verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Весниците како фабриканти на политичката манипулација

on 14 - 12 - 2015       

 

Умберто Еко и неговиот најнов роман „NumeroZero“. Фото: Википедија
Умберто Еко и неговиот најнов роман „Numero Zero“. Фото: Википедија

 

Медиумите, според писателот Умберто Еко, сè помалку го пренесуваат тоа што се случило или што се случува сега, туку се впуштени во креирање на измислената стварност, убедувајќи ја дури и јавноста дека има погрешни или расипани сопствени перцептори за своите желби и очекувања. Затоа неговата редакција на измислениот весник „Утре“ се занимава со креирање на настаните што допрва ќе се случат

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во својата последна книга „Нултиот број“, славниот Умберто Еко одново се занимава со новинарството. Таа негова врзаност за стории со медиумите секако не му е првпат, но се чини содржината на книгата (најдостапно за нашите читатели во мигот ќе да е хрватското издание „Nulti broj“, изд. Профил, цена 12 евра) како ретко кога кореспондира со актуелните модели на уредување на весниците и во регионот, секако и кај нас.

Умберто Еко пишува за имагинарна редакција на дневниот весник „Domani“ („Утре“), што не се занимава со бајати вести, како и сите дневни весници, дури и со денешни (затоа беа измислени во 50-тите сите оние изданија кои имаа придавка „вечерни“, бидејќи на крајот на денот „удираа црта“). Напротив, тие се занимаваат со она што ќе се случи утре, како што кажува и насловот на весникот! Истиот, инаку, дури и нема број, за да биде ослободен од стегите на времето, и едноставно во него сè е поврзано за иднината?! Тоа е весникот со нулти број во континуитет, зад што се крие и една алегорија, се разбира.

 

ЛИЧИ НА БЕРЛУСКОНИ

Идејата на сопственикот на весникот, кој е еден италијански тајкун кој личи на Берлускони, но такви има многу (да не речеме дека сите тие издавачи личат на Берлускони!) е да ја уценува елитата на општеството, за од неа најпрвин да добие место и за себе, таму покрај нив, за потоа да ја натера власта да помисли колку би ѝ користел.

Освен со профилот на издавачот, која би била поврзаноста на домашните медиуми со „Домани“? Па, секако, во шпекулативноста, бидејќи да правиш утрешни вести треба да ги измислуваш, да ги пишуваш онака како што писателите пишуваат фикција. Да речеме, во „Домани“ стои дека утре во центарот на Рим ќе убијат карабињер. И навистина – следниот ден во центарот на вечниот град убиваат полицаец во униформа. Ова е лесниот пример да се објасни „видовитоста“ на новинарот, бидејќи, во Рим во тоа време, секојдневно гинеле карабињери, па според теоријата на веројатноста, голема е шансата да се случи предвиденото.

Таа леснотија во однос на согледувањето на идните настани би била во наши услови како кога кај нас некој би напишал дека на следниот тендер за осветлување на улиците во некоја скопска општина, работата ќе ја добие братот на еден познат медиумски моќник! Или дека во една голема електроенергетска компанија, и покрај големиот број огласени слободни места, ниту едно нема да припадне на некој што не е член на владејачката партија.

Или, да земеме пример со една покреативна шпекулација. Неделникот „Република“ деновиве објави текст под наслов „СДСМ со план да ги изигра изборите“. Секако, неделник може да си дозволи шпекулација за сериозна тема како што се изборите и тактиките на партиите, ама за таквото нешто треба да постои некаква сериозна рационална поставка, која читателот треба да го убеди во тврдењето или аналитичката моќ на неделникот. Но, текстот најпрвин не нуди никакво оправдување на насловот, бидејќи содржи пет идеи на СДСМ како да ги добие изборите, а ниту една за тоа дека тој ќе бега од изборите или ќе се обиде да ги изигра! Правењето тактики и стратегии е легитимно за секоја организација, а од изнесеното не се гледа ништо недозволиво.

 

ЦИТАТ БЕЗ ЛИНК

Потоа, во таа анализа нема никаков извор кој би се повикувал на став на СДСМ или одговорен член на таа партија, туку единствен кладенец е интервјуто на човек кој бил претседателски кандидат на оваа партија (Љубомир Фрчкоски). Ама, тој не е член на партијата, ниту во нејзино име во мигот е вклучен во некој форум. Да не говориме дека не е даден линкот со интервјуто на професорот, со што веднаш се јавува дури и сомнеж во веродостојноста или релеватноста, бидејќи, на пример, можеби сето тоа е кажано на некоја клупа во паркот. Исто така, можно е да се работи за истргнати изводи од различни интервјуа, дадени по различни поводи и тоа се релевантни методи за препознавање на тежината на кажаното, кое, пак, е многу често цитирано и е, да повториме, единствен извор за шпекулацијата!

Впрочем, додека сме на страниците на „Република“, на порталот од 12 декември можеме да видиме многу текстови, ама доминантен број со наслови кои содржат „ќе“ или ја претпочитаат иднината во стилот „може да биде, ама и не мора“, кои кажуваат за карактерот на медиумот. Насловите како „Позната јапонска фирма ќе инвестира во хотел во Скопје“, „Нова француска инвестиција ќе гради музички продукционен центар“, „Со обуки за дефицитарни занимања …ќе се продолжи и догодина“ и слично, се материјали кои се доминантен дел од економската рубрика.

Умберто Еко ваквите весници, кои во себе го имаат проектирано она што ќе се случува во иднината, без или со она „ќе“, ги смета за индикатор дека имаме пред себе четива кон кои можеме да имаме скепса и кои се дел од слугувачко–уценувачка механика, што е, пак, инкорпорирана во трулото општество, она без какви било морални скрупули. „Тоа се медиуми кои на урнатините на старите политички хармонии даваат енергија да дојдат оние сили што ќе ја озаконат корупцијата и криминалот“. Колку ни е ова познато?

 

БЕНИТО МУСОЛИНИ Е ЖИВ!

Но, да се вратиме на весникот „Домани“. Истиот, едно утро излегува со наслов „Бенито Муслини не е убиен и тој е жив!“ Веста е, се разбира, лажна, ама некому му е потребно да го претвори фашистот во зомби кој во современото италијанско општество би бил функционален, особено ако таа заедница во мигот дејствува хаотично. Помалите шпекулации, споменати погоре како наши примери, и не се најопасните, туку оние кои се темелат на лагата, односно се класична невистина. Редакциските состаноци на весникот во романот на Еко, впрочем, се базираат на договори што се засновуваат на лов во матно, на уцени, сугестии, инсинуации и секогаш на лагата како вообичаен инструмент.

Во архивите на весникот „Домани“ има на стотина матни стории, никогаш нерасветлени докрај, што можат да се вадат на светлина на денот ако се немаат свежи наслови и ако истите се корисни во мигот да оцрнат или да фрлат сенка врз поединец или група јавни личности. Еко во книгата нè тера кон заклучокот дека и кога Берлискони го нема, кога исчезна целата негова харизма, методите што ги воведе во медиумите си добија цврсти корени.

Ова е, секако, познато и за нашиот медиумски простор. Да речеме, ова со вадењето на валканите работи од минатото, на што работи барем еден моќен центар кој лиферува такви мали и големи приказни секој ден, плод на континуираната работа на неговата машинерија. Секако, интернетот помага во чување на сите стории за некого или за некаква појава, па дури и најмалите редакции можат да си дозволат „повторување на градивото“.

Врв на шпекулативноста, секако, се приказните кои со помош на лагата сакаат да направат дефокусација на јавното мислење или да нанесат голема политичка штета. Ако објавите дека, како пример од стварноста, во Липковско утринава (значи денес) се слушале многу пукотници од „калашњикови“, дека се видени луѓе во униформи на ОНА во шумите и дека веќе (утре) го имаме на наше тло она што ни се случи во 2001 година, секако дека внесувате страв во домовите. Најпрвин на оние што живеат во Кумановско, а кога таа приказна експресно ќе се преземе од другите медиуми (навикнати да не проверуваат, туку настојуваат да добијат некоја лажица од линковите) и во целата земја, па и во околните држави. Која е целта на ваквата вест, која се покажува како лажна – всушност се работело за прв ден на ловната сезона, а луѓето во униформи се стрелци на зајаци? Најнапред, да се обнови атмосферата на меѓуетнички судир по неуспешната инсценација од 9 мај годинава во Куманово и да се спречи ширењето негативните емоции кон режисерите на „прославата на Денот на победата“ во овој град. Посебен шмек на оваа медиумска „грешна врска“ меѓу новинарството и политиката е во фактот дека првата вест ја даде наводен проопозицоски медиум, а неа веднаш ја презедоа сите провладини гласила, доволно бројни кај нас, па се чини победата на меѓунационалниот соживот на кумановци над манипулативната хистерија на власта беше само привремена!?

И Еко е загрижен – модерното новинарство сè помалку констатира кои се човековите реални тежненија и очекувања, туку тоа е впрегнато со политиката да создава свои и заедно да го убедуваат народот дека тој досега имал погрешни перцептори. Епохата од создавањето на брзи медиуми се затвора со чувството на манипулативност во корист на политиката.

За среќа, медиумската сцена се менува со појавата на социјалните мрежи. Останува да видиме како со нив ќе се промени и – колку?

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести