verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Вест во низа – да се заинтересира неинформираниот без да се изгуби упатениот

on 22 - 12 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Сторија во низа: малку по малку, ама пак цела и пак за исте.Фото: скриншот, Fox29
Сторија во низа: малку по малку, ама пак цела и пак за исто. Фото: скриншот, Fox29

 

Афери, сканадали, природни непогоди и тековни процеси создаваат потреба од континуирано информирање на јавноста во подолг временски период. Обврска на професионалниот новинар е да обезбеди доволно информации за неинформираните делови од својата публика, воедно задржувајќи го трпението на гледачите или читателите кои се добро информирани за текот на настаните. Токму во тоа се согледува вештината на правење на вест во низа – начин на информирање со кој воедно се избегнуваат и погрешни интерпретации. 

 

Пишува: Александар ПЕШЕВ

 

Веста во низа е форма на новинарски израз што се употребува за теми за кои се известува подолг временски период. Во основа, станува збор за повеќе поврзани вести за настан кој не е завршен, кој трае со денови, недели, а може и подолг временски период. (Пишување за печатени медиуми, Македонски институт за медиуми, 2005 год.)

Вестите што се објавуваат, по примарната информација, мора да содржат елементи од првата вест. Практично, потребно е кратко повторување на првичната информација. За разлика од најчесто користениот пристап на превртена пирамида, при кој новата информација добива приоритет, а другите „заднински“ информации, жаргонски познати како „бекграунд“, се наведуваат кон крајот на објавата, клучно за веста во низа е публиката да се информира за контекстот кон самиот почеток на новинарската композиција. Ваквиот пристап овозможува поголем ефект на објавената информација. Поточно, ако новинарот е информиран за текот на настаните од одредена сфера во подолг временски период, не мора да значи дека и публиката е еднакво добро информирана. Едноставното пренесување на најновите информации ги исклучува неинформираните гледачи, поточно презентацијата не е релевантна за делот од публиката која не ги следела претходните информации.

 

ТЕЛЕКОМ ВО НИЗА

Пример за вакво известување е покривањето на популарно наречената „Афера Телеком“. По првата објава за скандалот, интернет-порталот „Нова ТВ“ (novatv.mk) изработи вести во низа со новите информации околу аферата, кои се обелоденуваа во подолг временски период. Така, секоја нова информација околу настанот во самиот вовед вклучуваше информации од претходно објавена вест, како, на пример:

„Дел од парите од сомнителните исплати во аферата Телеком биле всушност наменети за локални експерти и локални таленти во Македонија по барање на владата, тврди во своето сведочење поранешниот генерален директор на Маѓар Телеком.“

Авторот јасно го дефинира контекстот во првата реченица, со што на читателот уште од самиот почеток му е јасно дека станува збор за афера во врска со сомнителни исплати во македонскиот телеком. Токму овој елемент е ударната информација во претходните вести за овој скандал.

За илустрација, во информација објавена на порталот во 2013 година, се забележуваат елементите што се земени предвид при пишувањето на веста повеќе од две години подоцна:

„Ако во САД судот пред неколку дена ги отфрли сите приговори на Маџар Телеком во големата корупциска афера во која е вмешана и Македонија, во Скопје наголемо се подготвува теренот кај плоштадот за изградба на хотел и на офицерскиот дом – не од било кој, ами од еден од актерите во аферата Телеком, Грчкиот милијардер Димитрис Кондаминас.“

Контрастно, доколку не се вклучат овие елементи, читателот кој не е информиран за аферата тешко може да сфати за што точно станува збор, како, на пример, во следниов текст на иста тема, објавен без запазување на елементите потребни за вест во низа:

„Сведочењето на поранешниот разузнавач Слободан Богоевски кое открива вмешаност на високи политички функционери во криминал и корупција во случајот со Маѓар Телеком не ја изненадува домашната јавност.“

Авторот, едноставно, претпоставува дека јавноста е запознаена со аферата, како и со случајот „Маѓар телеком“. Неинформираниот читател не добива одговор на клучните прашања што треба да се одговорат со примената на принципите за креирање вест во низа, како, на пример:

  • Што е случајот „Маѓар телеком“? За какви противзаконски дејства станува збор?
  • Кој е Слободан Богоевски? Како поранешен разузнавач е поврзан со аферата и зошто се споменува?
  • Зошто темата е од јавен интерес? Дали се проневерени народни пари или сомнителни исплати? Кој бил оштетен?

Дури и ако авторот даде одговор на овие прашања подолу во текстот или на самиот крај, неспоменувањето на јасни информации од првата вест во самиот вовед на текстот може да го натера читателот да сврти страница. Мора да се има предвид дека насловот и првата реченица во новинарска објава во која било форма се клучни за задржување на вниманието на публиката.

 

ПРЕДНОСТИТЕ НА НОВИТЕ МЕДИУМИ

Имајќи предвид дека и традиционалните медиуми се најдоа на интернет, информирањето преку вести во низа може да се надгради со неколку помошни методи. Практичен пристап би било линкување на претходните информации во секоја нова објава (форма која се користи во овој напис за поврзување на именуваните вести од порталите што се земаат за пример). Така, на читателот му се дава можност со едно кликнување да се наврати на првичните објави доколку не е детално информиран. Вметнување на секција на интернет-страницата посветена на текстови на слична тема или претходни објави за темата може да помогне во подетално информирање на публиката. Пример е секцијата на интернет-страницата на македонскиот сервис на „Радио Слободна Европа“. Објавата насловена „Кој зел мито за Телеком пред суд?“ го информира посетителот за аферата во самиот вовед на текстот:

„Сведочењето на поранешниот разузнавач Слободан Богоевски пред јужниот окружен суд во Њујорк, во кое тој ги наведува македонските функционери кои земале мито од Телеком не е доволен доказ за покренување обвинение против функционерите…“

Со тоа се задоволува техничкиот аспект на веста во низа, но задржување на ваквиот пристап е оправдано во печатен медиум. РСЕ поставува пример на експлоатација на можностите на интернет-портал, па така на читателот му се нуди избор од текстови на слична тема, како, на пример, линк до прилог кој дава анализа на случајот земјаќи ги предвид последните случувања. Ваквите елементи воедно помагаат и во задржување на посетители на интернет-порталот. Сепак, мора да се напомене дека ова се само помошни методи што би им биле од корист на потрпеливите посетители на интернет-порталите. Првата информација, за која корисникот ја посетува страницата, сепак, е главниот текст, а не сродните информации. Доколку нема јасни концизни информации кои би биле корисни и за најнеинформираниот дел од публиката, освен губење интерес, се создава и ризик од погрешни интерпретации.

Кој зел мито за Телеком пред Суд
Посебна секција на интернет-порталот на „Радио Слободна Европа“ која нуди дополнителни информации за дадената тема

Дополнителен пристап, кој може да помогне во јасна презентација на информации за настан што трае подолго, е популарно наречениот „тајмлајн“ или сумирање на хронологијата на настаните. Тоа може да се изведе едноставно, со текст, како краткиот преглед на настаните околу неодамнешниот терористички напад во Париз што го објави „Ројтерс“. Имаме текстуален преглед на тоа што и кога се случило, подредено по датум.  „Њујорк тајмс“ оди чекор подалеку и на листата додава мултимедијални елементи, како фотографии и подобро подредување. Воедно, се употребува и линкување кон сродни информации за зборови во самиот текст. „Гугл“, пак, подготви комплетно интерактивна илустрација на случувањата околу настанот, која во основа претставува пример за вест во низа.

How The World Searched For The Paris Attacks
Интерактивната презентација на „Гугл“ на сите информации поврзани со нападите во Париз

Ваквиот мултимедијален пристап дава најмногу можности за посетителите на интернет-страниците, но не мора да значи дека користењето на графичките елементи е ограничено само „он-лајн“. Графичката презентација на информациите е применлива во речиси сите медиуми, со исклучок на радиото. Телевизиите можат буквално да им ги нацртаат информациите на своите гледачи на телопи, а истото може да се направи и во печатени изданија. Сепак, мора да се напомене дека за реализација на ваквиот пристап потребни се дополнителни ресурси, како графичари и програмери кои би ги изработувале овие елементи и тоа (по можност) брзо и навремено. Тоа вообичаено подразбира поголем трошок за медиумот, кој би можел да се покрие со поголема гледаност и со побројни реклами.

222222222
Пример за вест во низа изведена од фејсбук-статуси

Понекогаш, веста во низа може да се илустрира и без потреба од посериозни зафати во форма на илустрација. Најинтересен пример е пристапот на „Вашингтон пост“, кој изработи приказна во форма на вест во низа со користење извадоци од социјалните мрежи. Сторијата е изработена со информации во период од осум месеци за бременоста на Шана Свер и за компиликациите што се јавиле при бременоста. Свер, како што нотира авторот, имала навика да објавува информации за речиси сè од својот приватен живот, со што се создадени одлични услови за изработка на вест во низа од популарно наречени „постови“ на „Фејсбук“. Како и да е, мора да се нотира дека социјалните мрежи не секогаш се веродостоен извор на информации, а токму тоа го покажуваат и рецензии на СПФМ за објави кои се базирани само на информации од „Фејсбук“.

Latest Gulf Oil Spill FAQ The Government’s Power to Punish BP and More… ProPublica
Прашања и одговори за појаснување на вестите во низа

Дополнителни пристапи кои може да ја заинтересираат публиката е отворање простор за прашања и за одговори. Таков пристап употреби „Про публика“ за истекувањето нафта од платформа на БП во 2010 година.

На крај, може да се констатира дека известувањето на публиката преку вести во низа има еволуирано со развојот на нови платфирми, интерактивни и мултимедијални техники. Независно од тоа како се надградува пристапот, новинарите мора да имаат предвид дека основата на веста во низа останува непроменета: потребно е да се понудат доволно информации за да се привлече вниманието на најнеинформираниот читател, без да се изгуби вниманието на најинформираниот член на публиката.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести

Sorry. No data so far.

Sorry. No data so far.