verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За самоубиства не се известува, особено ако не се работи за јавни личности

on 4 - 03 - 2020       

[Рецензија: Се самоуби 30 годишен скопјанец, детали за несреќата од Аеродром]

Во конкретниот случај станува збор за текст во кој се известува за самоубиство (според неофицијални информации), па дури и се најавуваат повеќе детали за подоцна. Не е јасно на какви детали се мисли и зошто се потребни детали воопшто? Прикажана е фотографија од зградата каде се случила трагедијата, наспроти добрата новинарска практика и етичките норми кои сугерираат да се почитува приватноста на жртвите – починатиот, неговото потесно семејство, пријателите.

Линк до оригиналниот напис: Се самоуби 30 годишен скопјанец, детали за несреќата од Аеродром

Датум на објавување: 2 март 2020

Датум на рецензирање: 3 март 2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Иако во самата вест ја нема фотографијата експлицитно, сепак, е споделен линк до вест со фотографија од зградите каде што живеело момечето. Ова е преблиска идентификација и преблиско лоцирање на жртвата. Што ќе се случи  со  луѓето (соседи, роднини ) кои имаат некој близок во ова маало? Нема ли тие да се вознемират кога ќе видат фотографија дека некој од таа зграда си го одзел животот? Семејството и блиските на починатиот се во длабока жалост и треба да им се дозволи да ја одболуваат загубата интимно, а не во јавниот дискурс.

За новинарскиот однос кон информациите кои вклучуваат одземање на животот, во Сервисот за проверка на факти од медиумите  се напишани  одлични упатства и тоа од колеги со долг стаж и беспрекорна професионална репутација и од експерти за човекови права. Кажано е дека треба да се почитува личната болка и загубата на семејството, никако да не се открива идентитетот и да се одбегне односот на третирање на ваквите настани како кривични дела, односно како настани од рубриката црна хроника.

Во Кодексот на новинарите и во Прирачникот за етиката во новинарството се вели дека „новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност на јавниот интерес“,  како и дека „е должен да ги почитува личната болка и жалост“ (член 7). Понатаму се наведува дека „начинот на информирање во случаи на несреќи семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализам“ (член 8).

На самиот почеток на текстот што е предмет на оваа рецензија, пак, се вели:

Информацијата за скопјанец кој си го одзема животот скокајќи од зграда во Аеродром утрово ја вознемири јавноста.

Но, информацијата  ја вознемири јавноста дури откако таа беше објавена и раширена. Со нејзиното ширење, сè повеќе луѓе се вознемируваат, се распрашуваат и се интересираат. Во написот понатаму се најавуваат и дополнителни информации од МВР, што пак, укажува дека се имало намера да се проширува приказната.

Поврзаноста меѓу самоубиствата и неетичкото известување во медиумите е докажана, што е уште една причина  поради која медиумите треба да се воздржат од известување за вакви трагични настани. Секоја објава за самоубиство е потенцијален поттикнувач на оние кои се ,„на работ”, а најризична група се адолесцентите.

Во светот има воспоставена пракса за самоубиства да не се известува, освен ако за тоа нема јавен интерес. Но, и во случаите кога има јавен интерес, известувањето се прави многу внимателно и дискретно.

Човекот кој си го одзел животот не е позната, јавна личност. Оваа информација, дури и ако е испратена официјално од МВР, може да се прескокне и да не се објави.

Јавноста има право да знае, но во случаите на самоубиства, личната болка и жалост на најблиските се поважни од сè.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести