verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Виртуелни извори и обвинувања без докази

on 1 - 07 - 2020       

Фото: Илустрација

[Рецензија: Не и одговора да се говори за криминал пред избори: Власта врши притисок да се одложи судењето за „Меѓународен сојуз“]

Рецензираме текст кој веќе во насловот донесува тврдење за кое не нуди докази дека е точно. Шпекулацијата дека „на власта не ѝ одговара да се зборува за криминал пред избори“, не се потврдува со ништо. Иако, написот, всушност, почива на темелите на тоа тврдење, а читателот останува излажан дека ќе ја дознае вистината за тоа дали власта ќе ја спречи судската разврска на случајот „Меѓународен сојуз“, попознат како „Рекет 2“, или нема. Тогаш се поставува прашањето – зошто воопшто некој би напишал новинарски текст кој најавува ама не кажува ништо ново?

Линк до оригиналниот напис:  Не и одговора да се говори за криминал пред избори: Власта врши притисок да се одложи судењето за „Меѓународен сојуз“

Датум и време на објавување: 29.6.2020

Датум на рецензија: 30.6.2020

Рецензент: Југослава Дуковска

Написот се бави со темата – ќе има ли судско рочиште за „Рекет 2“ или не и – зошто не, а притоа веќе во насловот изнесува тврдење дека „власта врши притисок “ за одложување на судски процес чиешто одржување би можело да исфрли на површина податоци кои не ѝ одговараат. Во самиот текст потврда на ваквото тврдење нема.

На почетокот нè информира дека:

Во среда треба да започне судскиот процес за невладината организација на Бојан Јовановски „Меѓународен сојуз“. Во јавноста овој случај е познат како „Рекет 2“, откако првиот дел од овој случај доби судска разрешница со пресуди за Боки 13 и Катица Јанева.

Потоа следува „крунскиот аргумент“ дека:

Во политичките кругови веќе се коментира дека власта со сите сили прави напор да се одложи почетокот на овој процес.

Кои политички кругови, написот не кажува. Нема дури ни неименуван извор на кој новинарот му верува дека ќе извести за тоа што точно се зборува во „тие кругови“ , на каков начин власта прави напор да го одложи почетокот на судењето: дали врши притисок врз судии, има ли закани, уцени, задкулисни пазарења? Кој, што, како? Тоа, очигледно, „круговите“ не го споделиле за потребите на овој напис, а тврдења дека нешто „се зборува“ без да постои извор на таквите тврдења, па макар и анонимен, е несериозно за еден новинарски производ и за едно вака сериозно тврдење.

Во истиот текст стои и дека рочиштето за „Рекет 2“ е закажано за среда во 10 часот, па на читателот не му преостанува ништо друго туку да почека до среда кога ќе се види дали судењето ќе почне или не. И, доколку не почне, кои причини ќе бидат наведени за тоа, па да реши дали да им верува на „круговите“ за кои се зборува во написот.

Целта е јасна, на власта во овој момент никако не и одговара да се говори за криминалите кои во секој случај ќе испливаат кога ќе почнат рочиштата.

Оваа констатација би имала тежина само доколку веќе спомнатите „кругови“ кои се извори на информациите на новинарот му кажат некој „инсајдерски“ податок кој со докази (имиња, контакти, поврзаност, мотиви) ќе го убеди читателот дека навистина има некаков заговор или спрега на власта со судските инстанци за да не излезе на виделина криминалот за кој зборува овој напис. Доколку дошол до такви сознанија, новинарот нема причина да не ги објави дури, ако треба, и да го заштити идентитетот на својот извор. Вака, читателот треба на „жими мајка“ да поверува дека тоа навистина се случува.

Поради несериозниот пристап кон објавувањето тврдења кои не се поткрепени со никаков доказ, „не поминува“ ниту следнава констатација дека:

Власта најверојатно се исплаши од признанието на Јовановски по изрекувањето на пресудата дека „рекетираните пари во Македонија треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви“.

Се наметнува прашањето: зошто некој би поверувал во ова тврдење кога за она напишано малку погоре во текстот – нема докази?

Новинарите и медиумите се и треба да бидат „чувари на демократијата“ и на правдата, но за да бидат успешни во таа улога, неопходно е да се држат до вистината и до фактите.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести