verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Убавите приказни во улога на автоцензура

on 7 - 10 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

 

10-dsfsdfsf
Убави приказни во очекување на поголемата благосостојба. Фото: веб-страница на претседателот

 

 

Што претставува барањето до новинарите да пишуваат „убави“ приказни? И како тоа таквите приказни би довеле до тоа „благосостојбата да се подигне на повисоко ниво“? Овде ќе се обидеме да одговориме дали изнасиленото производството на „убави“ приказни во новинарството води кон автоцензура и тоа преку примерот на Русија и состојбите со професијата во оваа земја

 

„Земјите што имаат весници преполни со добри вести, имаат затвори преполни со добри луѓе.“

Џејмс Беван, висок комесар на Велика Британија во Индија (2011-2015)

 

Автор: Борис Камчев од Санкт Петерсбург

 

Како излезено од старите добри антиутописки филмови, македонскиот претседател Ѓорге Иванов минатата недела повика група ТВ-новинари и уредници да ја разубавуваат реалноста со успешни стории. Иванов уште еднаш повика медиуми да бојат розова слика за нашата земја, без оглед какви и да се вистинските состојби. Покрај таа, ваквата постапка може да се протолкува и како повик на автоцензура.

Во текот на прием на група медиумски работници од ТВ „Нова“, на присустните тој им се обрати охрабрувајќи ги „да презентираат убави и успешни приказни за општата благосостојба да се подигне на повисоко ниво“.

Кога претседател на една земја порачува новинари да пишуваат приказни за подигнување на општата благосостојба на земјата, а во таа земја една третина од населението живее на работ на егзистенција и престолнината ја бие константна политичка криза, тогаш се соочуваме со карактеристична состојба кај авторитарните режими – неговите протагонисти живеат во меур, во еден паралелен свет базиран на пропаганда и стратегии за односи со јавноста.

Во исцрпниот труд „Г-н Путин, таен агент во Кремљ“, авторите Фиона Хил и Клифорд Гајди детално го анализираат односот кон реалноста на рускиот лидер Владимир Путин. Несвесен за промените што се случуваат околу него, во договор со тогашниот претседател Дмитриј Медведев, во септември 2011 година, Путин, тогаш премиер, издејствува рокада на функциите. Само неколку месеци подоцна, и на негово големо изненадување, Русите го покажаа својот гнев од тој чин во серија масовни и насилни протести по улиците на Москва, невидени по колапсот на Советскиот Сојуз во 1990-91 година. Од 2012 г. наваму, режимот го стегна ременот, ја засили комплетната контрола врз медиумите и ги оневозможи руските опозиционери и невладини организации со драконски закони и репресија.

Иванов не е Путин, но не му е првпат да се обидува да го потценува општественото значење на македонските медиуми. Оценката на „Фридом хаус“, која во својата последна ранг-листа за слобода на медиумите во светот Македонија ја стави на 125. место од 199 земји и територии, тој ја нарече перцепција. Иако станува збор за влијателно и реномирано меѓународно рангирање, според утврдена стручна методологија, кое се спроведува уште од 1980 година.

Во текот на интервјуто на емисијата „Топ-тема“ на ТВ „Телма“ со уредникот Атанас Кировски, Иванов ги потцени, како „Фридом хаус“ и сериозните истражувања на јавното мнение, така и домашните медиуми, обвинувајќи дека тие самите создавале перцепција на неслобода на говорот во Македонија.

„Зошто тонат медиумите е одговорност на самите медиуми, тогаш можете со прст да покажете ова не ни чини, овој закон не дозволува ова, овие мерки преземени ова… не го прават тоа“.

Неповрзаната мисла на Иванов едноставно ја банализира состојбата со медиумите. Се разбира, власта, чиј истурен претставник е и самиот Иванов, нема да признае дека најголем виновник за падот на слободата на говорот и на квалитетот на медиумите во земјата е, всушност, самата власт и со прст ќе посочува кон сите други. Кон новинарите, кои требало да пишуваат убави стории за да се подигнело нивото на општата благосостојба, и кон уредниците, кои со нивните медуими создавале перцепција дека ситуацијата е трагична, но реалноста била поубава.

Повикот на Иванов до новинарите на ТВ „Нова“ е во тренд со рускиот државен мејнстрим на сериско производство на вести, кое владините пропагандисти сакаат да го прикажат како журнализам. Неговите изворишта се во политтехнолошките лаборатории на Кремљ, предводени од генијот за односи со јавноста Владислав Сурков. За Кремљ сè е однос со јавноста.

Во 2013 година, во едно свое обраќање до новинарите на агенцијата „РИА Новости“, тогаш консолидирана од државата во сеопфатен медиумски џин „Русија севодња“ (под чија управа се и „Спутник“ и „Руска реч“), Дмитриј Кисељов, првиот човек на „Русија севодња“ и еден од главните московски пропагандисти, го има кажано следново:

„Треба да се запомни дека за разлика од западното, руското постсоветско новинарство треба да гради информациски вредности наместо да ги обновува. И овие вредности и информации треба да се продуцираат, наместо да се репродуцираат“.

Во доба на интернет-медиуми и социјални мрежи, еден од најважните сегменти на ова „новинарство“ е создаден од интернет-претприемачот Константин Риков. Во Русија и пошироко познат како цар на „тролањето“, тој, со широкограда финансиска подршка од власта, создаде нов бран во руската интернетска пропаганда заснована на киберпанк и контра-култура на „тролање“, насочени против либералните вредности.

Со оглед на сеопфатната автоцензура што владее кај руските редакции и новинари, нормално, начинот на размислување, според кој треба да пишуваме само весели и среќни вести и да замижиме пред социјалната и политичка стварност, упатува дека слична автоцензура треба да се инсталира и кај нашите новинари.

Василиј Гатов, руски издавач, автор и новинар, вака ги опишува денешните горливи состојби со медиумите во авторитарните системи.

„Борбата за слобода на говорот беше еден од најголемите предизивици на 20 век. Во 21 век најголемиот предизвик ќе бидат држави и други моќни актери кои ја злоупотребуваат слободата на говорот“.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести