verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Влијанието на двојазичноста врз преселбата на Македонците на Марс

on 7 - 12 - 2016       
Од двојазичност до графички приказ со сите карактеристики на воено освојување. Фото: скриншот
Од двојазичност до графички приказ со сите карактеристики на воено освојување. Фото: скриншот

 

Слободата на информирање не подразбира слобода на дезинформирање, на измислување и на мамење. Слободата на информирање особено не значи слобода на ширење омраза, поттикнување насилство и ограничување на правото на луѓето на слободен избор со заканување и со заплашување

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права

 

Медиумите ги пренесуваат фактите, прават анализи, заземаат став, нудат перцепции. Различни медиуми на многу различен начин ќе информираат за еден ист настан. Ќе го погледнат од различна перспектива, ќе понудат различно објаснување, ќе посветат различно внимание на одделни елементи, ќе истакнат едни, а ќе занемарат други факти. Меѓутоа, медиумот мора да задржи минимум објективност. Објективноста се постигнува со презентирање на што е можно поголем број факти и со јасно разграничување на перцепциите и на сопствените толкувања од презентирањето на фактите.

Медиумот кој ги презентира перцепциите и сопствените толкувања како факти, всушност, пренесува невистини и ја мами јавноста.

Еклатантен пример за ваков начин на несоодветно претставување на перцепциите и на сопствените толкувања на медиумот како факти е неодамна објавениот уреднички коментар даден на „Сител телевизија“ под наслов „Цената на двојазичноста“.

Во уредничкиот коментар, којшто значи индивидуално мислење, но којшто не е „лиценца за дезинформирање“, како факт, на пример, се претставува толкувањето на медиумот дека опозициската политичка партија СДСМ бара двојазичност, кантонизација, федерализација на државата. Врз перцепцијата прикажана како факт, понатаму се гради цела конструкција составена од претпоставки и од замисли кои произлегуваат и/или се тесно поврзани со перцепцијата прикажана како факт.

На пример:

…двојазичноста е процес кој Македонија не може да го издржи.

 

…обука на 100.000 вработени во јавниот сектор да научат течно да зборуваат албански јазик во кои спаѓаат државната администрација, институциите од здравството, образованието, таксистите, приватните школи, факултетите … би ја чинело Македонија над 50 милиони евра трошок…

Медиумот не само што тргнува од лажна премиса, туку врз неа гради и цел систем од нови лажни информации кои се структуирани во привидно конзистентна целина на причинско-последична поврзаност.

 

АТМОСФЕРА НА ЗАПЛАШУВАЊЕ И СТРАВ

Прво, доколку не е вистина дека СДСМ се залага за двојазичност, тогаш станува бесмислено воопшто тврдењето дека двојазичноста е процес кој Македонија не може да го издржи и дека ќе се обучуваат повеќе од 100.000 вработени во јавната администрација и дека тоа ќе ја чини Македонија 50 милиони евра.

Тоа е исто како медиумот да тврди дека СДСМ изјавила дека сите Македонци ќе ги пресели на Марс и врз основа на ова, медиумот ни соопштува дека тоа ќе биде процес кој Македонија нема да може да го издржи и дека овој процес ќе бара огромни средства кои ќе бидат потребни за да се обезбеди преселувањето на Македонците на Марс.

Значи, ако првичната, односно основната премиса не е факт туку измислица, тогаш сè што понатаму се поврзува со оваа премиса едноставно е бесмислено.

Второ, доколку премисата не е во целина неточна, туку е делумно точна или погрешно интерпретирана во некој дел, тогаш се поставува прашањето за соодветноста на понатамошните информации.

На пример, за каков вид двојазичност станува збор (дали станува збор за двојазичност од типот на таа во Јужен Тирол во Италија или за повеќејазичност како случајот на Швајцарија, или за повеќејазичност врз основа на Повелбата за малцинските и регионални јазици на Советот на Европа …). Ниту еден од овие модели не подразбира, на пример, обука на сите вработени во јавниот сектор за течно зборување на уште еден јазик.

На ова логично се надоврзува и прашањето на каков начин се дошло до бројката 50 милиони евра? Дали е тоа еднократен трошок? Tрошок што ќе го има Македонија секоја година? На ваков начин презентираната бројка е едноставно бесмислена.

Целокупната конструкција на лажни информации, медиумот понатаму ја насочува кон создавање атмосфера на страв.

На пример, без никаква основа изведува заклучок дека постои намера да бидат отпуштени 30.000 вработени во јавниот сектор. Во случајот бројката е дадена единствено за да се создаде привид дека станува збор за факт, а всушност останува целосно нејасно зошто баш 30.000 вработени во јавниот сектор би требало да бидат отпуштени, дури и во ситуација да не станува збор за целосно погрешно дадена премиса дека СДСМ се обидува да внесе двојазичност на територијата на цела Македонија. Дали врз основа на некоја математичка формула е пресметано дека толку луѓе се неспособни да научат албански јазик или дека толку луѓе би одбиле да учат албански јазик, или дека има точно 30.000 вработени на возраст над 40 години кои се целосно неспособни за учење на странски јазик, или…? Единствена смисла во изнесувањето на оваа бројка, исто како и тие 50 милиони евра, е дека е насочена кон заплашување на луѓето во јавниот сектор дека доколку на изборите власта ја преземе СДСМ, има голема шанса тие да бидат отпуштени.

Во иста насока се движи и конструкцијата од лажни информации која се однесува на предлозите за понатамошен развој на локалната самоуправа претставени од опозицискиот СДСМ.

Наспроти поимите „децентрализација“, „деконцентрација на власта“, „двостепена локална самоуправа“ и „понатамошна имплементација на актуелниот Закон за локална самоуправа“, медиумот воведува поим „кантон“, кој понатаму го развива во насока на основа за федерализација на државата. Дури и актуелно постоечки практики (како што е, на пример, прекуграничната соработка на општините со општини од соседните држави), од страна на медиумот, се претставени како нешто ново и застрашувачко кое води кон распад на државата.

 

ГОВОР НА ОМРАЗА

Конструкцијата на лажни информации медиумот понатаму ја преточува во говор на омраза.

Имено, тој не само што ги заплашува вработените во јавниот сектор дека ќе бидат отпуштени, туку тврди дека нивните работни места ќе бидат заземени од припадници на албанската етничка заедница. Поттикнувањето омразата е особено очигледно во сликовитиот приказ на освојување на живеалиштата на луѓето од страна на „дојденци“ од друга етничка заедница. Дека станува збор за насилно освојување, посочува графичкиот приказ кој не случајно ги има сите карактеристики на воено освојување.

Говорот на омраза медиумот го развива и чекор понатаму, со тврдењето дека станува збор за план со кој треба да се одземе идентитетот на Македонците, да им се одземе државата и тие да се претворат во бегалци во сопствената држава (што е истакнато со карта на која е прикажано загрозувањето на територијата на државата).

Освен измамата (дека СДСМ има намера да ги пресели сите Македонци на Марс), говорот на омраза (насочен кон оправдување на секое насилство со одбрана на сопствениот дом), медиумот на многу отворен начин ја изигрува и обврската за рамноправно презентирање на програмите и на идеите на политичките партии кои учествуваат во изборната трка. Имено, целиот прилог не се вбројува во времето предвидено за претставување на партиите, ниту во платената партиска програма, и покрај тоа што е очигледно прилог со кој најотворено се пропагира една политичка партија, наспроти друга.

Слободата на информирање не подразбира слобода на дезинформирање, на измислување и на мамење. Слободата на информирање особено не значи слобода на ширење омраза, поттикнување насилство и ограничување на правото на луѓето на слободен избор со заканување и со заплашување.

Медиумите кои шират погрешни информации, кои шират говор на омраза и кои ги кршат одредбите на Изборниот и на Кривичниот законик, треба соодветно да бидат санкционирани. А авторот или авторите, подлежат на кривична одговорност како поединци!

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести