verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Васко Ефтов: Моите ставови се исти и сега како и пред пет години

on 10 - 11 - 2015       
vasko eftov
Ефтов: Немам никаков проблем околу изборот на темите. Сега засега. За понатаму ќе видиме. Фото: лична колекција

 

За мене и сега, како и пред пет години, Јосип Броз Тито е најголем политичар од овие простори, Тодор Александров е Бугарин, а не Македонец, Никола Груевски води лоша политика. Што е сменето? Само една работа – на чело на опозицијата дојде Зоран Заев и во две години успеа цивилизациски да девастира сè што македонската левица значеше низ историјата.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Васко Ефтов е новинар кој може да го сакате или не, но никој не може да остане рамнодушен на него. Досега има сменето повеќе телевизии, за повторно да се врати во „Канал 5“. Тој признава дека емисијата „Во центар“ е шетана. Сепак, на прашањето која е причината за тоа, притисоци, негови услови или нешто друго, Ефтов одговара:

„Да, шетана емисија е „Во Центар“. Понекогаш ми се чини дека има поголема километража од емисиите „Истражи ја Македонија“ и „Светот на дланка“. За шетањето на емисијата благодарност им должам на власта и на опозицијата, кои во разни периоди и со разни форми ми овозможија емисијата да биде емитувана и забранувана речиси на сите национални телевизии во Македонија. Тоа е незаборавно искуство за еден новинар.

 

ЗАЕВ И ШЕЌEРИНСКА НЕ МЕ ДЕМАНТИРАА

По телевизија „Алфа“ и по „Алсат М“, повторно се вративте на „Канал 5“. Што Ви понудија. Ви помогна ли некој да се вратите во телевизијата?

Ефтов: Понудата за „Канал 5“ постоеше уште во 2011 година. Еден месец по прекинувањето на емисијата на 3 јуни 2011 година, менаџментот на „Канал 5“ писмено ме информираше и ме покани на разговор за продолжување на соработката. Но, во тој момент јас веќе бев договорен и работевме на проектот за телевизија „А2“. Од тие причини тогаш ја одбив поканата за продолжување на соработката со „Канал 5“. Како дојде до обновување на соработката? Тоа траеше подолго време. Уште пред да ми биде прекинато емитувањето на емисијата на „Алсат М“, ние имавме договор со „Канал 5“. Но, тогаш дојдоа „бомбите“ и оценивме дека соработката треба да ја официјализираме во септември. Тоа е целата вистина. Всушност, помош во преговорите имав само од мојот мобилен телефон, со кој ги договаравме средбите и келнерите, кои нè служеа еспресо и кисела вода во кафулето „Тренд“ во „Сити мол“, каде ги договоаравме сите детали за емитување на емисијата „Во Центар“ на „Канал 5“.

 

За заминувањето од „Алсат М“ ги обвинивте Зоран Заев и Радмила Шекеринска. Зошто мислите дека тие се причина за отстранувањето на Вашата емисија?

Ефтов: Ни Заев, ни Шекеринска не ги демантираа моите обвинувања. Немаше деманти ниту од менаџментот на „Алсат М“. Гледате како експресно стигнуваа нивни деманти или реакции за јахтите во Јонското Море или за хациендите на Халкидики, но на обвинувањата од моја страна за сериозни кршења на слободата во медиумите немаше нивна реакција. Чудно нели!?

 

Исто така, го обвинивте и тогаш првиот човек на телевизијата, Мухамед Зекири. Сега, кога повеќе не е уредник, дали би се вратиле во телевизијата?

Ефтов: Не го обвинив јас Мухамед Зекири. Напротив, Зекири како тогашен главен и одговорен уредник на „Алсат М“, на својот фејсбук-профил напиша дека емисијата е прекината поради хигиенски причини. И тогаш не видов никаква вашa реакција како собирачи на факти, иако, колку што можам да заклучам, вие сте ревносни проследувачи и нотирачи на сите вулгарности на социјалните мрежи изречени од или против новинарите. Или тоа важи само за некои новинари!? Но, интересно, немаше реакција ниту од Синдикатот на новинарите, иако госпоѓата Тамара Чаусидис водеше судски спор со истата таа телевизија поради прекин на работниот однос. А, немаше ниту реакција на претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој остана нем на мојата прозивка дали во конкретниот случај се однесува како Албанец или претседател на ЗНМ. Да Ве потсетам дека за сличен тип емисија, кога „Во Центар“ беше тргната од програмата на ТВ „Алфа“, Насер Селмани имаше реакција во името на ЗНМ. Тоа, за жал, се тие двојни стандарди под чиј товар денес збревта нашата Македонија. Сега читам дека Зекири се жали дека заминал од функцијата главен и одговорен уредник на „Алсат М“ поради притисоци од ДУИ врз газдата на телевизијата. Видете, во основа, во „Алсат М“ направија лоша процена. Мислеа дека на долг рок можат да држат антивладино расположение, а жртви на таквата уредувачка политика да бидат само Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, но не и ДУИ и Али Ахмети. Проценија дека со „бомбите“ неминовно ќе дојде до паѓање на владата. И, кога сите процени ги промашија, почна операцијата да се спасува што може да се спаси. Не се спаси само Зекири, кој никогаш не играл шах, туку фудбал по селските ливади околу средното теолошко училиште во Кондово.

 

Дали имате проблем со изборот на теми?

Ефтов: Немам никаков проблем околу изборот на темите. Сега засега. За понатаму ќе видиме.

 

НЕ СУМ ЗАДОВОЛЕН ОД СОСТОЈБАТА ВО МЕДИУМИТЕ

Дали мислите дека во емисијата ќе можете да донесете гости од опозицијата со оглед на сè почестите напади врз нив?

Ефтов: Во сите досегашни емисии од новата сезона најмалку половина од гостите беа опозиционери. Во последната емисија беа Џабир Дерала и Ивон Величковски како опозионери и Наталија Ивчева, која во јавноста изнесува провладини ставови. Но, ако дозволите, за гостите би кажал уште нешто. Кога емисијата се емитуваше на „Алсат М“, имаше забрана на програмите на таа телевизија да гостуваат Арсим Зеколи, Ким Мехмети и Едмонд Адеми поради политички причини, како критичари на ДУИ, и Рамадан Рамадани поради порадикални верски погледи на светот. Но, кога ми беше прекината емисијата, сите до еден покомотно се чувствуваа да си останат лојални на својот етникум, а не на демократијата и го оправдуваа забранувањето на емисијата.

 

Што мислите за дебатните емисии во македонските телевизии. Додека во критичките емисии има постојано дебати, во провладините нема никакви. Која е причината за тоа?

Ефтов: Гледате какво салто мортале правите во прашањето. Во критичките емисии имало дебата, а во провладините немало. Ако ја следиме логиката на прашањето, тогаш тоа би значело дека во критичките емисии гостуваат претставници на власта (бидејќи каква е таа дебата ако во неа нема соочување на размислувањата на луѓе од власта и на луѓе од опозицијата ), а во провладините не гостуваат претставници на опозицијата. Се надевам дека под дебата во критичките емисии не подразбирате кога двајца претставници на опозицијата дебатираат меѓу себе, а новинарот им мери време, бидејќи тоа во нормална држава се нарекува политички маркетинг, но, за жал, не и политичка дебата. Се надевам дека ова укажување ќе го прифатите најдобронамерно, бидејќи не е добро да имате двојни стандарди за исти процеси во власта и во опозицијата.

 

Откако се вративте во „Канал 5“ во јавноста се засилија руморењата дека сте ги смениле Вашите политички погледи? Дали е тоа вистина и, ако е, која е причината?

Ефтов: Моите ставови се исти и сега како и пред пет години. За мене и тогаш и сега Јосип Броз Тито е најголем политичар од овие простори, Тодор Александров е Бугарин, а не Македонец, Никола Груевски води лоша политика. Што е сменето? Само една работа – на чело на опозицијата дојде Зоран Заев и во две години успеа цивилизациски да девастира сè што македонската левица значеше низ историјата. Ги има сите мои емисии закачени на „Јутјуб“ и секој може да види дека јас уште во 2012 година предупредував дека таа „заевизација“, која ќе ѝ се случи на опозицијата, ќе има катастрофални последици.

 

Дали сте задоволни од од состојбата во медиумите?

Ефтов: Не сум задоволен. Печатените медиуми се во фаза на умирање. Телевизиите сè повеќе стануваат видеотеки, а порталите се доказ дека во Македонија не функционира ниту здравството, ниту образованието.

 

Се плашите ли од некој, на пример, политичар, колега новинар, бизнисмен? Имате ли притисоци во Вашата работа?

Ефтов: Се плашам само од една работа – дека следната емисија нема да биде барем во нешто подобра од претходната. Сè друго е дел од вообичаениот новинарски фолклор.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести