verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За македонско – српските односи: СТАРИ ИЛИ НОВИ ПОЛИТИЧКИ ОСКИ НА БАЛКАНОТ (1)

on 2 - 06 - 2014       
Plotna0002-final

Крпени ѕидови – горе: Скопје, долу: Врање. Фотографии: Christopher Robbins, 2007

Атина често зборуваше за својата безбедност од аспект на оската Скопје-Анкара. Дали е можеби дојдено време да зборуваме за „дијагонални оски“, какви што би биле: Атина-Софија, Тирана-Приштина и Скопје-Белград.

 

(Вториот и третиот дел од анализата можете да ги најдете овде и овде.)

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера/ополномоштен министер

 

Во малку постарата дипломатска публицистика многу омилена беше анализата или барем барањето насекаде некакви „оски“. Така, Атина често зборуваше за својата безбедност од аспект на оската Скопје-Анкара. Дали е можеби дојдено време да зборуваме за „дијагонални оски“, какви што би биле: Атина-Софија, Тирана-Приштина и Скопје-Белград. Првата е логична поради заедничката припадност во ЕУ, додека втората е „природно партнерство“ на „еден народ во две држави“. Но, зар не би било сосема егзалтирана оценката за логичноста на оската Скопје-Белград ако се има предвид дека токму односите со Србија беа мошне сериозен акцент на изборните кампањи уште од раните 90-ти години, а дека самостојноста на Македонија на меѓународен план се гледаше и како „оддалечување од Белград“? Во „обвинувањата“ ќе чуевме дека за овие прашања не само што не се зборува, туку и дека редица работи свесно се премолчуваат, сѐ во функција на криење од јавноста на попустливата и непринципиелна политика спрема Србија, а на наша штета.

Дали нешто се променило на тој план или можеби сега пак се молчи, ама од некои други причини? На пример, впечатливо е дека промената на премиерската позиција во Србија, од Дачиќ кон Вучиќ, практично не поттикна посериозни анализи во медиумите или, пак, посериозни прогнози за тоа дали и евентуално како би се одразила таа промена на односите на двете држави. По, условно речено, западен терк, на 01.04.2014, Дојче Веле пренесува подолго интервју со Вучиќ токму насочувајќи го разговорот во посочениот правец. Сепак, тој ја споменува Македонија само на две места:

„(…) ДВ: Србија го остави зад себе времето на војни и судири со соседите?Вучиќ: Апсолутно е така. Србија ќе ги чува мирот, својата стабилност, но е заинтересирана и за стабилноста на целиот регион. Затоа веднаш понудивме помош кога избија нередите во БиХ. Не сакаме нереди ни во Македонија. Сакаме политичка и економска стабилност на целиот регион. (…)

 

ДВ: Вие немате никакви отворени прашања со Македонија?Вучиќ: Немаме, тие односи се добри. Добри односи имаме и со Грција, а тоа важи и за Црна Гора, со која имаме сѐ подобри односи.(…)“

Дури и на директното прашање за Македонија Вучиќ веднаш се префрла на Грција, односно Црна Гора. Веднаш се наметнува прашањето дали тоа индицира определена перспектива на Вучиќ спрема Македонија или можеби се навикнавме на елоквентната екстензивност на двоецот Дачиќ-Мркиќ кога беше во прашање Македонија. Или, пак, едноставно со Македонија се нема спорни или отворени прашања. Впрочем, на таа линија е дури и напишаното во ноторната „Википедија“ каде само спорот МПЦ-СПЦ се третира како такво нешто. Ако е навистина така, тогаш, се чини, сосема оправдана целноста на фрекфенцијата на контакти на македонските и српските власти, кои на своевиден начин кулминираат со заедничка седница на владите. Таква е и февруарската посета на министерот за надворешни работи Никола Попоски за што на сајтот на МНРќе биде објавено дека:

„Денес [21.02.2014]министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски е во официјална посета на Република Србија во  рамките на која покрај средбата со својот хомолог, министерот за надворешни работи, Иван Мркиќ оствари средби и со претседателот на Р. Србија, Томислав Николиќ и претседателот на Владата на Р. Србија, Ивица Дачиќ. Посетата беше во  функција на јакнење на целокупните односи меѓу двете земји. Воедно, беа разменети мислења за актуелните политички  состојби  во  Регионот и можностите за нивно унапредување.“

На средбите станало збор и за „возвратна заедничка седница на Владите планирана да се одржи во Скопје во втората половина на 2014 година“. Можеме да се потсетиме на веќе реализираната заедничка седница преку Глас на ВМРО кој на 03.06.2013 година вака ја најави Заедничката владина седница Македонија-Србија:

„Македонија денеска ќе одржи прва заедничка владина седница со друга држава. Дел од министрите предводени од премиерите Никола Груевски и Ивица Дачиќ денеска во Белград ќе одржат заедничка пленарна седница. Исто така предвидени се и одделни средби помеѓу ресорните министри, Зоран Ставревски, Владимир Пешевски, Никола Поповски, Гордана Јанкуловска,  Диме Спасов, Иво Ивановски, Никола Тодоров и заменик министерот за животна средина Стево Темелковски со нивните српски колеги. (…) Ова е прва ваква средба за македонска влада до сега, но е познат формат на односи меѓу државите, особено кога станува збор за унапредување на релациите. Македонија упати иницијативи за вакви средби до сите соседни држави, од таму има позитивна реакција, но за сега нема прецизиран период кога би се одржале. Седницата со Србија беше најавена уште во Јануари за време на посетата на Дачиќ на Македонија. Заедничка владина седница беше дел и од договорите со Бугарија. Истото е договорено и со албанската влада, како и со Косово. Додека српската влада  заради големото искуство за вакви средби најбрзо ја подготви оваа седница, течат договорите со другите владини тимови во насока на подготовка за нова заедничка средба со друга соседна влада, но за сега нема можност за подетално прецизирање на времето. (…) Планирана е и средба со претседателот Томислав Николиќ.“

Ваквите официјални интонации можеби би биле целосно разбирливи, па дури би можеле и целосно да се апстрахираме од постарите партиски изнесувани ставови, кога не би се погледнале јавувањата на „тврдите струи“ по интернет форумите, а кои нема да ги наведеме со цел да не бидеме погрешно разбрани како поттикнувачи на некултурно изразување и навредливи формулации. Во секој случај, од нив е видливо дека најверојатно „комуњари“ и „србомани“ се, всушност, синоними од највисок ранг и дека истиве две, една или повеќе категории никако не можат да се одвојат од Белград … Се разбира дека и оваа сфера е подложна на промени, а што можеме да го погледнеме и преку една анкета, за која на 21.12.2013 г. јавуваат ЕВести. Ако ги издвоиме само објавените податоци за односот кон Србија, произлегува дека тие „тврди струи“ воопшто не се многубројни. Имено:

„(…)Односите со соседите се важни за Македонија, според големо мнозинство од 93,2  отсто на граѓаните. Од петте соседи, граѓаните ја перципираат Србија (42,5%) како најпријателски сосед, (…).Ова го покажува истражувањето за ставовите на граѓаните за односите на соседите со Македонија спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија (ИДСЦС). Испитувањето на јавното мислење е направено преку теренска анкета во периодот 15 ноември до 1 декември годинава на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници со +/- 3 % грешка. Како што е посочено во извештајот од анкетата, граѓаните на Македонија ги оценуваат сегашните односи со соседите со 0,11 на скала од -5 до 5. (…)Прашани посебно за секој сосед, граѓаните на Македонија ги имаат следните перцепции за пријателското или неутрално однесување: Србија (87,1 %), (…). Од анкетата се констатира дека во последните пет години најмногу се подобрени односите, според перцепциите на граѓаните, со Србија (20,6 %) (…). – Најдобри лични искуства, најмногу ја познаваат историјата и културата и најдобро мислење етничките Македонци имаат за Србија, а етничките Албанци за Албанија, се додава во соопштението. Етничките Македонци имаат најдобри лични искуства со Србија (52%), најмногу ја познаваат нејзината историја и култура (51,9 %) и за неа имаат најдобро мислење (63,7 %). (…) Најмногу граѓани (39,3 %) сакаат еднакво добри односи со сите соседи, а потоа најблиски односи со Србија посакуваат 19,6 %, (…).“

Дали е ова доволно да донесеме определени заклучоци? Одговорот би морал да биде категорично – не. Имено, иако максимално широко познат принципот audiatur et altera pars, новинарите не се решиле да понудат слична таква анкета која би ни покажала како Србите ја доживуваат Македонија. Можеби нема (што е сосема малку веројатно), но, ако е така зошто не е наведено? И впрочем, доколку нема, тогаш би се очекувало да се најде друг начин да „ѕирнеме од другата страна“. Еден дипломат не ретко е ставен во таква позиција и токму од тие причини се бараат заобиколни, а, сепак, легални начини. Таков начин е примената на принципот на реципроцитет, а за чиј облик на преземање определени активности зборувавме во контекст на кратката Македонско – косовска трговска „војна“. Меѓутоа, многу посуштинска примена на овој принцип, а кој што корелира со принципот audiatur, е неговиот аспект на – еднаквост. Не буквална, туку материјална еднаквост. Да погледнеме како тоа би изгледало од перспектива на македонско – српските односи.

 

(продолжува)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести