сè уште останувате на тој став или нешто се промени оттогаш?
Зекири: Ништо не е променето, ниту ќе биде сè додека Насер Селмани е на чело на ЗНМ.
Каков е Вашиот став за МТВ? Дали се согласувате со идејата на ЗНМ уредникот да го поставуваат Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Македонската академија за науки и уметности (МАНУ)? Што мислите дека треба да се случи во МТВ?
Зекири: Не се согласувам со идејата на ЗНМ. Главниот уредник не треба никој да го назначува. Новинарите треба да го изберат од сопствените редови. МТВ треба да се деполитизира. Политиката треба да ги тргне рацете што подалеку од МТВ, само така ќе може да се надеваме дека јавниот сервис ќе стане сервис на граѓаните.
Кои се најзначајните разлики во медиумите на македонски и на албански јазик? Има ли остра поделеност за и против власта кај медиумите на албански јазик, како што е тоа случај кај македонските медиуми?
Зекири: Во печатените имаме два весника на албански јазик и нивната поделеност е очигледна. Едниот е провладин, а другиот е критички настроен кон власта.
Има ли медиуми на албански јазик, особено портали, кои редовно, од година во година, добиваат значителни средства од власта, како што е тоа случај кај медиумите на македонски јазик? Кои портали на албански јазик ги сметате за најквалитетни?
Зекири: За жал, не можам да издвојам ниту еден. Повеќето работат на принципот „копи-пејсњт“. А, кај печатените има еден весник кој редовно добива значителни средства од власта, тоа е весникот „Коха“.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).