verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Закана за тужба без правна основа е закана за медиумските слободи!

on 11 - 02 - 2016       

 

Заканите за тужба утредента се маскираат како закани кон заканувачот. Фото: pixabay/колаж: СПФМ
Заканите за тужба утредента се маскираат како закани кон заканувачот. Фото: pixabay/колаж: СПФМ

 

Секое правно лице има право да подигне тужба ако смета дека некои податоци, кои се од релевантно значаење за фирмата и за нејзиното работење, се откријат неовластено од некој медиум. Но, ако за тој чекор нема правна основа и ако тоа е толку очевидно, тогаш тоа е класична закана кон медиумите и ја загрозува слободата на изразувањето

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Неодамна бевме сведоци дека од неделникот „Република“ се заканија кон сите медиуми во земјава дека ќе бидат тужени зашто неовластено пренесуваат податоци за нив во јавноста. Тие бројки се поврзани, пред сè, со нивната финансиска состојба и со изворите на приходите.

Но, заканата која нема правна основа, во исто време е закана до медиумите и може да се толкува како загроза на слободата на известувањето.

 

ИЗВЕШТАЈ ОД ПРЕС – ПРЕДМЕТ НА ТУЖБА

Откритијата дека овој неделник е основан од фирма која има адреса во латиноамериканскиот Белизе, не се сосема ново сознание, ама сега тоа стана дел од една политичка кампања на опозицискиот СДСМ. Нови се бројките за парите што неделникот ги добива од државата. Од овој весник им се заканија на своите колеги во земјава дека ќе биде предмет на тужба ако ги пренесуваат сознанијата што во јавноста речиси секој ден во подолг период ги изнесува СДСМ!

Заканата најпрво одеше кон портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. Неделникот му се закани со пријава, пред сè, за неговите тврдења дека весникот добил милионски примања од Владата. Шилегов, да се потсетиме, обвини дека во последните три години „Република“ добила владини пари во износ од 1,1 милион евра.

Тој тврдеше дека фирмата сопственик на неделникот („Ирсине лимитед“), се наоѓа на иста адреса во Белизе со познатата компанија „Сирах лимитед“, преку која, според опозицијата, Груевски доаѓал до парцелите на Водно, потоа нарачувал промени на урбанистичките планови, а според материјалите од прислушувањето и потпорни бетонски ѕидови. Управител на компанијата „Сирах лимитед“, според Шилегов, е Ристо Новачевски, инаку кум на Груевски од првиот брак.

„Основачот на неделникот – фирмата ’Прва Република ДООЕЛ’ ги демантираше тврдењата на Шилегов. ’Прва Република’ ДООЕЛ бара од СДСМ, но и од сите медиуми што ја пренесоа изјавата да го објават демантот во целост и да се извинат за изнесените лаги. За изнесените невистини од страна на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, ’Прва Република’ ќе поднесе соодветна пријава пред надлежните органи. Во исто време, против Шилегов и медиумите што ја пренесоа информацијата ќе биде поднесена соодветна пријава и за противзаконско објавување лични податоцисе вели во реакцијата на „Република“.

Според неделникот, Шилегов изнесол груби лаги и невистини за непостојни приходи, кои беа искористени во конотација да се наруши угледот и имиџот на медиумот. Индикативно е, секако, дека медиумот не навлегува во тоа што е тука демантирано. Дали висината на добиените пари од државата, односно 1,1 милион евра во последните три години, дали точноста на адресата на компанијата-основач и блискоста и сомнежот за идентичност со една друга компанија, инволвирана, според наводите во „бомбите“, во купување плацеви по евтина набавна цена на падините на Водно? Неодреденоста на демантот, секако, ја девалвира реакција од неделникот.

Но, за колегите од земјата кои известуваа од бројните пресови на СДСМ и кои пренесувале службени соопштенија на партијата, секако се поставува прашањето – има ли основа за тужба во вакви случаи? За поголем дел од новинарите, заканата се врзува, пред сè, за моментот кога се јавува истата. Иако со недели се „бомбардирани“ од страна на најмоќната опозициска партија за финансиските состојби во редакцијата, немаше бурни реакции, сè до мигот кога Шилегов се искачи на Водно и оттаму го спомена името на Груевски, поврзано со плацевите. Како тој момент да беше пресуден за реакцијата на неделникот објаснета погоре.

 

ЗАКАНА ЗА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ

Самиот Шилегов, кој е инаку и адвокат и има своја адвокатска канцеларија, ги отфрла наводите на заканата, велејќи дека сите податоци што се објавени од негова страна се вистинити и јавно достапни, значи се добиени со легални средства, а тоа значи дека се слободни за пренесување, особено зашто се општествено релевантни како сознанија.

„Податоците, најпрвин се кажани од официјален претставник на регистрирана партија и како такви се секако дозволиви да се пренесат“, ни вели адвокатот Филип Медарски, кој многу често го гледаат во судовите како брани новинари кои се тужени за клевета. „Зошто би се пренесувале пресовите на партиите ако тие би имале некакво априорно ембарго“, прашува адвокатот.

Медарски потоа укажува дека податоците за финансиското работење на јавен медиум ниту се тајна, ниту е голема вештина да се добијат и дека тоа чини околу 300 денари и бара соодветно пешачење до Централниот регистер!

„Значи, тука нема тајна, особено што се работи за пари кои се добиени од државата, односно се пренесени од државна сметка на сметка на „Прва Република ДООЕЛ“, значи се на даночните обврзници, а тоа се практично сите граѓани“, вели Медарски.

Тој се согласува со тоа дека ако е толку очевидно дека нема правна основа оваа закана, таа практично останува – гола закана, закана без покритие и го загрозува слободниот проток на информации, односно е закана за медиумскиот простор, особено што е веројатно дека оној кој се заканува, тоа и го знае.

На крај, да се запрашаме: што би работеле медиумите, вклучувајќи го тука и неделникот „Република“, ако со ваков пристап се стеснуваат темите и иницијативите за разбиструвањето на состојбите во земјава? Или изборот на темите и пристапот исклучиво треба да зависат од тоа кој како стои во правосудството и кај судиите?

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести