verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Внимавај да не ти пукне меурот!

on 7 - 11 - 2016       
bubble

Колку често „прскаат“ при судир два „филтер-меури“?

За да ја воспостават целосно и беспоговорно својата власт, денешните автократи не мора да забрануваат. Само треба да создаваат привид на големо количество информации кои се без суштина и без контекст. Алексис де Токвил уште во средината на 19 век, во неговото дело „Демократијата во Америка“, напиша дека „единствен начин да го неутрализирате влијанието на медиумите е да го мултиплицирате нивниот број“.

Не ви звучи ова исклучително познато?

 

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Веќе одамна е констатирано дека македонското општество е поделено, распарчено, главно од политички причини, кои ги предизвика една политичка партија со инсистирањето на исклучивоста и со демонизирањето на сè што е инакумислечко: од другите политички партии, преку сите „платенички“ граѓански организации, до поединци. Парченцата во едно такво поделено општество создаваат амбиент во кој функционираат како затворени светови сами за себе. Во теоријата на општествата и на комуникациите, овој феномен не е непознат и се нарекува „Затвореност за знаење“ (Еpistemic closure).

Со нагласената медиумизација на општеството, целокупното знаење и информации врз основа на кои граѓаните создаваат мислење и став, се во затворениот круг на медиумите, особено на телевизиите, и особено на социјалните мрежи. Ако си дозволиме најпоедноставено да го протолкуваме овој феномен, тогаш можеме да кажеме дека граѓаните кои околу себе имаат изградено медиумски ѕид од телевизии и од радија кои плетат исклучиви „вистини“, кои не смеат да бидат порекнати, живеат во сопствен свет на дезинформации, дозирани информации, и во таа ситуација сè што доаѓа однадвор од тој ѕид е лага. Ако сепак нешто го пробие тој ѕид, тоа се дочекува „на нож“, се демонизира и се отфрла. Потоа следува детоксикација, перење, на мозоците на тие што се внатре, во кругот на ѕидот.

Овој феномен, со социјалните мрежи, доби и една нова димензија, која современите комуниколози и социолози ја сметаат за загрижувачка.

Ели Паризер е најпроминентниот застапник на пораките сериозно да ѝ пристапиме на оваа појава. На Паризер му се припишува терминот „Filter Bubble“, како што гласи и насловот на неговата книга во која тој вели дека „филтер-меур“ (Filter Bubble) е последица на еден алгоритам кој го создава профилот на корисниците на интернет и на социјалните мрежи врз основа на нивните интернет-навики. Компаниите како „Гугл“, „Фејсбук“ и многу други потоа ги користат овие информации за да им ги персонализираат информациите, резултатите од пребарувањата, огласите и рекламите и друга содржина.

„Се работи за машини што имаат моќ да предвидуваат и постојано да ја пресоздаваат и усовршуваат сликата за секој од нас, за тоа кои сме, што сакаме и што ќе сакаме во иднина. Овие машини создаваат единствен универзум од информации за секој од нас – кои јас ги нарекувем ’филтер-меури’ – што суштински влијае на начинот на кој комуницираме со идеите и информациите. Вашиот идентитет го обликуваат медиумите, а потоа тие исти медиуми учествуваат во обликувањето на она во што верувате и што ви е важно. Кога ќе кликнете на некој линк, вие испраќате сигнал дека се интересирате за содржината зад тој линк и потоа почнувате да добивате препораки, сугестии, огласи поврзани со таа содржина. Станувате заробеник на сопствената стапица“, вели Паризер.

Заводливата привлечност на втората генерација на интернет (Web 2.0) се состоеше од тоа дека беа отстранети „чуварите на портите“. Во голема мера. Наеднаш корисниците станаа и креатори на содржини кои неограничено можеа да споделуваат меѓу себе. Првите најави, коментари, промислувања на овие можности, беа дека оваа нова комуникација ќе овозможи општества, заедници, во кои многу повеќе ќе се сочувствува и ќе се има разбирање. Сега нема да се потпираме само на медиумските „пакети“ на уредниците и на продуцентите кои го создаваа јавното мислење.

Но, наместо тоа, што се случи?  Одговорот на ова прашање, иако го знаеме, ни доаѓа од Ели Паризер:

„Демократијата претпоставува граѓани кои секогаш треба да гледаат на нештата од различни перспективи, од гледната точка на другиот. Наместо тоа, ние создадовме меури од знаење и од информации околу нас и останавме затворени во нив. Демократијата, меѓу другото, се остварува и со споделување на фактите, но наместо тоа ние создадовме паралелни и одделени универзуми“.

Сега се соочуваме со вистината дека чуварите на портите не заминаа. Тие се, всушност, заменети од едни други – невидливи.

Кога ќе се соочите со таа нова реалност, не е тешко да ги забележите бројните последици како што се нарушувањата на приватноста, упадите во јавното здравје (како, на пример, глобалната дебата со неутврдени последици за штетноста или неопходноста од вакцинирањето), упорните политички влијанија, советите за финансиските прашања, социјалните теми, религиозните…

 

ШТО ГИ ОБЛИКУВА И ГИ ПОЛНИ „ФИЛТЕР-МЕУРИТЕ“?

Еден од најистакнатите проблеми на филтрирачките алгоритми е што не постои можност да си го уредите вашиот профил кој овие алгоритми го создаваат, а кој потоа се препознава како ваш – сопствен. Едноставно, немате влијание во однос на тоа каков идентитет ќе ви биде креиран, иако, за волја на вистината, има такви сигнали, индикатори, што ги „чита“ алгоритмот врз основа на кои ве профилира. На пример: вашата локација, вашиот компјутер, кој пребарувач го користите, трагите што ги остава вашиот паметен телефон, што најчесто пребарувате и кои клучни зборови ги уптребувате, на какви линкови најчесто кликнувате, што најчесто гледате, кои се вашите пријатели и кои се нивните преференци… Не е малку, но не е ниту доволно да го отслика вашиот профил сеопфатно и со сите идентитети.

Уште еден, малку поконкретен пример: да си ја замислиме личноста Х. Да си речеме дека Х е со просечна и малку понагласена активност на социјалните мрежи и дека со своите активности на мрежата оддава дека е блиска до одредена политичка опција. Но, демократските капацитети на таа личност се малку пошироки. Х не е исклучив и покажува интерес и кон спротивна политичка идеологија. Значи, покрај референците блиски до личната политичка определба, таа личност има сериозен број кликнувања и на линкови кои водат до содржини со другата политичка обоеност. Но, што може да се случи? Регистрирани се случаи кога алгоритмот, заглавен во сопствената математичка совршеност според принципот на хирерхија, не е кадарен да заклучи дека некој може да има интереси за две спротивни нешта. Во таков случај, се избира еден индикатор за да ја постигне предодредената задача – да профилира без двосмислености. На пример, пребројува колку пријатели на Х имаат идентитечна политичка определба, а колку се на спротивната страна. Логично е дека Х има повеќе пријатели политички истомисленици. Тоа на алгоритмот му дава право да почне да генерира повеќе понуди и активности блиски до истомислениците и да ги исклучува врските, линковите, содржините што доаѓаат од другата страна.

Кога го читате ова, не е исклучено дека веќе сте искусиле ваква активност на мрежите на кои имате ваш профил.

 

„ФИЛТЕР-МЕУРИТЕ“ И ВЕСТИТЕ

Вашите или нашите „соби на сопственото ехо“ (Echo Chamber), како што уште ги нарекуваат „филтер-меурите“, не ги обликуваат само нашите пријатели, врски и други линкови од интерес, туку и влијанието на медиумите. И тие се во волшебниот круг на понуда на информации според интересот што го диктираат „филтер-меурите“, односно алгоритмот. Медиумите ќе ви го испорачаат тоа што како „налог“, како препорака, доаѓа од алгоритмот кој математички утврдил што точно ви треба.

Но, секогаш треба да се има на ум следната препорака: има многу теми за кои сакаме да бидеме информирани, но, затоа, пак, има многу други теми за кои мора да бидеме информирани.

Ако го имаме претходното предвид, рака под рака со тоа оди и сознанието дека денеска, „благодарение“ на социјалните мрежи, корисниците на информации ги навикнаа, или ги навикнуваат, да консумираат дигестирани, преџвакани и инстант спакувани информациски содржини.

И за оваа појава е виновен алгоритмот, но и уште еден фактор – профитот!

Еве зошто: за да заработите пари на интернет, една од финтите што треба добро да ја познавате е да го зграпчите вниманието на публиката, на корисниците. И тоа колку што е можно почесто, на колку што е можно повеќе различни теми. Знаете што се крие зад ова, нели? Кликнувањата!!!

Преголем луксуз е да дозволите корисниците да трошат многу време само на една содржина, кога веќе кликнувањата се пари. Затоа, за да го привлечете нивното внимание, односно кликнувања, ги земате сериозните теми и ги упростувате до мера која е апсолутно површна и за која не е неопходно да се троши време на анализирање и за размислување. Времето за размислување на така упростените теми треба да е правопропорционално на времето што е потребно да се донесе заклучок во врска со темата. Тој заклучок, се разбира, како таков – површен, создава фрустрации кои потоа корисниците се обидуваат да ги решат со дополнителна активност, како што се коментари, тролања, спојлери… Но, тоа е добро! Тоа претпоставува бонус – кликнувања плус. А секој клик плус е – долар плус!

Но, настрана комерцијалните добивки на бизнис-махерите. Ајде да видиме што е со политичките и со махерите на полето на односите со јавноста кога е во прашање феноменот „филтер-меури“ и сите последици од него.

Да бидат збунети, да им биде здодевно, да бидат постојано или подолго време одвратени од важните прашања или, конечно, да им се презентираат фактите, настаните, процесите, на начин кој е фрагментиран, неорганизиран, инстант спакуван, без континуитет и без контекст, е нешто како небесен дар за политичарите и за нивните комуникациски експерти. Така информирано, гласачкото тело никогаш нема да ги осознава нештата и нивната суштина во еден подолг период.

За да ја воспостават целосно и беспоговорно својата власт, денешните автократи не мора да забрануваат. Само треба да создаваат привид на големо количество информации кои се без суштина и без контекст. Алексис де Токвил уште во средината на деветнаесеттиот век, во неговото дело „Демократијата во Америка“, напиша дека „единствен начин да го неутрализирате влијанието на медиумите е да го мултиплицирате нивниот број“.

Не ви звучи ова исклучително познато?

 

КАКО СЕ ИЗЛЕГУВА ОД „ФИЛТЕР-МЕУРОТ“

Како прво, како и во психологијата, најважно е да се соочите и да го прифатите проблемот –сопствениот „филтер-меур“.

Потоа треба да се совлада првичниот отпор и на социјалните мрежи да се избере ново друштво. Сосема спротивно од актуелното. Старото не треба да се напушти, но во одреден период е препорачливо да бидете малку со „другите“.

Не мора да се биде ангажиран во новата група, да се влегува во интеракција. Доволно е да се размислува за прашањата што таму се дебатираат. Вреди да се „влезе во тие чевли“.

Новата приказна не мора да ја прифатите или засакате, но, секако, убаво би било да ја разберете. Не е лесно тоа. Не е лесно да се излезе од сопствениот „меур“, од собата на сопственото ехо. Но, додека не се обидеме и додека не го направиме тоа, никогаш нема да го откриеме тој широк свет полн со идеи.

Препорачана литература:

Book: Filter Bubbles by Eli Pariser

Inside Facebook’s (Totally Insane, Unintentionally Gigantic, Hyperpartisan) Political-Media Machine (NY Times)

26 Tweets That Broke My Filter Bubble

Social Media Activism: A Real Thing, Or A Trick We Play On Ourselves?

 

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести