Неосновани и тенденциозни напади
Објавено во Рецензии
on 22 - 11 - 2016 Автор: Зоран Бојаровски[Рецензија: Пари на рака за „независните“: Сорос ја почна кампањата на СДСМ (Видео)]
Премногу сомнителна и, во исто време, провидна е постапката врз основа на која оваа медиумска содржина ја изведува својата поента за „нов заговор на независните и на Сорос“ кои, ете, констатира текстот, ја почнале кампањата на СДСМ.
До оваа констатација е дојдено врз основа на „видео кое стигнало до редакцијата во кое јасно се гледа дека член на акцијата излегува од комбето и на бензинска пумпа се сретнува со човек кој му дава пари за сработеното“.
Извинете, ама тоа не е доволно. Што гледаме во видеоснимката: дека некој некому му дава пари (?!), и… толку. Како можеме да бидеме сигурни дека парите се за таа намена за која се тврди во текстот, кога за тоа нема никаква ниту индикација, а камоли потврда. Зошто не би биле за гориво или за патарина?
Потврда, пак, се можело да се добие ако се обрателе на организаторот на акцијата, кој, како што се наведува и во текстот, воопшто не е скриен, ниту се крие. На веб-страницата на акцијата „Ние одлучуваме“ сосема транспарентно се објавени организаторите и сосема јасно е наведена целта и мотивацијата за акцијата:
„Граѓанската акција НИЕ ОДЛУЧУВАМЕ! има за цел да ги информира, мотивира и охрабри граѓаните да учествуваат на предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 година. Граѓанските организации ќе ги регистрираат злоупотребите на јавните ресурси и институции за изборни цели, заканите и заплашувањата кон граѓаните за остварување на избирачкото право, ќе го набљудуваат финансирањето на изборната камапања и известувањето на информативната програма на МТВ“.
Линк до оригиналниот напис: Пари на рака за „независните“: Сорос ја почна кампањата на СДСМ (Видео)
Датум и време на објавување: 20.11.2016, 17:12
Датум на рецензирање: 22.11.2016
Рецензент: Зоран Бојаровски
КОНЦЕПТ НА ЗАГОВОР
Овие факти, очигледно, ја отфрлаат идејата за каква било конспирација, каква што сака на акцијата да ѝ накалеми овој текст.
Тоа го прави целиот концепт на заговор што го сугерира текстот – смешен. Сорос, односно, Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија не кријат дека се дел од кампањата заедно со уште десеттина други „невладини“.
Понатаму, кога велиме сомнителна и провидна постапка, сакаме да аргументираме дека не може да се формира текст, а потоа и да се изведе поента, само врз основа на видеозапис кој, патем, ама ништо не потврдува од текстот. Мора да се биде критичен при изборот на изворот и да се провери дали се точни доставените информации. Добра практика е да се настојува при избор на изворите тие да бидат разновидни и релевантни. Ништо од тоа нема тука.
Тоа ја прави оваа постапка валкана, прилично валкана! Таков е и „новинарскиот“ продукт.
Кога зборуваме за факти, воопшто не е точно дека кампањата „Ние одлучуваме“ почнала на 20 ноември од Охрид. Таа трае веќе триесетина дена, а Охрид беше само уште една попатна станица.
И тоа не е сè. Текстот има интегрирани коментари:
„Пари на рака за добро завршена работа, тоа е начинот на кој функционира Сорос, застанувајќи зад СДСМ. Дебело платени активисти, се претставуваат како „независни граѓани“ и одработуваат и ги застапуваат ставовите на СДСМ пред почетокот на изборната кампања. Овој пат фатени на камера со неможност да негираат за своите нечесни постапки“.
Ова се само низа мислења и коментари кои не се поткрепени со ништо. Тие, такви, не се вредни новинарски аргументи.
АД ХОК ТЕЛОТО ИЗЛЕГЛО ОД СВОЈОТ МАНДАТ
И на крајот да проблематизираме уште една поента од оваа медиумска содржина. Во недостиг од аргументи, а за да имаат барем нешто, пишувачите на овој текст се повикале на реакција на Привремената комисија за следењe на медиумско претставување во врска со иконографијата и пораките на акцијата „Ние одлучуваме“:
„Привремената комисијата го почитува правото на граѓанските организации да организираат кампањи од јавен интерес и едукација на граѓаните, но при тоа да обрнат внимание нивните пораки да не бидат идентификувани со пораките на учесниците во изборниот процес, се вели во соопштението на Привремената комисија за следење на медиумското преставување“.
Мора да се констатира дека со оваа препорака ад хок телото „излегло“ од својот мандат, бидејќи нивната надлежност не се активностите на граѓанските организации, туку следење на медиумското претставување на изборниот процес. Значи, содржината на програмските пакети во кои се известува за изборите. Дали некоја телевизија или радио им дала несоодветно место на граѓанските акции е сосема друга приказна.
И, ако се повикаме на Кодексот на новинарите, оваа медиумска содржина, врз основа на изложената проверка на фактите, е политички пристрасна и необјективна (Член 14).
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
Делумно
делумно
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
Минимално и селективно
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор, наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
политичка дискриминација,
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови