verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Враќање на жолтите комбиња на скопските улици

on 2 - 05 - 2016       
Позадинска фотографија: Целофан параноја. Автор: paolo barzam, 2014
Позадинска фотографија: Целофан параноја. Автор: paolo barzam, 2014

 

Тезата за надворешната опасност треба да го разбуди инстинктот за спасување на земјата и да ги аболира виновниците за длабоката криза на Македонија. Се бара поdдршка за длабоко омразениот шеф на државата, кој направи своја аболиција за веќе обвинетите и потенцијално посочените од СЈО. Има имиња, организации, конспиратори, ама текстот нема ништо заедничко со истражувачкото новинарство – тоа е евидентен штапски производ, кој како во некои реклами за енергетски пијалaци лесно добил крилја

 

Пишува: Љубомир КОСТОВСКИ

 

Стандардната шема за дефокусирање на вниманието на јавноста од некаква, каква било кашканица, во која е влезена власта, е секако отворање на прашањето на безбедноста на луѓето или обично користење на сликата за надворешната опасност, која, по некаков рефлекс, треба да ја сплоти нацијата за таа да се одбрани. Во така создадената слика, по некаков автоматизам сите треба да направат ментална аболиција врз виновниците за забраздувањето на власта во неколку последователни и предолги кризни состојби. Или да добиеме политички коперникански пресврт: од најомразен Македонец, шефот на државата да стане „спасител на нацијата“, како што веќе и го нарекуваат хористите од неколкуте организации кои се постојано на браникот на власта.

Колумнистката на „Дневник“, Мирка Велиновска, објавува во две продолженија текст кој треба да ја следи таа матрица, овојпат со многу имиња на наводни „непријатели на државата“, од кои некои се совпаѓаат со тие на приведените и обвинети лица „за учество во толпа“, а некои и со тие што веќе добиле повици за средба со јавниот обвинител?! Чудна коинциденција, нели, освен ако не се сетиме дека текстот е во можна конспирација со полицијата, со која како да е насликан целиот тој пејзаж за следната битка со „антинационалните елементи“. Не се добива впечаток од целиот приод во текстот дека авторката самата била во функција на истражувач, туку е сосема јасно дека добила „на тацна“ имиња, наводни адреси, конспиративни линии и слично. Текстот, за новинарите-почетници е секако интересно да го проучат, никаде не содржи вообичаена фалба на истражувачите како дошле до некои од сознанијата, што морале да прават за да ги добијат, како се снаоѓале во улогата на истражувач, евентуално на какви опасности се изложувале… Тоа е едноставно комотна контрибуција на сознанија „од некаде до секого“, само што авторот треба да создаде сторија од тој „квацес“.

„За среќа на Македонија, ние овој пат во последен миг дознаваме дека инспиратор е вашингтонското – либерал-неофашистичко лоби кое гравитира околу кланот на Клинтонови а во кое главна ставка се Џорџ Сорос, Рокфелер, Стејт департментот преку УСАИД и други личности на финансискиот естаблишмент. Мозокот на проектот е советникот за национална безбедност и специјални дејствија, инаку офицер на ЦИА, во канцеларијата на Барак Обама…“

Дека текстот има јасна канцелариска „аналитичка потпора“, говори и фактот дека е пишуван во стилот „ние дознаваме“, како и користењето на своевидниот вокабулар од седумдесеттите години во СФРЈ, кога под капата на „либерал“, на пример, можеше да се стави секој кој не мисли комунистички-самоуправно, а кованицата либерално-неофашистички, како идеолошки оксиморон, може да ја смисли само некој под капата на актуелниот шеф на македонска УДБАЉубчо Андоновски, односно некој од таква кадровска база, кој комплетно заталкал во некаква, каква било писарница, но заталкал и во времето во кое треба да размислува.

vtora-framed

Текстот има долг вовед (впрочем тој е даден во продолженија, под наслов „Со ‘Волшебникот од Оз’ да се ликвидира ВМРО и да се смени ‘режимот“) и поаѓа од, така е тоа претставено, стандардната лектира за шпионски романи – „Техника на државен удар“ од Курцио Малапарте, на што нè потсетува самата авторка. Тоа е веќе често споменувано дело, само што приматот на цитирањето е обично во обратна насока. Потсетуваме на еден текст кој постои во архивата на „Дневник“ и се однесува на злоделата кои токму ДПМНЕ ги има правено против својот народ, а објавен е на Денот на победата над фашизмот на 10 мај 2011 година.

Впрочем, споменатата книга е повеќе изнесување на методи за настанок на фашизмот и на неговите техники на владеење. Тука некаде и почнуваат (или продолжуваат!) техниките на конверзиите на вредностите и на фактите во писанието за кое станува збор. Во поранешна Југославија, може да се провери и на интернет, таа книга е една од стотината кои се споменуваат во учебниците и во наставата за хипотетички државен удар, кој странците би го вршеле во таа поранешна земја, па можно е истата така и да се нашла на нечии полици, на лесен дофат. Како и да е, тоа е книга стара 60 години, ама се чини дека се совпаѓа со теориите кои се исто толку стари како онаа приказна која Никола Груевски ја споменуваше за трите жолти комбиња кои вртат низ центарот на Скопје и снимаат разговори… Очевидно, имаме пишувачи на филмски сценарија кои заталкале во новиот век и кои сега користат линк за да ја одржат својата мисловна матрица, која, нели, не ни ја одбрани државата кога требаше!?

Сеедно, веројатно би останале во зоната на фикцијата, каде овој текст во основа и припаѓа, ако во овие две продолженија не се споменуваат конкретни имиња кои стојат во нечие „тефтерче“. Зачудувачки е колкава машинерија има развиено ЦИА за да „го собори Груевски“? И, ако е така: зошто не го соборила? Поцврст ли е македонскиот бедем од сите оние што паднале под налетот на ЦИА, особено зашто се работи за мала земја со скромни ресурси?

И за биде, како што вели деновиве популарниот португалски писател Руи Зинк („Цвета индустријата за вградување на стравот“ – „Политика“, 26 април 2016 г.), во поплава на фабрикувани приказни од тој тип често се претерува. Така и овојпат имаме вметнување, како да не ни е доволна ЦИА, на британската информативна служба, по што следуваат и германски и замешувачи од други десетина земји!

„Во Македонија Сорос и УСАИД главно ги финансираат „борците“ на КАНВАС и соросоидите во Отворено општество, плус, косовско-албанските криминалци и шверцери, односно Заев и неговата банда. Додека Обединетото Кралство, бидејќи е ’нобл’ е финансиер на т.н. фини терористи, како што се салон-левичарите, тренд-анархистите и нихилистите од целиот регион…“

Веројатно најголем дел од интелектуалната јавност, пред сè, онаа со несомнителни дипломи, значи релевантната, не ни претпоставувала дека имаме толку многу „исти“ со така модерни имиња во еден, и не многу голем регион, згора измешан со албанско-косовските криминалци (!), но затоа сè е измесено во контекст на сторијата за Лоренс од Арабија. Е, тоа можеше и да се очекува, нема тука особена имагинација… За овој реален херој од Првата сетска војна, познат од еден кинотечки филм со употреблива вредност, а секако непознат за помладите колеги, сепак сè се врзува со битката за нафта, која веќе во следните редови на овој трилер-роман од текст за наводната „Операција од Оз“, кај нас се претвора во битка за рудникот Алшар (класика!) и за водата на Охридско Езеро (исто така). Ова на комплотот му дава некакво објаснување, демек и тука има некаков „сендвич“ за странците.

Во врска со ова препорачуваме да се прочита актуелната колумна на Венко Андоновски, каде тој самиот се заинтригирал да открие која е таа организација и открива дека истата, ако смееме да толкуваме, на црна листа може да се најде само во некаков милошевиќевски режим! Режимот падна, вели тој, Србија не се распадна и сега е далеку пред нас пред портите на ЕУ!

Или, во врска со темата за природното богатство кое го има Македонија, како спиритус мовенс за ангажирањето на половина планетарни агенти против Македонија, како план за освојување на белосветските Лоренси, нека се прочита колумната на Ризаов, кој ја потсетува авторката дека оваа влада му ги даде џабе водите на Охридско на фамозниот Индиец Субрата Рој, кој заврши во затвор во својата родна земја, да потсетиме, ама тогаш никој не се јави од актуелните провладини колумнисти во улога на „водобранител“!

И да не должиме, бидејќи се работи за четива кои, секако, помладите колеги треба да ги прочитаат за да бидат вешти во подигнувањето „рачна“ при одредување на жанровите (политичко-безбедносна аналитика не е исто со влегување во кожата на писателот Греам Грин), но и во одредувањето на улогата на новинарот кој никогаш не смее да подлегне на фантазијата на неуките полициски аналитичари, кои често стиснуваат црвени копчиња за да си ја зголемат сопствената важност. Тие нема да видат како им влегува баталјон на терористи во град како Куманово, ама затоа сè знаат за тоа кој „ја мати работата“ во регионот и пошироко.

Најлошата функција на овој тип новинарство е кога еден текст е пишуван еден ден пред членовите на една левичарска организација да се приведат или, пак, да ги добијат повиците за појавување пред истражен судија. Тука лончињата на професијата се измешани дибидус. Новинарството станува дел од специјалната војна на полицијата.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Една мисла во “Враќање на жолтите комбиња на скопските улици

  1. Edno vreme imashe eden NIP “Nova Makedonija”.Toj NIP imashe nedelnik “Puls”,vo toj nedelnik raboteshe i ureduvashe edna MIrka.Mirka ne beshe mirna,ama od site kolegi najbrzo gi dobivashe vestite.E sega toa beshe rabota za eden drug CK,za eden drug pretsedatel,za eden drug neprijatel,ne e vazno,ama e tazno …..

Напиши одговор на Aleksandar Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести