ТВ-дневник: Вистината тешко дише во вестите на „Сител“
Објавено во Новинарски лекции
on 11 - 03 - 2015 Автор: Владо Ѓорчев
[Критички осврт на ТВ-дневникот на ТВ „Сител“ на 10 март 2015 година во 23.40 часот]
Сè на сè, ова беа вести какви што сме навикнати да гледаме на оваа телевизија. Повеќето прилози се политички памфлети, без критички осврт, со тенденциозни коментари и со неаргуметнирани обвинувања. Гледачите повторно се лишени од можноста да ја дознаат вистината и да бидат навремено и објективно информирани
Пишува: Владо Ѓорчев
По вчерашната трибина на СДСМ во „Универзална сала“, која почна во 19 часот, а заврши околу 21.30 часот, секој ТВдневник во своето прво издание потоа, како прва и ударна вест би го најавил овој настан, па дури и критички би се осврнал на него. Секако, тоа би било нормално и единствено исправно во непристрасен, аполитички и професионален медиум и ТВ-дневник. Тоа, пак, не беше случај со второто информативно издание на телевизија „Сител“.
Поради големата заинтересираност за овој настан, кој на каналот на СДСМ на „Јутјуб“ беше следен од повеќе од 44.000 ИП-адреси, од еден медиум се очекува да ја испочитува желбата на граѓаните и нивната глад за информација. Тоа нивно право, сепак, не беше испочитувано. Дури и кога овој настан најде место во ТВ-дневникот (како четврти прилог), граѓаните не можеа точно да разбераат што се случувало во „Универзална сала“. Воопшто во него ги немаше разговорите што беа презентирани, а беа игнорирани и говорите на првите луѓе од партијата.
СПИНУВАН ГОВОР
Прилогот беше критички кон настанот и кон луѓето учесници. Сепак, за некој да се критикува, мора прво да се пушти и неговото мислење за да може потоа аргументирано да му се контрира или да се негира неговиот став. Тоа во прилогот беше направено лошо, неетички и непрофесионално.
Дел од говорот на претседатетелскиот кандидат на СДСМ е спинуван и изваден од контекст. Во прилогот стои:
„Имено, Пендаровски во својот говор на трибината која се одржува во Универзалната сала, рече дека потребни се луѓе без хипотеки, кои немаат никаков криминал.
Додека Пендаровски говори за луѓе без криминал, очигледно заборава дека токму првиот човек на СДСМ, Зоран Заев беше осуден за тежок криминал вреден 8 милиони евра, а потоа аболициран од Бранко Црвенковски.“
Кога ќе се пушти само една секвенца од говорот, секако дека не може да се долови целата смисла на изјавата. Инаку, Пендаровски рече:
„Како да излеземе најбрзо и со најмалку лузни, надвор од оваа криза. На ниеден начин тоа не е возможно. Ни на сон, ни на јаве, со луѓето коишто ја донесоа Македонија во ендек, коишто ја заковаа за дното и коишто немаат намера да си одат, иако не работат во интерес на граѓаните. Значи, само луѓе со име и со презиме, само луѓе коишто се без хипотеки, коишто немале никаков криминал, професионални, стручни луѓе можат да ја водат државата напред, а не оваа банда криминалци којашто нè малтретира девет години.“
Зошто сето ова, како што сака да се истакне и во прилогот, би значело дека Пендаровски е против Заев и Шекеринска и ги „пуштил низ вода“? Неговата идеја е да се формира преодна влада со експерти, која ќе ја извлече земјата од ендек, како што и самиот рече. Конечно, што точно кажа Пендаровски, може да се види од неговиот говор во целина:
ШТО НЕ ВИДОВМЕ?
Но, покрај овој спин во прилогот, гледачите остана без информации за многу клучни моменти. На пример, тие не дознаа за тоа дека министерот за транспорт и врски, Миле Јанкиески, во разговор со министерката за култура, Елизабета Канческа- Милеска, го валкаат името на Тоше Проески.
Гледачиите не го слушнаа ова:
„А секој месец им даваме по 3.000 евра, изградивме спомен-дом од 5 милиони евра, фондација… а тие така. Ќе им ги укинеме тие 3.000 евра.“
Исто така, не се најде место ниту за реакциите во јавноста кои се појавија по овој објавен разговор, за кои пишуваа другите медими.
Накратко, еве што друго граѓаните не слушнаа во вестите на „Сител“, а требаше:
- СДСМ објави снимки за кои вели дека се телефонски разговори помеѓу министерот Миле Јанакиески и заменик-министерот Спиро Ристовски, помеѓу министрите Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска и помеѓу Цветко Грозданов и Миле Јанакиевски, од кои се гледа како се злоупотребувале и факултетите и се уценувале вработени од МВР за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
- СДСМ објави снимка за која вели дека е телефонски разговор помеѓу министерот Миле Јанакиевски и Жарко Луковски, главен извршен директор на „Ти-мобајл Македонија“. Од разговорот се гледа злоупотребата на компаниите за партиски цели. Се уценуваат вработени дека ако не гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат отпуштени од работа.
- СДСМ објави разговори за кои кажа дека се на министерот за траснпорт и врски, Миле Јанакиески, со Сашо Мијалков. Тие во разговорите, според СДСМ, се договараат како може да се дојде до избирачките списоци кои се заврзани и пломбирани во црни вреќи, за да видат кој гласач за која партија гласал.
Ова се само дел од разговорите што беа прикажани на трибината, а телевизијата мораше да ги објави, но тоа не беше сторено. Затоа и овој прилог беше тенденциозен, наменски и пристрасен, а најлошо е што ги остави гледачите без основните информации. Која е, тогаш, улогата не еден медиум, ако тој прикрива информации и не е објективен?
БЕЗ ВТОРА СТРАНА
Телевизијата за прв прилог се одлучи да го пласира поднесувањето кривична пријава од МВР за Зоран Заев, а прес-конференцијата се одржа во исто време кога се одржуваше и трибината во „Универзална сала“. Овој момент во вестите беше премолчан, а прилогот беше пласиран без критички осврт.
За парадоксот да биде поголем, Заев од „Универзана сала“ одговори на обвинувањата за криминал од МВР веднаш на почетокот од својот говор. Но, за телевизијата не било предизвик да се стави неговото тврдење во овој прилог. Иако според сите новинарски правила, втората страна, или во овој случај засегнатата, обвинетата страна мора да има простор да се одбрани, тоа не беше испочитувано. Изјавата им беше пласирана дури и на тацна, па не мораа новинарите да трчаат по неа.
Еве што за оваа пријава рече Заев, а што премолча телевизија „Сител“:
„Се сеќавате дека го повикав Груевски јавно да каже дали има ПИ-мерки против лидерот на опозицијата за време на избори. Вчера наврши една година од тоа. Последната година јас сум под ПИ-мерки, намерата беше да направат со мене исто како за Љубе, да местат бизнисмен да дава пари за кампања.“
Тој го објави и името на бизнисменот:
„Иво Сачевалиев од Струмица од фирмата „Иво“. Денеска и вчера пропадна последната намештаљака што сакаа да ја направат само да ја спасат својата глава.“
Вестите во политичкиот блок (немаше друг) имаа и прилог за исказот на Зоран Верушевски во обвинителството. Во прилогот се вели дека тоа денеска треба да го стори и лидерот на СДСМ.
Мора да се напомене дека помеѓу прилозите, уредникот на вестите, Драган Павловиќ–Латас, постојано коментираше и квалификуваше. Немаше ниту една пауза од еден до друг прилог без неговиот коментар.
Поради тоа и онака кратките претполноќни вести беа сведени на минимум, па немаше место за вестите од светот, а проретчени беа и вестите од спортот.
Сè на сè, ова беа вести какви што сме навикнати да гледаме на оваа телевизија. Повеќето прилози се политички памфлети, без критички осврт, со тенденциозни коментари и неаргуметнирани обвинувања. Гледачите повторно се лишени од можноста да ја дознаат вистината и да бидат навремено и објективно информирани. Тоа еден медиум со национална концесија не смее да си го дозволи. Но, кога тоа ќе се случи, на гледачите им останува само да изберат дали сакаат да им веруваат и да ги гледаат или ќе одберат други алтернативни, ама проверени и објективни канали, преку кои ќе можат да стигнат до вистината.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).