verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Визи, азил, човекови права (3): За казнувањето и дискриминацијата

on 10 - 02 - 2014       
Kostelec Residential Center

Барателка на азил од Kазахстан во центарот за азиланти во Костелец над Орлици во Чешката Република. Фото UNHCR Central Europe, 2010.

Наместо анализите за дискриминација, некои медиуми и самите започнуваат своевидна хајка и промовираат различни видови профилирање и во оваа хајка Ромите не се единствената етничка група која доаѓа на удар.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Покрај слободата на движење и азилот како човекови права (разработени во: Визната либерализација – остварување на слободата на движење како човеково право и За азилот и “лажните азиланти“), во медиумските стории и анализи поврзани со визната либерализација отсуствуваше анализа на казнувањето и повредата на човековите права.

Многу мал број медиуми го поставија прашањето за законитоста во постапувањето на властите, за дискриминацијата и за дискриминирачкото профилирање.

Канал 5 објавуваМВР кривично ќе ги гони азилантите“. Вест изјавуваЛажните азиланти ќе останат без пасош“. Кајгана – “Остри санкции за нелегалните азиланти“.

Под насловот “Мерки против азилантскиот туризамТелма пренесува:

Се воведува ново кривично дело:  нелегална миграција. На сторителите им се заканува одземање на пасошите.Ова е дел од мерките што ги презема Владата за спречување на обидите за нелегално мигрирање во западно – европските земји. Заради овие лица кои со биометриските пасоши ја напуштија земјата и побараа да останат и работат на запад, беше доведена во прашање целата визна либерзализација во Македонија и Србија.

На официјалната страна на МВР за 2011 година се тврди дека:

Во рамките на надлежностите на полициските службеници на граничните премини, во овој период не е дозволен излез од државата на вкупно 2.948 македонски државјани, при што, најчесто на лицата на кои не им е дозволен излез, не поседувале валидни гарантни писма, немале доволно парични средства, како и поради основано сомнение дека се потенцијални баратели на азил во западно-европските држави.

А на интернет страната на Радио Слободна Европа на крајот од 2013 година се пренесува:

„До крајот на октомври според Котевски биле евидентирани околу 2.270 лица кои биле протерани од друга држава, најчесто Германија, Швајцарија и Белгија, а на граничните премини не им бил дозволен излез на 4.300 државјани.“

Во што е проблемот?

 

Прв проблем е самиот акт на казнување.

 

Станува збор за ограничување на слободата на движење, за одземање на правото на избор, за загрозување на правото на семејство, правото на работа, на достоинството на луѓето, … За што ги казнува државата овие луѓе? Во ситуацијата со “лажните азиланти“ државата ги казнува луѓето за обид да остварат едно свое право (право на азил) или ги казнува за претпоставена или евентуална намера да побараат азил (без соодветна судска постапка во која ќе се докаже прекршување на закон и вина)?

Имено, со измените на Законот за патните исправи, во членот 37, покрај останатите причини заради кои на граѓанин на Македонија може да не му се издаде или, пак, може да му се одземе пасош (а, кои се поврзани со поведени или завршени кривични или прекршочни постапки) е внесен параграф според кој нема да му се издаде пасош или ќе му се одземе пасошот доколку:

лицето е присилно вратено или протерано од друга држава поради постапување спротивно на прописите за влез и престој во таа држава

Оваа одредба значи дека заради протерување од една држава, матичната држава му забранува на сопствениот граѓанин излез од сопствената држава (во која не го прекршил законот) и му забранува да патува во друга држава од која не е протеран, односно, изречена е казна без соодветна судска постапка и многу поширока од евентуалното сторено дело. Во ниту еден медиум не е поставено прашањето: зошто на еден човек му се забранува воопшто да излезе од сопствената држава (во манирот на најжестоката блокада која ја прави за своите граѓани поранешниот источно-европски блок), наместо евентуално да му се ограничи излез единствено кон државата која што го протерала.

Казнувањето оди и чекор понатаму, во губење на права кои граѓаните ги имале остварено пред да заминат од државата. На пример под насловот “Јанкуловска: Не е добро да се укине визната либерализација“ ПлусИнфо ја пренесува заканата на министерката за внатрешни работи:

Јанкулоска уште еднаш потенцира дека барателите на азил од Република Македонија спаѓаат во групата на лица за кои е сосема извесно дека нема да добијат азил во западно-европските земји, а тоа значи дека порано или подоцна тие ќе бидат депортирани во Република Македонија и ќе се соочат со последиците, односно некои од нив кои биле корисници сигурно ќе ја изгубат и социјалната помош што ја добивале заради непочитување на законската регулатива.

Слични информации можат да се најдат на интернет страната на Радио Слободна Европа  .(каде што се пренесува изјавата на министерката за внатрешни работи):

„Се со цел да не се соочиме со една непријатна ситуација каде што би имало негативни последици кон сите граѓани на Македонија заради неодговорното однесување на мал дел од нив.“

Интересно е дека непосредно пред промената на Законот за патните исправи, според Нова Македонија:

„Од МВР укажуваат дека не е јасно дали српската идеја за одземање на пасошите ако некој неосновано побара азил и биде вратен во Србија ќе може да се реализира.

– Ние постапуваме во согласност со законот. Кај нас пасош може да се одземе ако некој сторил кривично дело и постои сомневање дека ќе избега, ќе ја напушти земјава. Тоа не е случај со оние што неосновано бараат азил – објаснуваат од македонското МВР.“

Од оваа изјава јасно произлегува дека ограничувањата кои денес се применуваат во основа претставуваат вид на заштитна мерка при извршено кривично дело или сомнеж за извршување на вакво дело.

 

Вториот проблем се донесува на дискриминацијата и профилирањето.

 

Според Законот за гранична контрола, државјаните на Република Македонија се предмет на минимална контрола:

„брза и едноставна проверка со помош на соодветни технички уреди и со проверка во соодветните евиденции исклучиво за да се провери дали патниот документ, односно другиот документ пропишан за преминување на државната граница е украден, злоупотребен, изгубен или е неважечки, да се провери неговата валидност, како и да се провери присуството на знаци кои укажуваат на злоупотреба, фалсификување или преправање на документот.“

Меѓутоа значаен број државјани на Република Македонија се контролираат многу над општо предвидената минимална контрола.

Според ставот 4 од членот 15:

„При спроведување на минималните гранични проверки на лицата државјани на Република Македонија, како и над лицата кои го уживаат правото на Заедницата за слободно движење, полицискиот службеник може врз несистематска основа да провери во соодветните евиденции и електронски бази на податоци дали тие лица претставуваат закана за националната безбедност, јавната политика, меѓународните односи или закана по јавното здравје.“

Она што би требало да ги заинтересира новинарите е како граничните службеници решаваат дека некое лице може да биде минимално контролирано, а за друго да се побараат повеќе податоци. Ова треба понатаму да се стави во контекст на изјавите на високи функционери во МВР. Имено, ако се има предвид изјавата на министерката за внатрешни работи според која:

„- Овие одредби значат доколку полицискиот службеник на кој било граничен премин на Република Македонија не е убеден во овие аргументи има право врз основа на анализата на ризик да не дозволи напуштање на РМ, односно напуштање на државната граница заради патување во земјите од ЕУ, односно потписнички од Шенгенскиот договор, појасни министерката Јанкулоска.“

произлегува дека остварувањето на едно од основните човекови права зависи од тоа дали некој полициски службеник во одреден момент, без постоење на прецизни, однапред дефинирани критериуми, ќе биде или нема да биде убеден дека човекот пред него може да ја напушти државата.

На пример, во Нова Македонија е пренесена но не и анализирана изјавата на Иво Котевски (во својство на помошник министер во МВР):

„Сите овие граѓани на кои не им бил дозволен излезот од државата го прекршиле членот 15 став 4 од Законот за гранична контрола“

Прашања кои треба да се расчистат се:

  1. Како тоа граѓаните го прекршиле членот 15 во ставот 4? Имено, овој став само им дава дополнителни права на граничните службеници и граѓаните никако не можат да го прекршат (освен ако не се спротивстават на граничниот службеник и го попречат во вршење на неговата служба).
  2. Што претставува тоа “несистематска основа“?
  3. Врз основа на кои податоци содржани во евиденциите и базите на податоци е утврдено дека баш тие лица (над 6.000) претставуваат закана за националната безбедност, јавната политика, меѓународните односи и јавното здравје? Или, кои се тие податоци врз основа на одреден број луѓе им е забранет излезот од Македонија?
  4. Дали и врз основа на кој пропис се врши обележување на патните исправи од страна на граничните власти со цел полесно идентификување на оние на кои веќе им е забранет излез од државата?

Наместо да ги постават овие прашања и да побараат одговор на нив, медиумите се задоволуваат со пренесување на изјавите на функционери во власта со кои шират нетрпение меѓу граѓаните. На пример, порталот Оhridnews го пренесува мислењето на вицепремиерот за европски прашања дека:

„постојат поединци кои сакаат да ја загрозат оваа придобивка на македонските граѓани и ние ќе направиме се овој процес да биде запрен и тие да бидат соодветно санкционирани.“

Во одделни медиуми се појавија написи кои јасно ги перципираат Ромите како “лажни азиланти“ и како причина заради која сите други граѓани ќе ги трпат последиците од симнувањето на визната либерализација.

На пример, во Нова Македонија, под насловот “Ромите одат во Германија на азилантско ,зимување’“ е пренесена изјавата на министерката за внатрешни работи, според која, по зачестените контроли бил утврден профилот на т.н. „лажни“ баратели на азил.

За разлика од медиумите кои не посветуваат внимание на оваа појава, во изминатите неколку години направени се повеќе анализи за проблемот на дискриминацијата поврзан со визната либерализација овде, овде и овде. Медиумите не преземаат ниту текстови објавени на специјализираните портали како Точак (каде е направена анализа на дискриминаторската компонента на однесувањето на властите во однос на Ромите.)

Еден од малкуте медиуми во Македонија кој го спомнува етничкото профилирање е НоваТВ (написот под наслов Совет на Европа: во Македонија има етничко профилирање или, Државата станува затвор за Ромите ‘осомничени’ за азил):

„Се удираат црни печати на сите оние за кои македонската полиција ќе процени дека се потенцијални баратели на азил. Направи ли законот легален затвор од Македонија за многу ромски семејства? Транспаентност Интернешнл поведе иницијатива пред Уставниот суд. Во видео сторијата погледнете во какви услови престојуваат барателите на азил во Германија и зошто цели семејства одат на запад само за да ја поминат зимата на топло и со оброк.“

Според Либертас:

„По однос на надзорот на државната граница мерките на МВР се неселективни и еднакви за сите граѓани при обид за излез од земјата, изјави во попладневниот дел од Собраниската седница посветена на пратенички прашања министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на прашање од пратеникот Самка Ибраимовски и најави и нивно засилување.“

Пренесувајќи ја оваа изјава на министерката без натамошна анализа, Либертас паѓа во стапицата на промоцијата на структурната дискриминација и развивање анимозитет кон конкретна етничка заедница:

„ќе добијат на интензитет затоа што не би сакаме заради една мала, несовесна група на поединци, кои сакаат да профитираат злоупотребувајќи го безвизниот режим да дозволиме над два милиони граѓани на РМ од сите етнички заедници, од сите вери и религии да го изгубат правото за слободно патување во земјите членки на ЕУ, односно да ја изгубат визната либерализација заради која направивме сериозни напори да ја добиеме – граѓаните на Македонија да можат слободно да патуваат без визи, без никакви ограничувања, рече Јанкулоска.“

Наместо анализите за дискриминација, некои медиуми и самите започнуваат своевидна хајка и промовираат различни видови профилирање и во оваа хајка Ромите не се единствената етничка група која доаѓа на удар. На пример, во весникот Вечер, под наслов “Азилантите никој не ги сака! слободата на македонскиот пасош загрозена од мешетари“, во текстот се употребува многу видлив говор на омраза:

„Етнички Албанци од Србија и Македонија ја окупираа Белгија со барање за политички азил.

Најголем дел од азилантите се етнички Албанци кои ја оцрнуваат и плукаат Македонија пред белгиските власти и медиумите за остварување лична азилантска корист.“

Дискриминирачкиот пристап се проширува и на други групи. На пример, под насловот Хомосексуалците од азил се враќаат со печалба во весникот Вест е дадена содржина која е директно дискриминирачка и која повикува/поттикнува на профилирање врз основа на сексуална ориентација комбинирано со етничка и расна дискриминација.

(Последното продолжение идната недела)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести