verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Враќање во минатото: Децата на комунизмот повторно владеат

on 8 - 01 - 2015       
Како и некогаш - така и сега. Пропагандата треба да се храни:  постојаната потрага по предавници, листи на предавници, шпиони, надворешни и внатрешни непријатели. Фото
Како некогаш – така и сега. Пропагандата треба да се храни: постојаната потрага по предавници, креирање листи на предавници, шпиони, надворешни и внатрешни непријатели, изроди… Фото: интернет

 

Ако мислевме дека сме излегле од времето на едноумието, дека е тоа некое минато кое не може да се врати, тоа се враќа на најбрутален начин, видоизменето – да, но не и помалку загрижувачко

 

Пишува:Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Некои пријатели ми забележаа дека во овие колумни редовно правам споредби и потсетувања на минатото. Забелешката е, демек, „живееме сега, а минатото не е толку битно“. Но, стварноста демантира. Особено политичката. Токму затоа сметам дека во медиумите треба постојано да се прават споредби, да се истакнуваат искуствата зашто сегашноста толку потсетува на минатото, се повторува, но сега дури и во полоша варијанта. Па, затоа и неминовноста за медиумите да се навраќаат на неа бидејќи, сакале или не, историјата постојано нè опоменува.

Мислевме дека сме излегле од времето на едноумието, дека е тоа некое минато кое не може да се врати, но тоа ни се враќа на брутален начин. Видоизменето – да, но не и помалку загрижувачко.

Тенденцијата на унитарните општества власта да се сконцентрира во рацете на мала група луѓе, кај нас е веќе остварена. Ако во времето на комунизмот една партија раководеше со сите домени на животот, тоа повторно се случува. Партијата на власт сака (и постигнува) да има решавачко, пресудно влијание и во економијата и во здравството, културата, образованието, популационата политика, верата, сè до архитектурата и до историјата.

Комунистите, кога дојдоа на власт, ја прилагодуваа историјата за да служи на нивните идеолошки цели, со јасна назнака дека, всушност, таа почнува од нив, дека тие прават „нов човек за новото време“. Тоа, истото, уште подрастично го прави ВМРО-ДПМНЕ со својата „антиквизација“, со воскреснување мрачни типови од поблиската историја, преточувајќи го тоа во еден налудничав проект каков што е „Скопје 2014“.

Една од главните цели на комунистите за постигнување на своите амбиции беше да се уништи секакво јавно разномислие, секаква опозиција. Тоа го правеле со присила и со закани. Тоа сега се прави со законски решенија и со драстични казни.

 

МЕДИУМСКО СТАМПЕДО

Јасен беше нивниот проект – да ја сатанизираат и да ја сведат на маргиналност противничката партија. Со медиумско стампедо и со голем број мерки, со бескрупулозна кампања, со лажирање избори, тие успеаја да ја направат опозицијата партија на злото, која е виновна за сè лошо што ни се случувало. Како што за комунистите виновни беа окупаторите и ненародните режими. Потоа следуваше и парламентарниот терор. Опозиција во парламентот нема и тоа, се чини, беше целта. Во нејзино отсуство се донесоа стотици закони кои ја етаблираат нивната власт.

Истото се случува и со граѓанскиот, невладиниот сектор. Тој е, по правило, непријателски, шпионски елемент кој работи за некои сили кои не ни мислат добро. Како што тоа на времето беа народните непријатели и странските шпиони во комунизмот.

Парче по парче, се освојуваат терени со неодржливи закони, донесени набрзина и во матно, но и со низа заткулисни дејства – притисоци, корумпирање, уцени и присила. Јавната расправа за важни прашања и за закони е прогласена за „остаток од едноумието“(!?). Ова право им го одзедоа и на медиумите. Целосно навлегоа во судството, здравството е нивно, високото образование ги одбројува последните денови.

На противењето на обидот за воведување екстерно испитување на студентите, одговараат со контрапленуми и со контралисти потпишани под притисок. Ова неодоливо потсетува на времето од почетокот на седумдесеттите години на минатиот век кога, за да расчисти со неистомислениците, Тито упатува едно писмо до членовите на партијата, во кое ги критикува девијантните појави во општеството(!?). За возврат добива невидена фингирана поддршка од „базата“ и  од „правоверното“ членство, сè тоа проследено со медиумска харанга на оние кои требаше да се елиминираат. Потоа почна исфрлањето на неистомислениците од универзитетите и од општествениот живот.

 

ПОВТОРНО ВО ЕТАТИЗМОТ

Во исто време, на сцена се враќа и една форма на државна економија, која беше именувана како „етатистички период“. Државата, владата, контролира најмалку две третини од паричните текови (буџет, фондови, сообраќај, енергија…), плус општинските буџети кои се, исто така, нивни. Државниот буџет никогаш не бил поголем. Владата е најголемиот работодавец со најголема администрација досега, а она малку што останува од приватното стопанство е постојано под притисок и уцена на даночните и на други државни органи.

За да се реализираат сите овие цели, беше потребно да се завладее со медиумскиот простор. Комунистите го владееја целосно, на сегашниве им остана уште сосема малку за да го доосвојат. Драстични казни, уцени на сопствениците на медиумските куќи, „купувања“, воведување цензура која во некои делови е рамна и на времето на тврдиот повоен комунизам. Комунистите владееја преку својот Агитпроп, сегашниве преку партискиот центар за комуникации. Тогаш имаше закон кој казнуваше различно мислење од она што комунистите го сметаа за исправно. Сега има закон кој драстично парично ги казнува наводните навреди и клевети кон политичарите. Почнаа да затвораат и новинари.

 

ОРВЕЛОВСКА ПРОПАГАНДА

Комунистите се служеа срамно со статистиката. Ги извртуваа податоците во своја корист. Постојано го убедуваа народот дека живее добро, подобро. Своите „успеси“ ги повторуваа до безсознание. Тоа сега се случува засилено преку невидена систематска медиумската кампања. Податоците со странските инвестиции се на ниво на орвеловската пропаганда.

Партијата на власт е извориштето на сите овие случувања. Таа функционира исто како и комунистичката. Опседнати се со симболи. Партијата, цврсто етаблирана, со еден единствен, неприкосновен водач, а неговите идеи и наредби беспоговорно се извршуваат дури и кога се евидентно погрешни. Но, никој не смее ни да помисли да има барем за нијанса поинакво мислење од водачот. Членовите се борци на партијата и за тоа се добро наградени со работни места, функции, синекури, екстра материјални придобивки. За кратко време тие станаа отуѓен слој од општеството.

И кај нив, како кај комунистите, функционираат роднинските и роднокрајските врски. Стекнаа дипломи набрзина, исто како и нивните комунистички модели во минатото.

Комунистите произлегоа од војната, денешниве од паркот Жена-борец , од националистичките дивеења на почетокот од деведесеттите години на минатиот век. И првите беа необразовани, некултивирани, силни. Денешниве се без политичка култура, со никаква професионална или лична подлога. Комунистите експериментираа лошо, овие тоа го прават исто толку лошо. Комунистите беа непопустливи во своите „идеи“, овие се исти такви. Сетете се за штетите што се направени со колективизацијата или со она несреќно насочено образование. Сегашниве тоа истото го прават со измените на законот за високо образование, на пример, со „Скопје 2014“, со поделбите на „наши“ и на „ваши“  исто како по војната…

Во барањето сличности може да се оди до недоглед. Сè е исто, само условите и пригодата се нешто поинакви. Комунистите ги „красеше“ бескомпромисноста, идеолошката исправност, пожртвуваноста во извршувањето на задачите. Сегашниве нивни политички репликанти се исти такви кога станува збор за нанесување штета врз демократијата, слободата на уверувањето и врз мислењето.

Комунистичкиот систем се распадна самиот од себе. Но, за тоа требаше долг период, кој, на крајот, резултираше со општо стагнирање. Да се надеваме дека оваа власт нема да трае толку, иако штетите се веќе направени.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести