verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Во системот на „1984“

on 12 - 11 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
9494677089_744571a7b8_k
Варијација на тема: 1984 (две минути омраза). Фото: David Blackwell

 

Ако мислевме дека Орвеловиот роман „1984“ се случува во некој фиктивен, неможен, алегориски свет, сфаќаме дека се работи за систем кој мошне успешно се развива и се негува во Република Македонија. Преуредувањето на медиумите треба да биде направено за конечно да не ни се повторува минатото

 

Пишува: Александар Шољаковски

 

Кога се говори за медиумите, Македонија, практично, никогаш и не излезе од едноумието. Дури и во времето на социјалистичка Југославија, Македонија во поглед на јавниот збор, слободата на медиумите и на новинарскиот интегритет важеше за темен вилает, како што ја нарекуваа во информативните и во политичките кругови. Избликот на слободи во деведесеттите години на минатиот век траеше кратко и не се втемели како трајна добивка. Со доаѓањето на оваа власт, во последниве десетина години се направија (успешно) сите обиди слободата да се сотре, медиумите да станат лигави апологети на власта, а новинарите исплашени (само)цензори.

Македонија е повторно темниот вилает, со сите прерогативи во јавниот збор достојни на едно вистинско тоталитарно општество. Постои сѐ што го сочинува овој амбиент: државни медиуми со строго контролирани информации, со полит-комесари делегирани од владејачката партија. Постои вмровскиот центар за комуникации, тело за насочување на информации на партијата на власт како класичен АГИТПРОП (установа за агитација и за пропаганда од времето на ригидниот комунизам), постојат таканаречени приватни медиуми кои се под директна контрола или под закана на власта, кои се помонструозни од јавниот сервис и постои контролен систем прилагоден од оваа власт која ја следи исправноста на медиумите (Агенција за аудио-визуелни и медиумски услуги, поранешен Совет за радиодифузија). И, на крајот, репресивниот систем во форма на драстични закони кои власта преку диригираното судство здушно ги користи за елиминирање на она малку што останало од слободата на говорот.

Со оваа структура, вистината е доведена до апсурд. Таа, всушност, не постои доколку е во спротивност со интенцијата, намерата и со лудите замисли на власта. Така, лагата станува единствената вистина која, нели, со повторување тоа и ќе си го обезбеди.

 

ФАБРИКУВАНИ ИНФОРМАЦИИ

Како во Орвеловата „1984“, податоците, информациите се извртуваат, се комбинираат и се фалсификуваат. Она што некогаш било негативна информација за работењето на власта, станува поен кој се бележи. Странските инвестиции, на пример, на кои почива целата килава економска политика на Владата, од неуспех се претвораат во секојдневни успеси. Во кус рок се објавува напуштањето на една фирма од тие „големи“ странски инвеститори, за денови потоа истата таа фирма да се јави како „нов“ инвеститор кој ќе гради нови фабрики. „Дубарата“ е јасна: повторно да се искористат бенефициите што ги дава очајната промашена власт, но тоа никој не го регистрира. Големата лага за странскиот капитал кај нас е совршена лага.

Никој не споменува дека „Скопје 2014“ од првобитните стотина милиони евра сега чини преку 600, а сѐ уште не е завршен проект. Никој за тоа никогаш ништо не одговорил, ниту се оправдал. А, лагата, сега како лудило, продолжува.

Ветените 8 милијарди инвестиции што Груевски ги вети пред години, не се споменуваат. Евидентно е дека толку се потрошени на лудориите на власта. Понатамошното набројување би било премногу тажно.

Не само што заборавот се негува и се стимулира, туку се прави обид да се институционализира, законски да се определи. Иницијативата да се забранат „бомбите“, поднесена од Џафери, некои работи да се избришат и од сеќавањето и од документациите на гласилата, на најневеројатен начин потсетува на Орвеловата поставка на министерството за вистина во „1984“. Таму она што веќе не важи – се уништува, а се прави нова документација која ја легализира лагата. Токму тоа е обидот и кај нас.

 

ИСТОРИСКИ МОМЕНТ

Деновиве се случува историска можност ваквата состојба да се елиминира, да добие нов тек. Со можноста да се преуреди медиумскиот простор, се отвора и можноста да се најдат решенија и инструменти кои дефинитивно и во иднина ќе оневозможат да не биде можно повторувањето на темниот вилает. Сите учесници во овој процес треба да водат сметка дека ова не се прави само во функција на априлските избори, туку за иднината. И така да ги направат за да не се повторуваат досегашните состојби.

Добро, преуредувањето на јавниот радиодифузен сектор ќе се направи, но што правиме со приватниот, кој и да е? Мислам дека е крајно важно да се направат и брани за да спречат некои нови стојменовци и ѕинговци да го користат јавниот збор за богатење со бескрупулозна злоупотреба на новинарската професија и на човечкото достоинство. Тие го сведоа македонското медиумско живеење на најдолно ниво. Од информативната дејност направија вошливо пазариште во кое не важат никакви морални, еснафски, семејни вредности. Тие во своја закрила најмија извршители со најнизок морал, луѓе кои ја промашиле професијата, но се обидуваат во неа да бидат главни.

Знам, забелешката на опортунистите и на манипулаторите би била: „Да, но тоа се приватни гласила, газдите ќе прават што сакаат!“ Но, дали еден приватен месар, затоа што има своја кланица, може да продава расипано месо? Па, така и тој што обработува и продава информација не може да го загадува народот без контрола!

 

ПРАШАЊЕ ОД ОПШТА КУЛТУРА

Признавам дека тоа е повеќе прашање на култура, образование, професионална етика, човечка доблест… Но, во земјите со развиена демократија, приватните гласила не паѓаат толку ниско да манипулираат со информациите во корист на некоја групација. Правила, непишани, важат. А тоа значи дека информацијата, односно вистината, е секогаш на прво место. Дури кога информацијата ќе биде изнесена, тогаш може да се гледа на неа на еден или друг начин, да се биде и пристрасен, но не и лажлив, тенденциозен, злонамерен. Во такви средини, едноставно, нема места за манипулатори на вистината. Сакам да кажам дека во средина во која имате обврска, пред сѐ, да ја пренесете изворната, неискасапената, ненашминканата информација, ќе нема место за манипулација. За тоа е, пред сѐ, потребен професионализам, новинарска етика и отпорност на партиските притисоци и влијанија.

Не ламентирам и мислам дека е тоа можно и остварливо. Треба само малку добра волја, искрен настап и слободно и силно јавно мислење. Другите работи, особено позиционирањето на тие приватни медиуми, ќе мора да се покорат на таа јавност, која ќе може слободно да мисли и јавно да го искажува своето незадоволство или задоволство од тоа што го нудат медиумите.

Доколку, се разбира, Орвел веќе не живее тука.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести