verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За празноверие и бабини деветини нема место во медиумите

on 22 - 11 - 2019       

[Рецензија: Работи кои носат сиромаштија: Никогаш не оставајте ги на маса]

Текстот што го рецензираме шири празноверие и бабини деветини, кои немаат апсолутно никаква врска со новинарство, ниту пак, со некаков јавен интерес.

Линк до оригиналниот напис: Работи кои носат сиромаштија: Никогаш не оставајте ги на маса

Датум и време на објавување: 06.11.2019

Датум на рецензирање: 14.11.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Едно од основните човекови права е тоа дека секој има право да верува во што сака. Но, доколку за верувањата се пишува во медиумите, тогаш едно од основните правила е од личните, прилично приватните концепти, да не се изведуваат генерални заклучоци. Особено не треба да се наметнуваат генерализирани ставови кои се пренесуваат како некое правило.

Токму тоа го имаме во овој напис. Се пренесуваат некакви обичаи и верувања кои се пласираат како научни факти и правила кои ако не се почитуваат, црно ни се пишува!

Постојат одредени работи што не треба да бидат на маса. Денес, ќе ви кажеме малку повеќе за нив да ве спасат вас и вашето семејство од сиромаштија.

Имено, текстот пренесува обичаи и верувања за масата на која се јаде, односно кажува што не треба да се прави и остава на масата за да не сме изгубеле пари и да не потонеме во сиромаштија!

Првото „правило“ е да не се оставала шапка на масата, бидејќи тоа може да доведе до големи расправии и неволји.

Луѓето кои намерно ставале капа на масата, дури ризикуваат да бидат истерани од куќата. Ако нема каде да го оставите, подобро да го чувате во вашите раце. Ова ќе го заштити вашиот дом од сиромаштија.

Шапката не се остава на маса каде се јаде од прости хигиенски причини, а не поради тоа што ќе бидете истерани од домот или ќе паднете во сиромаштија.

Понатаму, написот порачува дека валканите садови не требале да се оставаат да преноќат.

Пред спиење, секогаш треба да ги соберете сите валкани садови и прибор за јадење. Подобро е веднаш да ги измиете. Меѓутоа, ако ја немате оваа можност или желба, само пренесете ги во мијалникот. Во античко време, се верувало дека валканите садови на маса ако се остават да останат таму до утрото може да доведе до многу заболувања кај луѓето што живеат во оваа куќа. Затоа, подобро е да одите во кревет 30 минути подоцна, но одржувајте ја трпезата чиста.

Ако ги оставите валканите садови на маса само може да ви биде потешко да ги измиете утредента, бидејќи остатоците од храна ќе ви се закорават. Далеку од тоа дека ќе се разболите.

Текстот порачува и да не се ставаат перници на маса бидејќи ризикувате да донесете кавги во домот.

Некои од вас веднаш ќе прашаат: “Кој става перници на масата?” Всушност, има многу вакви случаи. На пример, кога чистите или ако ви падне на земји перница, за да не е на подот можете да ја ставите насекаде во брзање, вклучително и на трпезариската маса. Сепак, народните верувања велат дека никогаш не треба да направите такво нешто! Ако ставите перница на масата, ризикувате да внесете кавги во домот.

Перниците, исто како и шапките, не се оставаат на маса поради хигиенски причини, односно, поради ризикот од бактерии.

Понатаму следи уште еден совет, пропратен со заклучок:

Ако треба да ја избришете масата, направете го тоа со партал или сунѓер. Нашите глупави навики нè уништуваат. Исто така е добро да се знае дека не е добро да ја избришете масата со хартија. Ова ќе резултира во губење на многу пари во блиска иднина. Некои луѓе го превидуваат ова правило и потоа се прашуваат зошто постојано немаат пари.

Како бришењето маса со хартија навистина има врска со губење пари, сè уште не е докажано.

Целиот материјал, всушност, е пренесување на најобично празноверие и ништо повеќе. Оваа објава не може да се класифицира како новинарски текст, бидејќи во него ги нема основните новинарски елементи, а што е најважно, нема вест.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести