ТВ-дневник: Владата најдобра, опозицијата не чини, граѓаните ги нема никаде
Објавено во Новинарски лекции
on 24 - 12 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“ во 18 часот на 23.12.2015 година]
Аферата „Фабрика за личните карти“ беше главна тема во овој ТВ-дневник. Дневникот во целина претставуваше манипулативна и шпекулативна критика на опозицијата и голема пофалба за власта. Опозициските изјави и активности ги немаше никаде, освен во негативна конотација, а немаше ниту збор за некој од проблемите на граѓаните.
Пишува: Ана Анастасовска
ТВ-дневникот почна со ударна вест дека Обвинителството почнува со анализа на фалсификуваните документи. Беше пренесена прес-конференцијата на јавниот обвинител Јован Цветановски, кој посочи дека на обвинителството ќе му бидат потребни околу два месеци за да ги разгледа и да ги испита материјалите најдени во „фабриката за лични карти“. Беше нагласено и оти обвинителот потврдил дека биле пронајдени материјали од прислушувани разговори. Она што беше испуштено во овој дел од прилогот, а можеше да се прочита и види на другите медиуми, е тоа што обвинителот не им дозволи на новинарите да поставуваат прашања, иако се обрати на прес-конференција.
По ова, следуваше прилог, односно вест пренесена од порталот „Прес 24“ со наслов „Криминалците им телефонирале на Спасовски и на Заев додека ги апселе“. Станува збор за непроверени и за шпекулативни информации за да се обезбеди политичка корист за една партија. Непрофесионално е во ситуација кога за одреден предмет се води истрага, да се пуштаат во јавноста вакви шпекулации и да се наметнуваат некакви заклучоци со кои би се поентирало политички.
По ова следуваше изјава на техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој во одговор на новинарско прашање демантираше дека разговарал со фалсификаторите во време кога тие биле апсени. Но, она што е испуштено во овие вести е прес-конференцијата која ја одржа министерот, а на која посочи дека откриле 22 лица од Пустец што незаконски гласале во скопската општина Центар.
Надоврзано на овие прилози, следуваше соопштението од премиерот Никола Груевски, поврзано со „фабриката за лични карти“, во кое тој нагласува дека Македонија е „заложник на лудилото“ на неколку луѓе од опозицијата. Притоа, беше прочитано целото соопштение од премиерот, а соопштението на СДСМ на истата тема го немаше никаде.
Без коментар! Ова беше насловот на следниот прилог, а се однесуваше на тоа дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, самиот себе се демантирал со изјавите. Беше изваден исечок од неговото интервју дадено за емисијата „Топ-тема“ на ТВ „Телма“ во кое тој вели дека нема поднесено тужба против медиум. На ова од „Канал 5“ му реплицираа дека лаже, односно дека поднел барање за извинување до телевизијата со закана за тужба. Остана нејасно каде е тука лагата.
Понатаму следуваше прилог за барањето на „Македонски пошти“ да се зголеми лимитот на бесцаринските пратки од странство, при што имаше разговор со директорот на Агенцијата за пошти, Влатко Атанасовски.
„Граѓаните се интересираат за субвенциите за купи куќа за млади“, беше веста со која се фалеше овој проект на Владата, а свое место во прилогот, покрај заинтересираните граѓани, доби и министерот за финансии, Зоран Ставрески.
Вториот дел од дневникот беше заокружен со помпезната најава дека почнало проширувањето на булеварот Србија, а гледачите имаа можност да ги слушнат градоначалниците на Скопје и на Кисела Вода, Коце Трајановски и Билјана Беличанец.
Потоа следуваше кратка информација дека од продажба е повлечен сирупот „Ефералган“ за намалување на температурата кај децата, при што се истакна дека нема место за паника, а следна беше веста за отворениот кариерен центар во средното училиште „Свети Наум Охридски“. Тука повторно беше пофалена Владата, а изјава имаше заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски.
Како тема во дневникот беше направен прилог за успесите на македонската Специјална олимпијада, а за таа цел имаше разговор со националната директорка, Ана Петровска. И тука не беше пропуштено да се нагласи дека поддршката од Владата била на задоволително ниво.
Во блокот за црна хроника беше информирано за судењето за случајот кога во сообраќајна несреќа кај Католичка црква загина Иван Белински и за судењето за убиството на медицинската сестра, како и за случајот „Геодет“. Вестите од светот беа покриени само со една вест од регионот, односно таа за одлуката на грчкиот парламент да даде зелено светло за цивилно партнерство меѓу хомосексуалните двојки.
Она што беше заборавено во ТВ-дневникот е проблемот со загадувањето на главниот град, односно информација за протестот што треба да се случи против загадувањето и барањето на градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, учениците порано да се распуштат, токму поради загадениот воздух. Немаше информација ниту за тоа дека Владата направи отстапки и дека специјалната обвинителка, Катица Јанева, сепак сама ќе одлучува за додатоците на платите на нејзините вработени.
ТВ-дневникот генерално беше посветен само на проекти на Владата, со изјави и со критики искажани само од нејзините претставници. Не беше опфатен ниту еден проблем на граѓаните, немаше ниту една изјава од опозицијата.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).