verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Употребата на оружје и пишувањето на медиумите

on 30 - 10 - 2014       
Colt M1911A1, калибар 0.45 инчи (12,7 мм) од Втората светска војна. Фото: Auraelius, 2004 година

Colt M1911A1, калибар 0.45 инчи (12,7 мм) од Втората светска војна. Фото: Auraelius, 2004 година

 

Кога веќе се известува за ваквите појави, кои, рака на срце, се дел од нашето секојдневие и не треба да се игнорираат, потребно е покрај информацијата преземена од билтенот на МВР или прес-конференцијата на портпаролот на полициската станица каде се случил немилиот настан, да се посвети поголемо внимание на социолошките аспекти.

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановскадоктор по меѓународно право

 

Фактот дека на многумина им е полесно да посегнат по оружјето наместо да се обидат на мирољубив начин да решат некој проблем, полека но сигурно станува секојдневие во македонското општество. Медиумите како „општествено одговорни и во служба на граѓаните“ редовно известуваат за ваквите настани. Најчесто, тоа се ударни вести на електронските медиуми и се на насловните страници на печатените.

Повеќе никому не му е невообичаено како прва информација во вести да слушне за убиство, самоубиство, сообраќајна несреќа и сл. Наслови како :

станаа дел од медиумскиот простор кој по добрите правила на новинарството во некои други времиња ќе беше отстапен за сосема поинакви вести и настани.

Кога веќе се известува за ваквите појави, кои, рака на срце, се дел од нашето секојдневие и не треба да се игнорираат, потребно е покрај информацијата преземена од билтенот на МВР, или прес-конференцијата на портпаролот на полициската станица каде се случил немилиот настан, да се посвети поголемо внимание на социолошките аспекти.

Во кодексот на новинари, во членот 8, стои дека „начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“. За жал, претходно споменатите наслови се, најблаго речено, тенденциозни и обидот да бидат презентирани само како полициски извештаи е блага форма да се извести за настан кој спаѓа токму во некоја од категориите кои треба да бидат ослободени од сензационализам.

Едно од прашањата кои се наметнуваат во оваа анализа е: зошто новинарите се задоволуваат со ставот дека „тоа е интерна истрага на надлежниот орган“? Во текстовите објавени на „Плусинфо“ , „Нова ТВ“ , „Бриф“, може да се прочита дека “Јавниот обвинител со големо внимание ги чита наодите на полициските истражители за инцидентот… дека МВР и АРМ водат интерна истрага … дека е поважно дали се тоа партиски пресметки или обична пресметка помеѓу две семејства“. И други медиуми излегоа со слични ставови кои во никој случај или најмалку би требало да ги интересираат читателите, кои не ги интересира сензационализам. Никој од известувач(к)ите за конкретниот настан не постави прашање како тоа толку лесно се крева огнено оружје и се посегнува по нечиј живот – независно од причината!?

 

ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ

Досега во ниту еден од текстовите каде се пишува за некој вид убиство со огнено оружје било поради партиски пресметки, било поради грешка и несмасност на ловџијата, не прочитавме дека постои Закон за оружје донесен на 1 февруари 2005 година во кој, покрај другото, стои и дека:

– физичко лице може да носи оружје само при вршење на својата работа (чл 24)

– дека сопственикот или корисникот на оружје е должен да го носи на начин да не ја загрозува својата и личната сигурност на другите (чл 31 ст 1)

– дека е забрането носење и употреба на оружје на јавно место (чл 31. ст 3)

И дека за непочитување на овие и другите одредби на Законот за оружје следуваат парични казни и одземање на оружјето.

При известувањето за пукањето во Кондово, за новинар(к)ите беше поважно да се прецизира дека станува збор за членови на иста политичка провиниенција и за тоа кој чиј брат е и чии интереси во партијата застапува, а најмалку беше важно дека со овој чин, кој се случи во јавен објект, независно дали е партиски штаб или кафеана, беше нарушена безбедноста на сите оние кои биле во близина на тој објект. Фактот дека се пукало од службено оружје е мотив повеќе од надлежните да се побара информација што ќе се преземе против нивните припадници, а не да се задоволат со информацијата дека „е точно оти се пукало од службен пиштол“. Се разбира, потврдата е важно да се пласира во медиумите, но поважно за јавноста е да знае што понатаму со овие лица. Да, сите известија за нивното притворање, но добро е да се проследи настанот до крај и медиумите да информираат за епилогот и за казните кои ќе ги добијат овие лица. Или, кога читавме за ловечкото куче кое го застрела ловецот, поважно беше да се каже на кој начин кучето ја турнало пушката, отколку да се наведат законските норми кои во Законот за оружје јасно дефинираат како треба да се постапува со ловечкиот прибор.

 

КАКВИ СЕ УЛОГИТЕ НА ЧИНИТЕЛИТЕ

Радио Слободна Европа“ има направено анализа каде под насловот „Лесно се крева рака на друг“ има обид да се дефинира кои се причините за нетолерантноста во македонското општество. Таму може да се прочита дека:

„Живееме во општество во кое владеат вредности кои се спротивни на мирољубивото решавање на проблемите и конфликтите во општеството;… дека во ситуација во која образованието е обременето со дискриминација и омраза кон другиот, нормално е да растат генерации кои се поподготвени да се тепаат, отколку да разговараат и да ги вкрстат аргументите со оној со кого не се согласуваат.“

Повикот од еден од соговорниците во текстот е и кон медиумите, бидејќи според него:

„Ако институциите закажат, односно го прават токму обратното од она што би требало да го прават, тогаш останува на медиумите, на граѓанското општество, на поединците кои се лидери во своите средини да се обидат да се одбранат од ваквите политики и практики на институциите.“

Ваквите размислувања се на поединци кои имаат свое место во општеството, конкретно во НВО-секторот, но ретко кој може да се согласи со ваквата генерална квалификација на општеството како конфликтно, на образовните институции како проблематични, на улогата на семејството во целиот овој систем што резултира со: „крајно небезбедно општество во кое насилството и нетолерантноста се само споредни елементи.“

Вакви констатации презентирани во медиум само придонесуваат да се размислува во насока дека на насилството во заедницата не може да се спротивстави никој од органите задолжени за тоа, што е целосно неточно и во спротивност со реалните состојби.

Уште еден аспект е проблематичен во најголемиот дел од медиумските пишувања на оваа тема. Зошто само политичката партија ДУИ почувствува дека е потребно да даде свој коментар на настанот? Тоа што не станува збор за нивни членови, не треба да ги остави настрана од настаните другите политички субјекти во Македонија да дадат свој став за настанот. А, ако веќе самите не сакаат да коментираат и да се произнесат, токму медиумите се тие што треба да ги прашАат. Не е ли тоа уште еден придонес кон поделеноста на општеството и конфликтноста за која погоре стана збор?

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести