За личните имиња и за личностите
Објавено во Новинарски лекции
on 7 - 04 - 2016 Автор: Лилјана Петрушевска
Од невнимание, погрешна транскрипција до тенденциозност – сè може да сретнете при употребата и при пишувањето на личните имиња во медиумските производи, но тоа што како новинари авторите мора да го знаат е дека личното име е идентитет, па токму затоа мора да биде подложено на внимателна проверка, за да не се создаде конфузија во јавноста, како и за тоа новинарскиот производ да биде сфатен сериозно
Пишува: Лилјана Петрушевска
- Јакимовски: Ванхојте да се прогласи за PERSONA NON GRATA!
- Европосредникот за спроведување на договорот од Пржино, Питер Ван Хут, утре ќе го работи последниот ден на оваа функција, а понатаму во Македонија треба да остане како независен консултант.
- Пет новинарски и медиумски организации денеска во Собранието го доставија Предлогот на европскиот медијатор Питер Ван Хауте за итна измена и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
ВАНХАУТЕ/ВАН ХОЈТЕ/ВАН ХУТ
Питер Ванхауте, Петер ван Хојте или Ван Хут? Не секогаш му е лесно на новинарот да спроведе соодветна транскрипција на името на личноста за која пишува. Лекторот е тука да асистира, да ги постави клучните прашања: од кое говорно подрачје е личноста и како се пишува неговото име во тоа говорно подрачје. Понатаму е лесно: ако знаеме дека станува збор за Белгиец, како што е во случајот, и ако од некој веродостоен извор осознаеме како се пишува името во говорното подрачје од каде што потекнува личноста, сè што треба да се направи е да се транскрибира соодветно според правилата на „Правопис на македонскиот јазик“ за конкретниот јазик.
Така, во случајов, ако го земеме предвид личниот твитер-профил, ќе дојдеме до заклучок дека Peter Vanhoutte е Белгиец, па неговото лично име транскрибирано со македонска кирилица би било „Петер Ванхауте“. Имено, во посоченото помагало за транскрипција, за холандскиот јазик, кој се зборува и во дел од Белгија, стои дека „дифтонгот ou се предава со ау“, дека „удвоените согласки редовно се предаваат со една“ и дека „согласката v во почетна позиција се предава со ф“, но дека „по традиција ја предаваме со в“. Ова се, всушност, правилата што во конкретниов случај треба да се имаат предвид при транскрипцијата на посоченото лично име.
Зошто, ако се има предвид колку е едноставна оваа постапка, и понатаму во медиумите среќаваме различно напишано лично име за една личност? Да, понекогаш се работи за невнимание, понекогаш за недостиг од знаење како да се направи соодветно транскрипцијата, но понекогаш, како што се забележува во посочените примери, можеби се работи дури и за тенденциозност. Како поинаку ќе го протолкува читателот тоа што медиумот зазел страна при известувањето, иако тоа според сите правила на новинарскиот занает е крајно непрофесионално, па уште и името на личноста за која се пишува се користи за да се создаде некаква омаловажувачка алузија?
Ако ја занемариме тенденциозната, што произлегува од неправилно напишаните лични имиња? Ова прашање треба да си го постави секој новинар кога пишува за одредена личност. Само една погрешна буква во личното име тежи, всушност, колку друго лично име, а тоа е еднакво на друг идентитет. Личното име е идентитет, нели? Тоа значи дека новинарот не пишува за оваа, туку за онаа личност, односно – дезинформира.
ГРУЕВСКИ/ГРУЈОВСКИ/ГРУЈЕВСКИ
Ама, примери со повеќе имиња за една личност, за жал, во македонскиот медиумски простор се среќаваат дури и кога се пишува за личности што се дел од македонската јавност, односно за чии имиња не е потребна дури ни транскрипција.
- СЈО поднесе жалба на одлуката на Кривичниот совет за куќниот притвор на Горан Груевски
- Горан Грујовски излегува од притвор: Судот донесе нова одлука по жалбата против притворот
- Аплелација пред одлука за Горан Грујевски
Како што може да се забележи, посочената личност во различни медиумски објави се пишува со различно презиме, а тоа во никој случај не може да се припише на грешка во транскрипцијата зашто, очигледно, се работи за типични македонски име и презиме. Тоа што во овој пример е проблем за авторите на текстови што го следат овој случај, најверојатно е фактот што за името и за презимето на посочената личност нема достапна белешка од институциите на системот. Попрецизно, за личноста се знае дека бил раководен кадар во т.н. Петта управа во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР, но на официјалната веб-страница на оваа институција никаде не е забележано тоа, односно личноста не е посочена со име и со презиме. Друг факт што ѝ е познат на јавноста е дека тој е осомничен од Специјалното јавно обвинителство, но ниту во објавите на обвинителството за случајот, ниту, пак, во одлуките на надлежниот суд не е напишано неговото лично име и презиме, туку е посочен со иницијали. Тоа што им преостанува на новинарите е да се повикаат на свои извори во овие институции кои би го потврдиле точното име и презиме на личноста за која се пишува или, пак, на постари медиумски објави, притоа водејќи сметка за можноста и тие да направиле грешка. Како и да е, пред да се пишува за одредена личност, како во случајов, новинарот треба докрај да ги исцрпи можностите во потрагата по точен податок зашто така наложува професионалноста. Читателот, можеби, ќе се посомнева дека „Горан Груевски“ е во некаква роднинска врска со поранешниот премиер Никола Груевски, а новинарот не смее да дозволи неговиот новинарски продукт да создава алузии, да внесува забуна или, пак, да дезинформира, а сосема непрофесионално е и да си дозволи читателите да се посомневаат дека тој во веста е тенденциозен.
Еве уште еден сличен пример во врска со личност што ѝ е добро позната на македонската јавност:
- Поповски на средба со генералниот директор за проширување на НАТО;
- Министерот Поповски во посета на Пустец;
- но Попоски: И покрај сите предизвици Македонија успешно се справува со мигрантската криза.
Во последниов случај, ако ја имаме предвид веб-страницата на Владата на РМ, немало да се направи грешка, па за министерот Попоски, да се пишува како за „министерот Поповски“, особено ако се земе предвид дека и еден друг политичар од земјава го носи токму тоа презиме (со „в“) и има идентично име.
Во македонските медиуми се случува дури и еден ист медиум за истата личност да употреби различно презиме:
- Телма: Љубе Бошкоски имал отоци на рацете и по 10 дена од апсењето
- Поддржувачи на Љубе Бошковски протестираа за негово итно ослободување
Па, додека во последниот случај, имено во врска со Љубе Бошкоски, очигледно е дека се работи за невнимание при пишувањето, во другите случаи разногласието е продукт од недоволна проверка на податокот.
Ниту едното, ниту другото, се разбира, не се оправдување за името на личноста да биде различно напишано во различни, па дури и во ист медиум. Тоа што како новинари авторите мора да го знаат е дека личното име е идентитет, па токму затоа мора да биде подложено на внимателна проверка, за да не се создаде конфузија во јавноста, како и за тоа новинарскиот производ да биде сфатен сериозно. Сè друго освен вистинското име на личноста, напишано точно до последната буква, на некој начин, е дезинформација. Оттаму, новинарот е должен да го провери личното име на личноста за која пишува и правилно да го употребува за на ниту еден начин да не ризикува дека во јавноста пласира неточна информација.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).