verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Вулгарностите и ниските страсти преку телевизорот ни влегоа на голема врата

on 24 - 10 - 2015       
Големиот брат - голема мизерија. Фото: veliki-brat.org
„Големиот брат“ – голема мизерија. Фото: veliki-brat.org

 

Вулгарностите го спуштат реалното шоу „Големиот брат“ на најниски гранки и примитивизам. Пцости, секс пред камера, вулгарно омаловажување на другиот.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Телевизиите во Македонија, во грчевитата борба за што поголема гледаност, не водат сметка за квалитетот и за јавниот интерес, туку посегаат до лесни, претежно вулгарни емисии кои немаат никаква морална димензија. Последен таков пример е реалното шоу „Големиот брат“ кое се прикажува на телевизија „Сител“. Иако речиси постојано има вулгарности, овие содржини секојдневно се наоѓаат по порталите кои пренесуват детали, целосно, со пцости, со парчиња од секс, и тоа без цензура.

Медиумите, претежно интернет-изданијата, се полни со наслови од типот:

Најпривлечниот дел кај ваквите шоуа, а поради кој гледачите во толку огромни размери ги следат, навиваат и гласаат, е воајеризмот. Тие гласаат речиси секогаш за највулгарниот за да може да го гледаат повторно и повторно.

 

САКАМЕ ДА ГИ МРАЗИМЕ

Според социологот Анета Кузевска Поп-Илиоска, поголемиот број луѓе го гледаат ова шоу поради тоа што живеат едноставен живот, лишен од каква било возбуда.

„Дел го гледаат поради нискиот животен стандард и оттука поради неможноста да си дозволи концерт, кино, театар или слична друга разонода. Другите го гледаат или поради тоа што не сакаат многу да размислуваат и бегаат од сериозните теми на живејачката или затоа што ги исполнува. Оваа е од оние програми што едноставно сакаме да ги мразиме“, вели Поп-Илиоска.

Според неа, најголемиот дел од овие шоуа не ги задоволуваат потребите на елитната култура, која има високо естетско, уметничко и интелектуално ниво, а, сепак, се пробиваат низ сите слоеви на општествената заедница.

Навремено освестени дека успехот се манифестира највулгарно, според тоа колку ќе му прикажеш на светот дека си богат, Балканците таа вештина ја издигнаа на ниво на медиумска уметност, т.е. да покажеш дека можеш да заработиш, а ништо да не работиш, го коменира новото шоу новинарката од „Утрински весник“, Јасминка Павловска.

jasminka pavlovska„Всушност, ако сме искрени, фалењето и егзибиционизмот со „лебот без мотика“ и не е баш балканска оригиналност, но со секоја сезона на реалното шоу „Големиот брат“ се трудиме да се покажеме достојни на предизвикот на поголема мрзеливост, лажливост и воајеризам. Ако сме уште поискрени, во Македонија, и кога не е сезона на „Големиот брат“, секојдневно се трудиме да ја подигнеме летвичката на успехот: што значи помалку работа, поголем чалам, а богатството се манифестира според чаламот“, вели таа.

 

СЕ УРИВА ЦЕЛ СИСТЕМ НА ВРЕДНОСТИ

За Лилјана Грџо-Дамовска, магистер по културлошки науки и уредник на културна рубрика во дневниот весник „Дневник“, вулгарности на телевизија – колку ти душа не сака.

liljana damovska„И тој што ќе реши да се заштити од нив, на пример, ако го смени каналот додека се емитува „Големиот брат“, на другиот канал ќе го начекаат некои други вулгарности во форма на Фериде, „Скршено срце“, Ајше, а исто е и на третиот, четвртиот канал. Одамна вулгарностите на телевизиите не може да ги покрие едно „пииииип“, колку што може телевизијата да  продуцира. На гледачот преку учесници и водители во емисии кои според стручноста и угледот на гостите би требало да бидат сериозни, под превезот на божемска релаксираност и опуштеност му се сервира  т.н. уличен јазик, односно уличарски – вели Дамовска.

Според неа, во услови кога се урива цел еден систем на вредности, ниту јазикот не е поштеден. Литературниот јазик е изложен и на сериозен директен удар и засега му нема спас, зашто нема кој да го заштити.

„Има закон, но нема кој да го спроведе. Јас не сум слушнала против некоја телевизија да биле преземени казнени мерки поради јазични вулгарности. Во регионот, нема народ кој повеќе од Македонците и од Србите гледа телевизија. Медиумите мора да бидат извор на сериозно информирање, а информирањето опфаќа неколку нивоа, во кои значајно место зазема јазикот“, заклучува Дамовска.

„Големиот брат“ е најодвратното нешто што може да се емитува на телевизија, вели Весна Миленковска, новинарка во „Вест“.

vesna milenkovska„Тие што го гледаат ми личат на војаери, како постојано да се залепени на прозорецот на соседот. А учесниците се одраз на забегано општество и на искривен систем на вредности. „Големиот брат“ во сите сегменти е лош показател. Недостиг на образование, етика, морални вредности, цивилизиран однос кон другиот. Лесна заработка на пари, оти парите што ги добиваат за учество не би ги заработиле можеби и во текот на целата година. А, пак, однесувањето на учесниците е срам за нивните родители, што не успеале да си ги воспитаат децата. Лош показател е и за младите генерации, кои растат преку глупости и простаклук, а не преку образовни емисии и со домашно воспитување“, вели Миленковска.

Вулгарностите, пак, ова реално шоу го спуштат на најниски гранки и на примитивизам. Пцости, секс пред камера, вулгарно омаловажување на другиот е нешто против кое треба да се бориме, а не да седиме и да го гледаме.

„Штета што времето поминато пред ТВ за да се гледа „Големиот брат“ не се употребува за читање книга. Во ерата на комерцијалните програми, едноставно копчето на тој канал на далечинскиот управувач треба да се прескокне. Ако се намали процентот на гледаност, ќе ја снема и емисијата“, заклучува Миленковска.

 

ШТО Е „ГОЛЕМИОТ БРАТ“
Големиот брат е реално шоу, снимано и продуцирано во Белград, Србија. Локална верзија е на шоуто Big Brother и во него се вклучени најмногу натпреварувачи од Србија, потоа од Босна и Херцеговина, Македонија и од Црна Гора.
Првата сезона заврши во есента 2006 година и беше прикажувана на телевизијата „Б92“ во Србија и на локалните канали на РТВ „Пинк“ во Црна Гора и во Босна и Херцеговина (Пинк М и Пинк БХ, соодветно).
Втората сезона почна на 22 септември 2007 година и заврши порано, на 28 декември истата година, поради смрт на трипоранешни станари на куќата.
Во 2009 година, „Големиот брат“ се префрли на „Пинк ТВ“ во Србија, за сезоната VIP All Stars. Регуларното издание сѐ уште е пренесувано од „Б92“.
Дванаесет или повеќе луѓе живеат во куќа околу 100 дена, така што секоја недела се исфрла по еден станар. Станарите немаат контакт со надворешниот свет, вкучувајќи други луѓе, весници, телевизија, радио или интернет. На станарите им се задавани задачи секоја недела, а плус и некои дневни. За победникот има награда од 100.000 евра. Правилата се менуваат, на пример, некои станари можат да влезат во ќуќата по почетокот на шоуто или, пак, исфрлените повторно да се вратат.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести