verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За регионалните односи на Македонија: Регионалата како најфлексибилно здружување (3)

on 10 - 07 - 2014       
Сцени од Балканот: германски војници во Призрен. Фото: Charles Roffey, 2008

Сцени од Балканот: германски војници во Призрен. Фото: Charles Roffey, 2008

Мобилизацијата на партнерите од регионот во функција на поддршка е вообичаено позитивна и создава погодна атмосфера за поттурнување определени одлуки. Разочарувањето, пак, вообичаено доаѓа кога таквата поддршка нема да даде резултат. Имено, Македонија беше повеќекратно поддржана, па, сепак, тоа не го даде посакуваниот резултат – евроатланска интеграција. Извесно е дека новинарските потсетувања во оваа насока би можеле да помогнат да се избегне разочарувањето, дотолку повеќе ако се има предвид спротивната алтернатива – без таква поддршка резултатот е практично сигурно негативен.

 

Пишува: Сашко Тодоровскидипломат од кариера / ополномоштен министер

 

(Првиот дел од анализата можете да го најдете овде, а вториот овде)

 

Кај другите земји од соседството, значи покрај Словенија и Турција, ситуацијата со различните индексни рангирања е сосема шарена. Сепак, со оглед на тоа што ние сме во сиве овие рангирање во групата, фудбалски речено „за испаѓање“, поедноставно е да се погледаат кои земји (покрај Турција) таму ни прават друштво. „Првото“ место го делат Албанија и БиХ (со по три поени), па следи Елада (со два поени), но во една група индекси се појавува и – Србија. Е, ако вака ја погледнеме ситуацијата, односно преку методот на сопствена математика, произлегува дека би требало да бидеме најмногу внимателни во соработката со Турција, а потоа многу внимателни во соработката со Албанија, БиХ, Елада (и Косово), а и со Србија да ги имаме дополнително предвид оние демократски категории што не се нивна најсилна страна. Дотолку повеќе ако се има предвид најновиот развој и странските пишувања кои отвораат сериозни дилеми за демократскиот капацитет на најновото државно српско раководство (в. на пример Опсерваторија, 20.05.2014: Владата на Александар Вучиќ се чини утврдува двојни стандарди за медиумите – едни за пред ЕУ, а сосема други за Србија каде се воведува цврста контрола и врз печатените и врз телевизиските медиуми).

Косово е посебен случај, главно е неоценето од разбирливи причини, а во единствено рангирање каде е вклучено (слободи и права) е на последното место. Впрочем, веројатно соработката со нив би требала да биде базирана и на фактот за нивната државност во изградба, како што и предупредува веста за присуството и функциите на ЕУЛЕКС. Според 24-Вести (12.06.2014):

„Советот на Европската унија денеска ја продолжи мисијата на ЕУ во Косово – ЕУЛЕКС до 14 јуни 2016 година (…). Во следните две години, мисијата ќе го забрза предавањето на своите надлежности на локалните институции и другите актери на ЕУ. (…) ЕУЛЕКС ќе се фокусира на градење на капацитетите на Косово и безбедноста и имплементацијата на договорите постигнати во дијалогот Белград-Приштина во врска со северниот дел на земјата. (…) Но, со оглед на развојот на локалните институции, мисијата ќе започне фаза на нејзините извршни функции во правосудниот сектор, при што предмет на одредени заштитни мерки, обвинителите на ЕУЛЕКС ќе водат принцип да ги преземат новите случаи и завршувањето на обврските околу датотеките. (…) ЕУ ќе продолжи да го следи и напредокот на Косово во владеењето на правото и ја задржува можност да го модифицира својот ангажман, ако тоа биде потребно.“

Ама вака, од непосредните соседи остана само Бугарија која котира релативно високо во овие рангирања, а во секој случај е подобро рангирана од нас во буквални сите посочени рангирања. Но, да не заборавиме, Бугарија пак многу ниско котира кај нашите граѓани и никако да констатираме дали е Централен или Источен Балкан! А може треба да го погледнеме најновиот развој на настаните, а за што, на пример, пишува Опсерваторија Б-К, 10.06.14: „Драматичен пад на медиумските и слободата на изразување во Бугарија. Меѓу принципиелните причини за таквиот пад се концентрацијата на медиумите, само цензурата и притисоците врз новинарите.“ Ако ова го земеме за точно, не ни остана ништо од непосредните соседи, а регионот станува неопходен чекор во функција на заобиколување на опасноста да се забарикадираме во билатерала со некој или некои од непосредните соседи, а, сепак, билатералата да биде суштински сегмент на нашата надворешна политика и практика.

 

ЛИНИИ НА РАЗОЧАРУВАЊЕ

 

Притоа, веројатно треба да се имаат предвид и две линии што можат да бидат своевидно разочарување. Првата е линијата на билатералните оски. Парцијално пренесените вести, ако се поврзат, водат до заклучок дека регионот има сопствени можности за влијание. Имено, според Светски билтен, 05.06.2014:

„Турскиот шеф на Генералштабот Неџдет Озел ја пофали улогата на Црна Гора во одржувањето на мирот на Балканот, изразувајќи надеж дека ќе успее во своите напори да стане членка на НАТО. (…) Воените сили на Турција и Црна Гора склучија договор за соработка во областа на технологијата, образованието и науката, беше званично соопштено средата.“

Турција, пак, очигледно не е единствена во ваквите напори. Според STA, 04.06.2014:

„Словенија и Хрватска се залагаат за членство на Црна Гора во НАТО. (…) Министерот за одбрана во заминување, Роман Јакич средата изјави по дводневниот состанок на НАТО во Брисел дека тој е оптимист дека Црна Гора ќе добие позитивна порака од септемврискиот Самит за стапување во членство на Алијансата. Тој појасни дека Словенија и Хрватска упатиле заедничко писмо за ова прашање до Генералниот секретар на НАТО.

Мобилизацијата на партнерите од регионот во функција на поддршка е вообичаено позитивна и создава погодна атмосфера за поттурнување определени одлуки. Разочарувањето, пак, вообичаено доаѓа кога таквата поддршка нема да даде резултат. Имено, Македонија беше повеќекратно поддржана, па, сепак, тоа не го даде посакуваниот резултат – евроатланска интеграција. Извесно е дека новинарските потсетувања во оваа насока би можеле да помогнат да се избегне разочарувањето, дотолку повеќе ако се има предвид спротивната алтернатива – без таква поддршка резултатот е практично сигурно негативен. Впрочем, спротивставувањата од која и да е страна се фактор што мора да биде надминат. На пример, во случајот на Албанија и ЕУ, според Еурактив:

„Чешката Република е готова да го блокира добивањето кандидатски статус на Албанија заради спорот околу ЧЕЗ, електрана контролирана од чешката држава, и албанската држава на друга страна, како што јавува чешкиот печат повикувајќи се на извори високо рангирани во ЕУ. (…) ЧЕЗ се соочува подолго време со проблеми на Балканот, а во Бугарија, исто така, му се заканува губење на лиценцата [повеќе]. Лани, холандскиот Парламент гласаше против владиниот предлог за прифаќање на кандидатскиот статус во ЕУ на Албанија, спречувајќи ги на тој начин ЕУ лидерите од формално ставање на дневен ред на овој предлог на Самитот во Брисел 19-20 декември [повеќе].

Посебно ме импресионира поларизираниот пристап на ЕурАктив: од една страна веднаш понудуваат линк за проблемите на ЧЕЗ пошироко на Балканот, или нешто што може да се толкува во полза на албанските постапки во конкретниот случај, а од друга страна и веднаш потсетува дека претходната година и Холандија се спротивставила на доделување статус на ЕУ кандидат за Албанија. И во овој поглед, практиката на нашите новинари е поинаква: тие се трудат да дадат или посочат линкови што исклучиво ја поддржуваат „нивната“ теза, а што е по своја прилика најголемиот парадокс, бидејќи новинарите по дефиниција би требало да се – неутрални!

Значи, на спротивставувањето на Чешка треба да се контраполира, макар како елемент на рамнотежа, австриската поддршка за Албанија и нејзиниот од кон ЕУ, а за што јавува Ксинхуа, 03.06:

„Австриската Влада упати апел до другите членки на ЕУ за прифаќање на кандидатскиот статус на Албанија пред крајот на јуни, изјави австрискиот министер за надворешни работи и интеграција, Себастијан Курц. Зборувајќи на прес-конференцијата по повод Конференцијата за Западен Балкан во Виена, Курц нагласи дека се работи за писмен апел и дека е „прилично сигурен“ дека добивањето кандидатски статус навистина ќе се случи (според бизнис весникот  Виртшафтсблат). На Конференцијата на Курц му се придружија во потпишување на писмениот апел и министрите за надворешни работи од неколку ЕУ членки како Италија, [Елинската Република], Хрватска, Словенија, Словачка и Бугарија. Писмото сега ќе им биде понудено на другите министри за надворешни работи за време на состанокот на Европскиот совет во Луксембург на 23 и 24 јуни…

 

КАКО И ШТО ПОНАТАМУ

 

И, еве, повторно дојдовме кај таа Конференција за Западен Балкан! Во овој контекст единствена земја што не гледам да фигурира е – Турција. Можеби новинарите знаат нешто повеќе штом веќе не го отворија прашањето, или линијата прашања околу тоа дали целото ова географско изместување на концептот Западен Балкан не е во функција на избегнување на Турција? Бидејќи, ако се каже Конференција на балканските земји аспиранти – во тој круг спаѓа и Турција, зар не?

Втората линија на можно разочарување е: паѓање во ‘југо- носталгија’! Ако се прифати апроксимацијата на Википедија за Западниот Балкан, практично се работи за Југославија минус Словенија плус Албанија. Со должна почит кон нашиот западен сосед, ама таквата Југославија е сепак битно послаба на демократски план од онаа со Словенија, а минус Албанија. Понатаму, веднаш ќе се отворат старите сомнежи – зошто воопшто требаше Југославија да се „растури“ ако еве веќе пак нѐ туркаат на овој или оној начин да ја, условно речено, реставрираме?

Да, упорно очекувам кога новинарите јавуваат за регионалата да ги ‘свртат’ овие прашања во светло на новоста или наводната новост. Притоа, посебно да обрнат внимание на сложеноста на оваа материја.

На пример, дали влегувањето на Словенија и Хрватска во ЕУ покажа дека тоа не можело да се направи со цела Југославија и во што е придобивката на ваквото поединечно влегување во ЕУ? Или, на пример, дали е време Процесот за соработка на Југоисточна Европа да почне да си ја работи својата работа, односно неселективно и инклузивно да развива мрежа од соработка реализирана во практика (наместо мрежа од состаноци), а да препушти на специјализирани интра- или интер- регионални форуми да се концентрираат на чекорите што балканските земји на ЕУ проширувањето треба да го направат за да ја реализираат таа своја цел? И дали тоа не е израз на несолидарност кога се прифаќа формулата за Западен Балкан и со тоа една балканска земја аспирант се остава надвор од тој процес?

Бидејќи, ако новинарите не ги отворат тие прашања или ќе останеме во заблуда дека регионалата е обично „билдање“ политички ‘мускули’ или ќе ги разговараме овие прашања најтесно поврзани со нашите национални интереси, само – без податоци што еден или група надворешно- политички уредници би можела да ни ги пружи.

(крај)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести