verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За млечните крави и за чесните радиодифузери

on 25 - 05 - 2016       

АВМУ досега најдиректно го адресира горливиот проблем со електронските медиуми и нивната блискост со власта Фото: Принтскрин
АВМУ досега најдиректно го адресира горливиот проблем со електронските медиуми и нивната блискост со власта Фото: Принтскрин

Што ги вознемири трите најголеми телевизиски куќи? И колку навистина има основа оцената на Агенцијата дека тие се ставиле во функција на промоција на една политичка опција и тоа во еден чувствителен политички момент и амбиент во Република Македонија – среде сериозна политичка криза, во околности на распишани вонредни парламентарни избори и во ситуација на крајно поларизирани и меѓусебно конфронтирани делови на македонското општество?

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Веќе нема дилеми – ММА И АВМУ се во отворена војна. Војната е вербална, но жестока и разврската нема да се случи лесно. Иако се бие на полето на медиумите, заднината е, како и секогаш, впрочем, кога се медиумите во прашање, политичка. Причината е најновиот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), некогашниот Совет за радиодифузија, како регулаторно тело во доменот на електронските медиуми во Република Македонија, од надзорот на изданијата на вестите на најголемите телевизиски куќи за периодот од 25 април до 4 мај 2016 година, период непосредно по распишувањето на вонредните парламентарни избори.

Во овој извештај АВМУ констатира дека трите најголеми телевизии, ТВ „Алфа“, ТВ „Канал 5“ и ТВ „Сител“, пристрасно известувале во полза на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, непочитувајќи ги професионалните стандарди за непристрасно и објективно прикажување на вистината, презентирањето на различни гледишта, почитување на човечкото достоинство, поттикнување на толерантноста. Зад оваа констатација се крие подетално елаборирање на прекршувањата на членот 75-б од Изборниот законик, во кој се вели дека од денот на распишувањето на изборите радиодифузерите не смеат за редовните активности на државните институции, органи и лица со јавни овластувања и функции да известуваат така што тоа известување да биде во функција на медиумско претставување на некој конкретен политички субјект. АВМУ утврдил дека трите телевизии го сториле токму тоа – пристрасно и фаворизирачки известувале за настаните, најавите и за настапите на функционери на ВМРО-ДПМНЕ и на други претставници на власта, односно дека известувале „во функција на изборно медиумско претставување на ВМРО-ДПМНЕ“.

 

ШТО ГИ НАЛУТИ ТРИТЕ НАЈГОЛЕМИ?

По ова следуваше жесток и арогантен одговор од ММА – Македонска медиумска асоцијација, против директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски, обвинувајќи го за несоодветно постапување при вршењето на своите надлежности во однос на медиумите во последниве неколку месеци:

„Го осудуваме делот од вашиот втор извештај од мониторинг на вести во кој на крајно ирационален начин, без никаков доказ и повод ги стигматизирате нашите членки, АлфаТВ, Канал 5 и Сител, како и нивните уредници за наводна усогласеност во уредувачката политика, што е невиден апсурд. Господине Трaјчевски, со оваа фиктивна констатација, токму вие го повредувате членот 61 став 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, според кој нашите уредници се независни, па според тоа можат да одберат која тема ќе ја третираат во своите вести.ММА смета дека почнувате длабоко да ги надминувате вашите ингеренции и дополнително си давате слобода за лично толкување и сопствена перцепција на законските акти,пришто неосновано осудувате одредени менаџери и медиуми-членки на нашата асоцијација“.

Ова се вели во писмената реакција на ММА, во која се најавува и судска разврска доколку директорот на Агенцијата, Трајчевски, продолжи со својот „организиран и недвосмислено директен упад во нашите уредувачки политики и притисок врз нашата работа“.

Што ги вознемири трите најголеми телевизиски куќи? И колку навистина има основа оцената на Агенцијата дека тие се ставиле во функција на промоција на една политичка опција и тоа во еден чувствителен политички момент и амбиент во Република Македонија – среде сериозна политичка криза, во околности на распишани вонредни парламентарни избори и во ситуација на крајно поларизирани и меѓусебно конфронтирани делови на македонското општество?

 

СИТЕ СЛОЖНО ЗА ПОДДРШКА НА ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ ЕКСПЕРТИ

Во својот допис тие тврдат дека Агенцијата се меша во уредувачката политика на медиумските куќи што се посочени во извештајот и во нивната независност во одлучувањето кои и какви содржини да следат и да обработуваат во телевизиските вести што ги емитуваат и дека не постои усогласеност на уредувачките политики помеѓу „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“. Сепак, доколку се погледнат поединечните извештаи на Агенцијата, за извршениот надзор над работата на секоја од трите телевизии за споменатиот период, може да се забележи исклучително високиот степен на совпаѓање на прилозите кои се емитувани во вестите, не само од аспект на избор на теми, следени настани, туку и во начинот на кој тие теми и настани се третирани. Сите тие прилози, пак, имаат една заедничка работа – во сите, претставувањето проекти, нови објекти, опрема, услуги или слично, го врши лично Никола Груевски или, пак, високи функционери од неговата партија.

Како карактеристичен може да се земе примерот со неколкуте предизборни настапи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во тој период, во кои тој промовира неколку проекти од изборната програма на неговата партија, кои се однесуваат на развојот на земјоделството. Еве како изгледа тоа, споредувајќи ги некои од содржините на ТВ-дневниците на трите телевизии:

СИТЕЛ: 25.04.2016: наслов на прилог: „Експерти: Најновата земјоделска мерка ќе донесе модерни фарми, поголеми приноси, зголемена добивка“;

АЛФА ТВ: 25.04.2016:наслов на прилог: „Со најновата владина мерка се заокружува циклусот за развивање на сточарството“;

КАНАЛ5: 25.04.2016: наслов на прилог: „Со нова мерка се заокружува циклусот на развивање на современото сточарство“.

Можеби може да се прифати аргументацијата дека сличноста на насловите е резултат на воедначеноста на стиловите во новинарскиот приод (иако се доста симптоматични), дека изборот на темата која тука се третира од страна на сите три редакции во ист ден произлегува од атрактивноста на предлогот (нова мерка која ќе внесе нов квалитет во важна гранка на производство на храна итн.), но не може да се занемари фактот дека во сите три прилози на истата тема случајно или, пак, намерно се забошотува еден од главните елементи на веста – кој предлага, кој најавува, кој промовира нови мерки во земјоделството? Се разбира дека во сите прилози промотор е Никола Груевски лично, но она што не се кажува во ниту еден од трите прилози на трите телевизии, најавени така да сугерираат дека се работи за мерка на Владата на Република Македонија, е дека мерката за развој на сточарството ја предлага премиер во оставка, а не актуелен премиер кој зборува за владини мерки, лидер на партија на власт која инсистира да има избори по секоја цена и тоа во ситуација на објавени парламентарни избори, на кои, тоа веќе во тој период е познато, опозицијата најавува дека нема да учествува.

 

ПАРТИЈА=ВЛАДА=НИКОЛА ГРУЕВСКИ!

Поради тоа, ваквиот пристап е сугестивен, пристрасен, крајно афирмативен и залажувачки кон публиката на која ѝ се обраќа. Таа од овие прилози треба да разбере дека: а) лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повторно работи во полза на развојот на државата; б) дека неговиот предлог повторно ги воодушевува експертите и како таков ќе биде дел од идните чекори на Владата и в) дека партијата е еквивалент на Владата, која е еквивалент на Никола Груевски!

Дека ништо во овие прилози не е случајно, спонтано, професионално одмерено и непристрасно, уште посликовито покажуваат содржините веќе на наредните изданија на ТВдневниците на трите телевизии, кои исто така се однесуваат на, во тие денови, „жешката тема“ за идниот бум на македонското земјоделство што го најавува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во име на владата:

СИТЕЛ: 26.04.2016: наслов на прилог: „Земјоделски советници ќе го забрзаат развојот на аграрот“

АЛФА ТВ: 26.04.2016: наслов на прилог: „Земјоделски советници: Поголеми приноси и повисока заработка“

КАНАЛ 5:26.04.2016:наслов на прилог: „Земјоделски советници за поголема вредност во земјоделието“

Да потсетиме, станува збор за една од мерките за развој на земјоделството кои се запишани во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, обелоденета во јавноста во настап на Груевски во својство на лидер на партија која се подготвува за избори, но објавена во овие медиуми како мерка на Влада, која ќе почне да се реализира во конкретен временски период и под строго прецизирани услови, па дури се најавува и донесување закон за тоа: („Се изготвува посебен закон со кој ќе се регулира системот за советување.  Секој земјоделец сам си го бира советникот. Едната група на советници ќе биде специјализирана да ги советува земјоделците  за почвата и растенијата односно плодовите од почвата. Другата ќе ги советува за добиток, пасишта и подобри приноси од добиток“, извор „Сител“) Никаде, во ниту еден од прилозите за кои станува збор, нема никаков облик на оградување во смисла дека овие проекти ќе се реализираат доколку партијата победи на изборите и биде дел од идната Влада. Ваквото грубо занемарување на фактите се нарекува спинување – извртување и тоа е очигледно правено во полза на една конкретна политичка опција, во случајов ВМРО-ДПМНЕ, што е забелешка и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Само за потсетување, наведениве примери се само по еден случајно одбран прилог во текот на два последователни дена на „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа ТВ“, за кои АВМУ проценила дека биле „во функција на изборно медиумско претставување на ВМРО-ДПМНЕ. Според АВМУ, само во надгледуваниот период и само во еден поединечен ден, вестите на секоја од овие три телевизии биле „збогатувани“ со слични производи на „независната уредувачка политика“, кои, случајно или не, секогаш биле фаворизирачки кон ВМРО-ДПМНЕ, Владата, експремиерот Груевски и неговите поблиски соработници! Било да промовирале квалитетни молзни крави, убавини на селскиот живот, нови кружни текови, куќи за млади или молерисани амбуланти, овие субјекти и нивните јавни настапи секогаш можеле да сметаат на благонаклонет, изненадувачки синхронизиран и прилично предвидлив третман кај трите најголеми телевизии.
На фактот дека трите телевизиски куќи во своите изданија на вести веќе со години ги промовираат и фаворизираат политиките и потезите на ВМРО-ДПМНЕ, власта во која таа партија игра доминантна улога и нејзиниот лидер, чијшто култ на личноста стрпливо се гради, меѓу другото и со вакви прилози, укажуваат и резултатите од проектот МОДЕМ (Мониторинг на демократијата во Македонија) на Институтот за комуникациски студии во Скопје. Еден од заклучоците од надзорот на информативните емисии, ТВ-дневниците и дебатните емисии на најголемите ТВ-куќи: МТВ, „Сител“, „Канал 5“, „Алфа“, „Телма“, „Алсат“, ТВ21 и „24 Вести“, гласи:

„Никола Груевски, Владата и ВМРО-ДПМНЕ се всушност едно исто“.

 

ПРИСТРАСНОСТ ИМАЛО, А ЌЕ ИМА И САНКЦИИ

Она што трите телевизии го нарекуваат „право на независна уредувачка политика“ со голо око може да се утврди дека повеќе наликува на оркестрирана поддршка во медиумското претставување, а тоа без многу заобиколување им го соопштија и од АВМУ во својата писмена реакција на обвинувањата и на заканите од Македонската медиумска асоцијација:

„На обвинувањата дека станува збор за „лично толкување“ и „слободна перцепција“ најдобро може да се одговори преку фактите – во конкретниов случај преку споредба на прилозите емитувани на трите телевизии врз основа на којa беше донесен заклучокот во извештаите. Впрочем, одговорните лица на овие три телевизии не би требало да се изненадени од ваквата оценка затоа што таа се потврдува и од поединечните извештаи за прекршување на член 75-б (достапни на веб страницата на Агенцијата), врз основа на кои Агенцијата покрена прекршочни постапки, а во кои се наведени само дел од емитуваните прилози.

Згора на тоа, во Вториот периодичен извештај на ОБСЕ/ОДИХР стои дека истите три телевизии имаат „сличен пристап во покривањето на вестите“ (Between 15 April and 11 May, the most popular private stations Sitel and Kanal 5, together with Alfa, displayed a similar approach in the news coverage…)“

Повеќе од очигледно е дека со ова АВМУ досега најдиректно го адресира горливиот проблем со електронските медиуми и нивната блискост со власта. Колкаво влијание ваквиот потег ќе има како врз уредувачките политики на „трите големи“ така и врз досега многу комотната позиција на Агенцијата, останува да го сочекаме продолжетокот на почнатата војна.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести