verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Зарем смртта треба да ги буди совеста и свеста

on 7 - 07 - 2016       
Сообраќајните несреќи и убиствата немаат етникум. Фото: Гугл
Сообраќајните несреќи и убиствата немаат етникум. Фото: Гугл

 

Светоста и сериозноста на секоја професија произлегува од сопствениот достигнат степен на професионализам, кој се изразува преку соодветното одговорно почитување на браншово воспоставените начела, во кои подетално се содржани и јасно дефинирани принципи на етично работење во професијата. Ги има ли и се почитуваа ли овие принципи на етично работење во новинарската професија кај нас во случајот со Алмир? Ја има ли новинарството во Македонија достигнато својата професионалност и сериозност, пред јавноста да му „пресуди“?

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Последните настани и најчесто погрешно интерпретираните информации во однос на истите во јавноста, а особено преку медиумското креирање на една во многу случаи испервертирана реалност заради нечии „болни“ претензии да ја контролира ситуацијата, а најмногу да „профитира“ од истата, се солиден показател дека во новинарството кај нас има уште многу да се работи. Она што се случи на 25 јуни, немилиот настан со малиот Алмир, кој заедно со своите родители беше прегазен пред Здравствениот дом  во Куманово, длабоко ја потресе, но и ја подели јавноста, особено во делот на информирањето.

Постојат неколку причини преку кои може да се објасни она што ни се случува во моментов во однос на немилиот настан. Имено:

– Кога политиката и меѓуетничкото ќе се вмешаат („движењето за реформи во ДПА изрази огорченост за трагичната смрт на четиригодишниот Алмир Алиу. Според нив, нападот врз семејството Алиу од Куманово е јасна индикација за присуство на национализам и на бруталност од владата на сметка на Албанцте во Македонија“, односно јасен показател за присуството на болниот национализам и вулгарност, спонзорирани од страна на Владата и (…) секогаш на сметка на Албанците во Македонија“) и покрај тоа што семејството Алиу апелираше да не се партизира случајот зошто би можел да поттикне понатамошни инциденти или меѓуетничка омраза, односно иако Локалниот совет за превенција апелираше на несреќата да не ѝ се дава етничка димензија. Уште повеќе низ улиците во Куманово беше одржан и мирен протест на кој се изврши и индиректен притисок врз судството (Доколку казната биде помала од доживотен затвор, тоа ќе биде доказ дека законот се спроведува по етничка основа), повикувајќи непосредно дека „Ако Бобан е луд и ние ќе полудиме“, но и случајот да не се политизира: „Правдата треба да се задоволи поради морална сатисфакција на семејството;

– Тенденцијата „топката да се префрли“ кај новинарите како лошо информираат и креираат тензии преку сензационалистички наслови и (не) ја пренесуваат веста, т.е.  обвинети македонските медиуми дека не ја пренеле веста на време и објективно (како што пренесуваат медиумите на албански јазик или како што информираат порталите на албански јазик), не се распрашале добро и не собрале доволно информации, иако секојдневно се појавуваат нови информации и толкувања (196 објави на веста само на „Тајм.мк“ досега), кои дополнително ја загреваат и така зовриената меѓуетничка атмосфера;

– Всушност, се работи за тоа кога, од кого и како е пренесена веста и дали истиот облик соодветствува согласно параметрите на етично известување, особено согласно начелото „јавноста има право да знае“. И додека некои медиуми снимката од прегазувањето на малиот Алиу ја објавија, па ја повлекоа, други одлучија јавноста да ја поштедат од ова сведоштво за едно трагично безумие (макар и за 24 часа), трети снимката ја објавија во сензационалистички манир, особено на „Јутјуб“ (Youtube), подоцна ја отстранија, но не и коментарите кои се под секое ниво, што повторно го наметнува прашањето за етичка регулација на новите медиуми, особено во делот на коментарите.

Во контекст на последново и соопштението до медиумите на Советот за етика во медиумите на Македонија, кои апелираа во оваа професија да се работи професионално, односно дека „преземањето и објавувањето на таквата содржина (видеоматеријалот од настанот) внесува дополнителна вознемиреност и гнев кај јавноста околу инцидентот и последиците од него (…), т.е. дека сензационалистичкото известување во јавноста нема предност над професионалното и етичкото известување, во кое е потребно да се води сметка и за последиците од трагедијата за семејството“. Имено, како што е и истакнато во самото соопштение на СЕЕМ, објавувањето на видеоснимката е и во спротивност со член 8 од Кодексот на новинарите на Р. Македонија, во кој се вели дека „начинот на информирање во случаи на семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализми“. Едновремено, со ваквиот начин на неетично известување, направена е и повреда на член 7 од Кодексот на новинарите на Македонија, во кој се вели: „Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост“, иако „ваквото известување кај некои од медиумите би можело да се оправда со потребата од задоволување на јавниот интерес и разбирање на тежината на инцидентот“, се вели во соопштението на СЕЕМ до медиумите. Она што е од исклучителна важност е водењето сметка од страна на медиумите за целта и за последиците од своето известување, како и за публиката што ќе дојде во допир со вознемирувачката содржина.

Во контекст на претходното би ја завршил анализава со поентите на колумнистот на „Дневник“, Александар Манасиев, кој во својата колумна од 3 јули 2016 г., под наслов „Смртта на Алмир ни ја смрзна, па ни ја зовре крвта“ вели: „… нелогично е ваквите случаи, како по наш обичај, да добиваат етничка димензија, да бидат повод за делби, за палење оган… Зарем гневот на осомничениот убиец ќе биде помал или поголем, ако се наведе дека убиецот или жртвата е Македонец, Албанец, Србин или Турчин? (…) Национализмот лесно се пали, седејќи дома и пишувајќи статуси на социјалните мрежи како „Фејсбук“ и „Твитер“, но тешко се гасне на улица, а тоа во Македонија е многу добро познато. Нелогично, нефер и сосема погрешно е да се смета дека и македонските медиуми и новинари ја игнорирале смртта на малиот Алмир и оти заштитнички се поставиле кон сторителот оти бил Македонец. Тоа, едноставно, не е точно, тоа е класично убиство на вистината за што говори и фактот дека при известувањето за ова злосторство и пред да почине Алмир никој не бараше етничка или верска димензија“.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести