verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Вест без правила е како куќа без темел

on 29 - 07 - 2013       

Ова е време кога угледот на професијата е сериозно нарушен од луѓе кои стануваат „новинари“ и кои имаат други цели, злоупотребувајќи ја новинарската – правовремено, точно, јасно и непристрасно соопштување на вистината. Поради нив, но и поради младите колеги, кои влегуваат во професијата во актуелните услови на наметната правна и етичка конфузија за новинарството, ова е и вистинско време да потсетиме на нејзиното височество ВЕСТ, темелот на сите новинарски жанрови. Да се напише вест е комплицирана работа, оти не секој умее со малку зборови да ја каже суштината.

Комплицираноста  на веста, всушност, е во нејзината  едноставност.

6277337422_28e50f7287_b

Фотографија: Jon S

Пишува: Сунчица Стојановска Зоксимовска

Од 14 април 1865 година, кога новинар на агенцијата „Асошиејтед Прес“ (AP) ја испрати во својата редакција реченицата:

„Претседателот вчера во еден театар е погоден со куршум, и, можеби, убиен…“,

почна историјата на веста како основен, најбрз, најмасовен и најважен облик на новинарското изразување, структуриран по принципот на превртена пирамида, со глава – лид (од англискиот lead – води) и тело на веста. По 19 век, кога веста стана производ за продажба, дотогашниот литературен стил на пишување беше заменет со пазарен. На местото на раскажувачкиот начин на новинарско изразување се појави потребата за известување на поинаков начин – брз, практичен и ефикасен. Веќе 148 години по убиството на Абрахам Линколн, тоа е начинот на кој треба да се пишуваат новинарските вести.

 

ПРАВИЛА И ПРИМЕРИ

 

Правилата се универзални – прво и основно, веста мора да содржи новост, да биде јасна, разбирлива и балансирана. Најважното во веста мора да биде во првата реченица. Има теоретичари кои препорачуваат лидот да биде максимум 30 зборови, но тоа е препорака, а не правило.

И редоследот на зборовите во оваа реченица се утврдува според нивната важност за тоа што е новото. Веста мора да одговори на 5+1 најважни прашања: Кој?, Што?, Каде?, Кога?, Како? и Зошто?. Нивниот редослед се менува во зависност од тоа кој е првиот збор што ја носи новоста. Овие правила важат за сите медиуми (печат, радио, телевизија, интернет портали). Особено важат за агенциските вести на кои се потпира широк круг корисници.

Пример 1: 

Атина, 10 јули 2013 (МИА) – Атинската општинска полиција (КОЈ), незадоволна поради нејзино вклучување во владиниот план за намалување на бројот на државни службеници и исполнување на барањата на меѓународните финансиски институции (ЗОШТО), денеска (КОГА) ја зазеде (ШТО) општинската зграда во центарот на  Атина (КАДЕ).

Од оваа глава веднаш се добива слика за тоа што се случува: кој е незадоволен, зошто, што презема во врска со тоа, кога и каде се случува дејството. Доколку читателот го интересираат детали, ќе продолжи да го чита следниот пасус. Ако не го интересираат, лидот е сосема доволен да се добие информација за случувањето.

Ако ова е добар пример на глава на вест, следниот е пример за отстапување од главните правила.

Пример 2:

Скопје, 10 јуни 2013 (МИА) – Постоењето комуникација помеѓу учениците од различни етнички припадности е базичен фактор кој влијае на вкупната клима на односите помеѓу учениците во средните училишта, покажуваат резултатите од анализата на Првата детска амбасада „Меѓаши“ од  истражувањата спроведени во пет училишта во Скопје во рамките на програмата „Мировно образование“.

Според анализата, за превенција на насилствата во средните училишта голема ефикасност имаат мировните младински клубови.

– Резултатите од истражувањето покажуваат дека помеѓу членовите на младинските клубови доминацијата на позитивните чувства кон припадниците на другите етнички заедници е поприсутна и во двете истражувања во однос на оние кои не се членови и кои немаат намера да станат членови на мировните клубови, информира „Меѓаши“, додавајќи дека покрај сите тешкотии и бариери на кои наидува, мировното образование дава кревки но охрабрувачки резултати…

Во овој пример, главата на веста е обемна, натрупана со информации кои треба да стојат подолу во текстот, веста воопшто ја нема, речениците се долги, а структурата – збунувачка. Правилото кое не е почитувано е следното: веста има четири пасуси, графички одвоени. Во првиот се кажува најважното, следните два служат за да го објаснат најважното, а во последниот пасус се дава популарно наречениот „бекграунд“ – потсетување на некој сличен настан што се случил претходно или поврзување со него. Ова всушност е принципот на превртена пирамида. Овој принцип има и практично значење: ако поради недостиг на простор, некој дел треба да отпадне, се крати од крајот, од помалку важните информации. Така, веста нема да го изгуби квалитетот.

Во првата реченица не се препорачливи општи формулации, како во примерот што следува. Првата реченица е раскажувачка наместо да биде ударна, веднаш да ја даде веста, и заедно со пренатрупаноста со бројки во главата, непотребно го оптоварува читателот.

Пример 3:

Затруени со храна и болни со стомачни вируси почнаа да ги преполнуваат инфективните одделенија по болниците. На Клиниката за инфективни болести, каде што ги примаат оние што се сметаат за потешки и покомплицирани случаи, дневно прегледуваат по 10-15 пациенти со проливи и повраќање. Од нив, во јуни имале 24 болни затруени со храна, а другите имале мака со стомачен вирус. Минатиот месец во Институтот за јавно здравје лекарите алармирале за 2.725 пациенти со дијареја (пролив), што е за околу 30 проценти повеќе во споредба со претходниот период. Лекарите алармираат да се внимава со храната, но и да се избегнува друштво на болни со стомачен вирус.

Несоодветен на правилата е и лидот на вест која почнува со назив на институција или со функција, ако таа институција или функција не е носител на главната вест. На пример:

Пример 4:

Отворени базни станици за лични документи во три скопски општини

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вчера во полициската станица „Бутел“ го испромовира почетокот на проектот„Дисперзирани базни станици“ чија цел е да им овозможи на граѓаните во општината во која живеат да аплицираат за нови биометриски лични документи (лични карти, патни исправи и возачки дозволи). На настанот присуствуваа градоначалниците на општините Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, како и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Министерката Јанкуловска нагласи дека во оваа фаза од проектот дисперзирани базни станици се отворени во полициските станици во Бутел, Ѓорче Петров и во Драчево, а појдовна точка во изборот биле бројот на населението и оддалеченоста на дел од населбите во овие скопски општини од управните служби на МВР во зградата на МРТВ…

Тука е несреќен целиот лид, вклучително со насловот. Не е толку важно кој го промовирал проектот (Јанкулоска) и што е проектот (дисперзирани базни станици), колку што е важно која ќе биде придобивката за граѓаните. Ако ги тргнеме непотребните зборови, бирократскиот јазик и долгите реченици, еден пример за глава на веста би можел да биде овој:

Лични карти, пасоши и возачки дозволи ќе се издаваат и во полициските станици во Бутел, Кисела Вода и во Ѓорче Петров. Граѓаните ќе можат таму да поднесат апликации и од таму да ги подигнат готовите документи, најави Гордана Јанкулоска, министерка за внатрешни работи.

(Ова е направено според расположливите факти од горниот пример. Не е одговорено прашањето од кога ќе може да се аплицира, што, исто така, треба да стои во лидот. Сите останати податоци за проектот или кој присуствувал на настанот, одат подолу во веста).

Следно важно правило е дека во веста никако не смее да се коментира. Односот на новинарот кон информацијата мора да биде строго фактографски. Еве еден пример од нашата пракса каде тоа правило е прекршено:

Пример 4:

Заев по стапките на Црвенковски, почна да условува

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека неговата партија е подготвена за предвремени парламентарни избори доколку тие се закажат.

Како што тоа често го правеше неговиот претходник, Бранко Црвенковски, Заев најави и дополнителни услови за учеството на СДСМ на евентуалните избори, при што ги наброја препораките на ОБСЕ и ОДИХР и низа други услови.

Ова не е ништо ново кога се работи за СДСМ….

За коментари постои коментарот, кој дозволува искажување лични ставови, за разлика од веста која се темели само на факти. Разликата меѓу веста и извештајот е во обемот, должината: веста е пократка, извештајот и коментарот се подолги. Поради правото на должина, извештајот во себе носи проширена фактографија, применува аналитичност и просудување. Во својата основа и извештајот ја содржи веста, впрочем како и сите информативни и аналитички жанрови. Но, за извештајот и за коментарот не е неопходно правилото на превртена пирамида.

 

ИТНА ВЕСТ И ВЕСТ ВО НИЗА

 

Breaking news е последна вест, ударна вест или итна вест. Донесува новост која само што се случила или уште се случува. Секој медиум брза да ја објави оваа вест, макар и со само една реченица. Итна вест се природни катастрофи, уривање на авиони, резултати од избори или од спортски натпревари, смрт на важна личност, или убави работи како еден од последните случаи со чекањето на приновата во кралското семејство во Велика Британија.

Еве како агенцијата БЕТА првично ја објави смртта на српскиот патријарх Павле:

Пример 5:

Почина патријархот Павле

(BETA) Српскиот патријарх Павле почина во неделата, потврдено е за агенцијата БЕТА.(крај).

По правило, ваквите вести по првичната објава, во тек на денот постојано носат нови информации. Тие се развиваат во вест во низа. Тоа е обработка на настан што трае, што има заедничка нишка од која ќе произлезат уште вести. Правилото е: секоја нова информација се става прва, во лидот, а претходната се потиснува надолу, во телото на веста. На следниот линк е пример како CNN направи Breaking news од падот на Боингот 777 во Сан Франциско и како ја развиваше во вест во низа:

Пример 6:

http://edition.cnn.com/2013/07/07/us/plane-crash-main/index.html?iref=allsearch

 

ЗА ИЗВОРИТЕ

 

Секоја вест мора да има извор. Може да биде официјален, неофицијален, анонимен, но мора да е сигурен и неговите тврдења да можат да се проверат. Светските медиуми имаат различна пракса за тоа како ја проверуваат вистинитоста на тврдењата на изворите. Правилото на BBC е дека секој новинар е должен пред да објави вест, да ја провери од најмалку три независни извори. Во Прирачникот на REUTERS стои дека два или повеќе извори секогаш се подобри од еден, како и дека за проверка на податоците, покрај новинарот, е задолжен и одговорниот уредник. На новинарите од Le Monde експлицитно им се наложува да го проверуваат и секој податок преземен од агенција, со образложение дека евентуалната грешка на други новинари не ја намалува нивната одговорност.

Како тоа изгледа во Македонија? Благо кажано, хаотично. Најдрастичен пример на кршење на правилото да се провери веста од најмалку два независни извори беше случајот со наводната смрт на Александар Самарџиев од Грција, кој наводно бил претепан од неофашистичката партија „Златна Зора“, по што починал. Изворот беше тврдење на Стилјан Самарџиев, кој се претстави како братучед на Александар, а тврдењето го објави на Facebook. Веста првично ја презедоа сите портали и електронски медиуми. По неколку дена, случајот беше затворен како лажен аларм.

 

УШТЕ ЕДНО ПОТСЕТУВАЊЕ…

 

Насловот е оној кој прв го привлекува или го одбива вниманието. Насловната конструкција оди вака: наднасловот лоцира, насловот информира, поднасловот го објаснува насловот. Сѐ треба да биде кратко и јасно, без вишок зборови и без зборови што се повторуваат.

Се избегнуваат зборови што се станати клише. На пример, „даде зелено светло“, „рипна во тавче“, „даските што живот значат“ и слични. Се избегнуваат пасивни изрази, како на пример, „оствари средба“, кога истото може да се каже во актив: се сретна. Се избегнуваат неодредени зборови како „многу“, „малку“, „неколку“, ако истите можат да се прецизираат. Се избегнуваат интернационализми и англицизми (на пример, често употребуваниот „имплементира“) ако за нив имаме соодветна замена во македонскиот јазик.

Не помалку важно – бајата вест не постои – веста мора да е актуелна. Или во себе носи новост, или не постои.

Следниот цитат е преземен од книгата „Да се биде новинар“ на Душан Славковиќ. Тој е пример дека и покрај правилата, врвна креативност може да се пројави и при пишувањето вест. Изгледа вака:

Пример 7:

„Џон Барингтон, вработен во кафеаната „Три аса“ во Харлем, се обидел со запалено кибритче да го провери количеството бензин во резервоарот на својот „шевролет“.

Имаше 37 години, жена и три деца.“   

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести