verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

За ад хок телото – за веднаш создадениот проблем, од конкретната ситуација

on 29 - 08 - 2016       
„Дискаџиски“ решенија за носителите на јавниот интерес. Фото: Гугл
„Дискаџиски“ решенија за носителите на јавниот интерес. Фото: Гугл

 

Евалуацијата и надзорот се потребни во секоја професија доколку таа се стреми да се развива и да одговори на своите предизвици. Ова особено доколку е јавна професија како новинарството. Критиката за работата на новинарите, било да е позитивна или негативна, влијае на професионалниот и моралниот развој на новинарот, на развојот и на зголемувањето на степенот на нивната општествена одговорност. Од досегашната евалуација на работата на македонското новинарство, може да се каже дека тоа многу тешко ја исполнува потребната деонтолошка улога во општеството. Ова го потврдува моралното и професионалното ниво во кое таа се наоѓа во моментот, во согласност со сите светски стандарди и индикатори

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Таков е и последниот случај од „поголемите турбулентни поместувања“ во медиумската сфера, а поврзани со политичките договори и натегања во државата со странските посредници – ад хок телото за надзор на медиумите 100 дена пред изборите, т.е. привремената комисија за следење на медиумското преставување за изборите. Цела една низа од прашања и дилеми поврзани со создавањето, начинот на функционирање и реалноста, во која ова тело ќе треба, освен својот трон (од 80.000 денари месечен хонорар), да ја покаже и моќта, а кои, како што е практиката, кај нас ќе останат во добар дел неодговорени, неразјаснети, со многу прашина, а премалку видливост на резултатот. Особено ако се знае дека во македонската јавна сфера од вакви и слични работи се прават меганастани за да се протне она што и физички не е можно да се протурка на мала врата. А што е тоа, само времето и добрата волја на партиите ќе го покаже во наредниот период!

Голем е бројот на дилеми што се јавуваат без разлика дали сте експерт или, пак, дел од јавноста и тоа почнувајќи од дилемите дали неговото создавање е обид, бај-пас или шминка да покажеме дека сме на добар пат да создадеме услови за реформи во медиумската сфера; дали петтиот член ќе се избира заради професионалноста и етичноста во досегашното работење или заради формулата „три плус два“ во надгласувањето и каква е улогата и нужноста на мултиетничноста во оваа комисија; колку беше вистинит обидот за незаинтересираност на политичките партии од албанскиот блок за петтиот член, или провиден откако го одбија предлогот за Ајдини и за Сарачини, ако се знае кој на каде сега натега и со какви аргументи… Исто така, неодминливи се и дилемите околу изборот на опозицијата кој беше преку конкурс, а позицијата даде две имиња без јавен повик и дебата за тоа колку изборот е кадарен и професионален без учество на ниту еден експерт од медиумската сфера… За потребите на оваа анализа ќе се осврнам само на дел од нив.

 

БЕГСТВО ОД СУШТИНСКИТЕ ОДГОВОРИ

Имено, без разлика на типот на одговор по прашањето како се роди идејата за создавање на вакво тело, па сè до заплеткувањето во правната регулатива околу неговото функционирање, се чини дека на крајот повторно доаѓаме до сознанието дека истото е форма на бегство од давање суштински одговори за потребата од медиумска реформа во Македонија: „ова тело ќе биде проформа и тело кое дополнително ќе го кочи системот… Се воспоставува вештачки насадено тело меѓу стручните служби и Советот на АВМУ. И наместо АВМУ да се департизира, неговата работа се комплицира. Ова е уште еден пример за деинституционализирање на системот“, потврдува и Жанета Трајковска од Институтот за комуникациски студии.

Во ваква ситуација, ако се знаат и веќе објавените новини од методологијата по која истото ќе работи, можеме ли со право да тврдиме дека неговото создавање значи дека сме на добар пат да создадеме услови за реформи во медиумската сфера? Јас, барем, не наоѓам издржани одговори и тези дека тоа е така затоа што премногу двосмислени и смешни се изјавите во однос на оставањето простор за адаптација на медиумите на почетокот на надзорот, затоа што тоа значи директна повреда на основните професионални правила на игра во оваа дејност – или постапувате професионално или не! Трето нема, а простор за приспособување се прави уште во универзитетските клупи, попознат под името „практичка“ или „клиничка“ настава! Навредата е повеќе од јасна.

Исто така, како што неколкупати претходно објаснував, како на јавноста ќе ѝ објасните дека ќе треба да толерира девет грешки за десеттата да биде санкционирана, без притоа да ја навредите истата играјќи на картата „сè беше пробно“. Исто како на крадец да му кажете дека претходните девет кражби му се лесни и простени, но десеттата ќе биде тешка (ако не е доволно паметен и ја направи). Зошто? Затоа што во последната ќе понесе одговорност и за претходните девет? Нејсе, ваков аморал е само јавен повик за несовесно однесување во сите сфери на заедничкото живеење, особено затоа што се работи за јавна дејност со јавен морал кој преку практицирањето на вакви неиздржани и сосема погрешни примери ќе иницира масовност во аморалноста, а истата кому како ќе се преведува како грејс-период во дејноста што ја работи. Уште повеќе ако се знае дека и казните се намалени за половина!

 

НОНШАЛАНТНИОТ ОДНОС КОН ПОРТАЛИТЕ

Слично се прави и во однос на методологијата во согласност со која интернет-порталите ќе бидат изземени од надзорот, „поради тоа што во Македонија нема регистар на портали и затоа што, според евиденцијата во Централниот регистар, на најголем дел од порталите не им се знаат сопствениците, ниту кој ја креира уредувачката политика. Поради тоа, под мониторинг ќе бидат само телевизиите и радијата.“ Смешно, а сѐ повеќе и трагично, но вистинито, ако се има предвид дека најголемиот процент на иницијални каписли за ширењето на говорот на омраза, фабрикуваните соопштенија, рекла-кажала информации и шпекулациии… доаѓаат токму од овие извори, кои сѐ уште наоѓаат добро трасиран и подготвен пат да се помине неказнето! Но, сепак, „од АВМУ соопштија дека во консултација со меѓународни организации одлучиле да не ги следат интернет-порталите, бидејќи нема јасна дефиниција за тоа кои електронски медиуми спаѓаат во категоријата „интернет-портал“. Од агенцијата посочуваат дека во Македонија нема регистар на интернет-портали и оти и во меѓународната практика не се врши надзор над нив.

Сумарно, дали ова ад хок тело е со идеја да биде противтежа на Агенцијата и покажува ли истото колку АВМУ е партизирана за политички да се носи одлука за креирање на тело кое ќе гарантира за вистинитоста, објективноста и најмногу избалансираноста во известувањето? Особено последното, ако се знае дека избалансираност без објективност, а особено без вистинитост, ќе донесе само говор на омраза и други аморални практики во новинарското известување, а оттука и пошироко во јавниот дискурс? Или по примерот, „дискредитираниот им порачува на своите дискредитори да не го дискредитираат веќе одамна дискредитираниот“: „Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) преку соопштение реагира на ставовите изнесени во врска со изборот на петтиот член на ад-хок комисијата за мониторинг на изборното медиумско известување… и бара од партиите да престанат со волунтаристички оценки за стручноста на регулаторното тело… Всушност, токму договорот меѓу четирите партии со кој се формира Привремената комисија, претставува директен упад во независноста на регулаторното тело.

 

НОВИНАРИ ЗА ЈАВНОСТА ИЛИ ОДНОСИ СО ЈАВНОСТА ЗА ПОЛИТИКАТА?

Оттука и новата дилема која се отвора: кој тоа ќе ги избира и на основа на кои компетенции? „Се очекува дипломатите да извршат притисок врз членовите на ад хок телото на оваа функција да биде поставен експерт. Според неофицијалните инфомации, меѓународниот фактор во земјава уште вчера се вклучил во процесот“, што само укажува колку политичкото и партиското се во очајна состојба провизорно да се создава едно вакво тело, кое ќе ја нема целата своја сила во однос на избалансираното и објективно известување, туку превез за обидот „се договоривме нешто“, па макар и на штета на граѓаните, што моја претпоставка е дека како краен резултат ќе создаде обратна слика со своето постоење во однос на излезноста на гласањето.

Дека тоа е така, потврдува и убеденоста „дека овие решенија не само што нема да ја подобрат состојбата со слободата на медиумите, туку уште повеќе ќе го партизираат медиумскиот систем. Со овие законски измени партиите сакаат да ја измамат јавноста дека прават реформи во медиумите… Новинарските организации на состанок со раководството на опозицискиот СДСМ, на 4 август категорично одбија да учествуваат во консултациите за ад хок телото и во изборот на главен уредник на МТВ…“.

Докрај изведена тезата, се поставува прашањето за вистинската објективност на постоечката каква-таква форма на новинарство и облици на медиуми во Р. Македонија: новинари за јавноста или односи со јавноста за политиката!? Затоа, потребно е повеќе време и константна волја, но за суштински промени, а не политички и само на четирите поголеми партии идеи за решенија во медиумската сфера. Потребен е зафат, а не козметички рез во однос на решенијата, особено законските! Потребна е длабинска интроспекција и интервенција, а не хируршки козметички третман во медиумската реалност. Ад хок телото, „самото негово постоење е доказ за нужноста од промени, токму заради молчаливиот и никаков „профил“ на Советот на АВМУ и Советот на МРТ“. Да не зборуваме, пак, за прашањето на одговорноста за оваа циркусијада, морално сосема неоправдана и во делот на носителот на одговорноста, но и во делот на инструментариумот за мерење и т.н. „етичко санкционирање“ на последицата. Токму затоа и во стручната и медиумската сфера нема големи очекувања од работата на ад хок телото кое ќе го надгледува предизборното известување на медиумите, доколку лидерската четворка до крајот на месецов оцени дека се исполнети условите за одржување фер избори.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести