verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За македонско-албанските односи: што е проблемот или „проблемот“ со Луково Поле

on 17 - 02 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
2856401923_f36af3228b_z

Албнско-македонска граница на Охридско езеро. Фото: Daniel Zolli, 2008

Кога Македонија може да биде предмет на меѓународна тужба во однос на Луково Поле, ако и воопшто може? Како тоа „министри во Владата на Македонија“ велат дека нема да дозволат овој проект да се реализира, иако претходно во повеќе наврати истите тие „министри во Владата на Македонија“ ја промовирале пред јавноста идејата за овој проект? За многу краток период овој проект станува меѓудржавен проблем, па дури и предмет за меѓупартиски престрелки, како во албанскиот, така и во македонскиот парламент!

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера и ополномоштен министер

 

Новинарството и дипломатијата имаат една огромна заедничка точка: Споредбата. Ако новинарот известувач за меѓународните односи заборави на неа – не може да претендира на објективност. Ако дипломатот заборави на неа – не може да зборува за реципроцитет, инаку најфундаментален меѓу базичните инструменти посебно на билатералната дипломатија.

Далеку од тоа дека нејзиното височество Споредбата е конечниот заклучок на една новинарска, дипломатска или политичка мисла. Напротив, ако се каже дека во светот така се прави – и ние така ќе правиме или: штом во Албанија така прават и ние така ќе правиме, единствено што се постигнува е – бесмисленоста. Меѓутоа, доколку практиката се сврти од глава на нозе – доаѓаме до најголемата величина на нејзиното величество Споредбата: можноста да се дојде до објективни, фактографски засновани мислења.

 

Што е потпишано за Луково Поле: европски договор, директива, договор или декларација?

 

Во случајот со јавувањата на македонските медиуми за проектот за вештачки, хидроенергетски езера на Луково поле каде би се собирале корабските води – тоа очигледно не е така. Практично, со чест на неколку исклучоци, нејзиното височество Споредбата речиси да изостана. А, случајот, пак, овозможува споредби од најразлични видови и најразлични нивоа. Дури и на терминолошки план, под услов да се имаат барем минимум познавања за материјата.

Во јавувањето на Слободен печат, на пример, каде уште во насловот се констатира дека може да се дојде и до „меѓународна тужба“, заканата кулминира со:

Македонија пред три години има потпишано европски договор според кој Албанија може да поведе меѓународна тужба поради изградбата на проектот „Луково Поле“, тврдат албански политичари и експерти. Договорот во рамките на легислативата „Директива 2000/60“ го потпишуваат сите земји членки и кандидати, а со него се регулира заштитата на животната средина и режимот на користењето на водите. Договорот е потпишан на 18 април 2011 година во Охрид и забранува речниот тек на реките да биде нарушен од човечки активности и мора да се дозволи природна миграција на водните организми и седиментите. Тоа ако не го знаат, нека ја прочитаат точка 1.2.1. од Декларацијата и нека размислат дали ќе го градат „Луково Поле“. Во спротивно, нека се подготват за меѓународна тужба – велат активистите од Асоцијацијата за заштита на Радика од Тирана.“

Надвор од другите „предизвици“ во овој напис, најелементарната терминолошка споредба укажува дека авторот, можеби во функција на неповторување на исти зборови (инаку сосема издржано новинарско правило), за еден те ист акт, во вкупно 130 збора, употребил четири термини: европски договор, директива, договор и декларација. Од тој акт, како правна основа, според цитираните, произлегува и можноста на Македонија да ѝ биде поднесена меѓународна тужба. Меѓутоа, доколку тоа се случи врз основа на изјава, или изјава на волји, или поинаку кажано – декларација, тоа ќе биде веројатно преседан. Ако и се најде таков случај – извесно е дека таква пресуда нема и – не може да има.

Ниту директивата не може да биде основа за меѓународна тужба. Имено, како и секој друг меѓународен инструмент, и директивите на ЕУ се правно обврзувачки само за оние кои се тнр. „договорни страни“. Ако немало нагли промени последниве денови – Македонија сѐ уште не е членка на ЕУ.

 

Министри кои еднаш го поддржуваат, другпат го напаѓаат проектот

 

Договор, еве нека и биде и европски договор е веќе друга категорија и може да стане правно обврзувачки, а со тоа и да биде основа за „меѓународна тужба“. Но, за да се случи тоа, не е доволно тој договор да биде потпишан (а, што често се поткраднува како грешка и не само кај новинарите). Имено, согласно нашиот правен систем тој договор мора да биде ратификуван. Значи, ни оддалеку не е доволно некој наш министер да го потпише; не, туку мора нашите пратеници во строга парламентарна процедура да го усвојат и на тој начин тој договор да стане и наш закон или – ратификат.

На слична, ако не и иста линија на известување зафаќа и Плусинфо пренесувајќи ги видувањата на „Разбуди се“:

„Граѓанското движење „РАЗБУДИ СЕ!“ ги поддржува протестите на дебарчани и на граѓаните кои се противат на промената на природниот тек на реката Радика за потребите на проектот „Луково Поле“, велат од ова граѓанско здружение. „Сметаме дека реализацијата на овој проект е невозможна поради фактот што тоа не го поддржуваат граѓаните, но истовремено бара и меѓународна согласност од сите засегнати страни, но и поради фактот што министрите во владата на Македонија се построија со гласовите против. Земајќи го ова предвид, овој проект нема да се реализира никогаш, но граѓанските реакции не треба да сопрат се додека овој проект не е целосно отфрлен“, нагласуваат од ова граѓанско.“

Единствената вистинска разлика е наведувањето некаква „меѓународна согласност“, додека во обете јавувања се нагласува дека „министри во Владата на Македонија“ нема да дозволат овој проект да се реализира. Меѓутоа, ако ние го споредиме ова тврдење со некои други јавувања, можеби малку збунувачко е дека токму „министри во Владата на Македонија“ ја промовирале пред јавноста идејата за овој проект. Уште на 31 мај 2013 година, преку ВебОхрид може да се стигне до тоа дека проектот го промовирал…:

„Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска на средба со претставници на мисијата на Светската банка ги претстави реализацијата на проектот Луково Поле, статусот на изготвување на Извештајот за приоритетна енергетската инфраструктура, како и за реализацијата на ГЕФ Проектот за одржлива енергија и на Националната програма за енергетска ефикасност на јавни згради до 2019 година (прва фаза). Претставниците на СБ, Ласло Ловеи, директор на Секторот за одржлив развој на банката во Вашингтон и Татјана Проскурјакова, директор на Канцеларијата на СБ во Македонија укажале дека за Луково Поле, што треба да се финансира со кредит од Светска Банка, е добар проект и оти неговата реализација е во заеднички интерес.“

И повторно, некои пет месеци подоцна, наш медииум јавува за тоа дека „министри во Владата на Македонија“ продолжуваат со развивањето на проектот. Според Сител:

„Во просториите на локалната самоуправа во Дебар претставници на Светска банка, ЕЛЕМ и неколку министерства одржаа заедничка средба со претставници на дебарската локална власт и на граѓански организации, околу проектот „Луково Поле“. На денешната јавна расправа поврзана со овој проект, претставници на ЕЛЕМ, Светска Банка, Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање, на жителите на Општина Дебар им го презентираа проектот Луково Поле и првичните наоди од Студијата за влијанието на животната средина. Целта на средбата беше да се доближи проектот до жителите на општината и да се разговара за сите проблеми и евентуалната загриженост на населението во регионот за влијанието на Луково Поле врз животната средина.“

Од оваа споредба, јас како читател останувам збунет: дали тоа „министри во Владата на Македонија“ го промовираат и туркаат овој процес или тие исти „министри во Владата на Македонија“ нема да дозволат проектот да се реализира за Македонија да не добие „меѓународна тужба“!?? И, исто така, дали меѓународниот фактор на чело со Светската банка стои зад овој проект или со сите сили се труди да го попречи овој проект. Имено, ако и можеле некако да бидат „излажани“ на почетокот или барем за време на првичната промоција во мај, белки не било можно пак да бидат излажани и да присуствуваат на средбите со локалните луѓе и организации во октомври месец минатата година!?? Па, дури и нивните претставници да даваат изјави како онаа на која се повикува Сител:

„Претставникот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Мохиндер Гулати, појасни дека се разгледуваат сите детали и проектот се дизајнира од домашни и меѓународни експерти.

– Се разгледуваат сите аспекти. Се настојува влијанието врз животната средина да биде на минимум. Ќе се почитуваат сите билатерални и меѓународни договори и стандарди. Ќе се подготви драфт верзија која ќе биде дадена на увид на сите. Околу проектот ќе продолжи комуникацијата, вети Гулатим.“

Но, можеби најмногу збунува отсуството на информација за тоа во што е проблемот? Дали во Албанија и другите балкански земји нема такви акумулациони езера, односно само Македонија решила да се впушти во таква „авантура“, па макар тоа било со спротивставување, било под надзор и со финансии на меѓународниот фактор и посебно Светската банка?

 

Проблемот на Луково Поле и купот хидроцентрали низ целиот Балкан

 

Извесно е дека во обете посочени јавувања, на ОхридВеб и Сител, станува збор за загрижи на локалната заедница, но, со ништо не се навестува дека од тие загрижи може да се изроди меѓудржавен спор или барем некакви тензии меѓу Македонија и Албанија. Сепак, за многу краток период овој проект станува меѓудржавен проблем, па дури и предмет за меѓупартиски престрелки, како во албанскиот, така и во македонскиот парламент! Е, требало случајот да добие такви димензии за да се случат, условно речено, два исклучоци, односно во два медиуми да се направи некаква споредба. Имено, во релативно обемна статија во Дневник од 25 јануари 2014 г. може да се најде следнава реченица:

„Нашиот западен сосед дури 70 отсто од своето производство на електрична енергија го обезбедува токму од хидроенергија. Во Албанија на реката Дрим има три каскадни хидроцентрали – „Фиерза“, која е втора по големина на Балканот, по онаа на Дунав, потоа ХЕЦ „Kоман“ и ХЕЦ „Вау те Дејес“.“

Меѓутоа, веќе во наредното јавување за овој проект Дневник, на 31.1.2014 г. продолжува со дотогашниот пристап што некој би можел да го квалификува како апологија на делувањето на македонската Влада.

Другиот медиум, а кој, всушност, се инспирира и се повикува на странски медиум, е 24 Вести, но, акцентот на емисијата практично оди во сосема друга, практично внатрешно-политичка насока:

„Од еколошки во меѓудржавен проблем – зошто прашањето за изградба на клучните енергетски проекти „Бошков мост“ и „Луково поле“ се проблематизираше и во Тирана. Проектот за реализација осамна и на страниците на германски Шпигел. Аргументите за и против изградбата – во новото издание на Тренд.“

Всушност, се работи за статија во Шпигел каде е поместена, меѓу другото, и карта на Балканот со хидроцентрали. Просторот од северните делови на БиХ па сѐ до југот на Албанија е полн со „црвени точки“! Надвор од другите аспекти, за прв пат можев да го видам нејзиното височество Споредбата на дело.

Пред да прејдеме на она што значи експертска помош на новинарот, да погледнеме уште едно прашање од македонско – албанските односи.

 

(Продолжува)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести