verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Виртуелна валута поважна од истрага за реален криминал

on 30 - 09 - 2016       
Чуден редослед - „Трезор“ на крај дополнет со несодржајни информации. Фото: скриншот
Чуден редослед – „Трезор“ на крај дополнет со несодржајни информации. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Алфа“ во 17.30 часот на 28 септември 2016 година]

 

Информацијата за новиот случај на Специјалното јавно обвинителство не добива приоритет во вестите на ТВ „Алфа“. Наместо тоа, информативниот блок се отвора со предупредување од централната банка, а кога веќе ќе се дојде до една од најактуелните теми на денот, во прилогот се забележува спин изведен со информации од анонимни извори. И покрај тоа што низ целиот блок се забележува избалансиран пристап со одвојување на минутажа за сите политички субјекти, сепак бевме сведоци на прилози со коментаторски елементи

Пишува: Александар Пешев

 

Вестите во 17.30 часот почнуваат со предупредување од Народната банка да не се инвестира во виртуелни валути. Изборот на оваа информација за водечка е проблематичен од неколку аспекти. Дури и ако е проценето дека новиот предмет на Специјалното јавно обвинителство не треба да биде прв прилог, зошто се оди со информација чија релевантност е ограничена на мал сегмент од популацијата кој тргува со валути на интернет? Особено на ден кога во надлежната собраниска комисија почна расправата за догодинешниот буџет, што претставува тема од поширок јавен интерес. Сепак, самиот водечки прилог е сеопфатен и на гледачот му дава детални информации околу виртуелната валута и ризиците на кои предупредува централната банка.

Следува прилог посветен на расправата за догодинешниот буџет, кој е сеопфатен и избалансиран, за потоа да следи прилог кој промовира нови владини инвестиции во областа на енергетиката. Во делови, прилогот има слаба атрибуција, со коментари дека проектот за гасификација, кој би бил готов до 2022 година, „конечно ќе ги задоволи потребните количества за потрошувачите“. Навидум промотивниот прилог информира за долгорочен проект, кој би се финансирал од народни пари на долг рок во услови кога буџетот за следната година не е ни влезен на собраниска седница. Оттука се проблематизира сеопфатноста на прилогот со неодговорени прашања како: колкав дел од народната каса е посветен на енергетски проекти и колку пари ќе се трошат догодина за овие проекти во споредба со другите трошоци. Ваквиот аналитички пристап, кој би можел да понуди информации од јавен интерес, е занемарен со давање простор на најави за владините енергетски проекти.

Следува уште една навидум промотивна информација за мерката за субвенционирање електрични автомобили. Нагласените придобивки во најавата се дополнуваат со изјава. Сè уште нема информации за новиот случај на Специјалното јавно обвинителство, кој се однесува на наводни злоупотреби што го оштетиле државниот буџет.

До овој сегмент од вестите се создава впечаток дека имаме избалансиран, но апологетски информативен блок. Приоритет се дава на информации кои создаваат релативно позитивна слика за владините активности, имајќи предвид дека по предупредувањето од централната банка и прегледот на расправата за буџетот, имаме цел блок за придобивките од владини одлуки, кој се резимира со прилогот за автобуси на струја.

По дванаесет минути, вестите продолжуваат со информациите за Специјалното јавно обвинителство, но приоритет пред наодите на институцијата за откриен криминал добива информацијата дека Катица Јанева ја напуштила седницата на Советот на јавни обвинители. По кратката техничка информација, следи прилогот за случајот “Трезор”.

Прилогот почнува со избалансирано известување, по што се потпира на неофицијални информации од неименувани извори. На самата прес-конференција обвинителките одбија да го откријат идентитетот на осомничените поради почитување на презумцијата на невиност, но во прилогот се создава сомнеж за ваквата постапка:

„Наши извори од МВР велат дека името на сведокот, за кој Фетаи јавно кажа дека работи во МВР, е јавна тајна и сите знаат за кој човек од полицијата станува збор“.

Не е јасно во каква функција е оваа информација од неименувани извори. Што му кажува на гледачот ваквата забелешка? Дека треба да знае за кого станува збор, но, сепак, нема да кажеме? Ова не е најспорниот дел од прилогот, кој, повикувајќи се на извори во МВР, пласира информации со кои се коментира процесот на СЈО:

„Од извори во МВР дознаваме дека целосно е измислен делот со обвинувањата во врска со обуките на вештите лица и одржувањето на опремата набавена од британската фирма. Според нашите информации, поголем број вработени од УБК имале обуки и во Македонија и во странство кои траеле по десетина дена“.

Изворите во МВР не се детално лоцирани. Нема информации дали станува збор за релевантни извори и на кој начин се поврзани со тековната истрага. Од каде да знае гледачот дека не станува збор за вработени во институцијата, кои едноставно ја коментираат прес-конференцијата на СЈО, без посебни знаења за случајот? (Чистачката од МВР, на пример). Имајќи го сето ова предвид, се создава сомнеж околу оправданоста на употребата на анонимни извори во прилогот и се поставува дополнително прашање: дали станува збор за коментари преправени како информации од анонимни извори?

Вестите продолжуваат со информации од здравството, со сеопфатен прилог за борбата со рак на дојка, по што следува информација за уште една нова владина мерка која се однесува на болните од цистична фиброза. Најавата ја опишува процедурата, а во изјавата се поздравува владината одлука, но, контекстот во кој се дава информацијата е тесен, имајќи предвид дека Националната алијанса за ретки болести реагираше поради кратењето на буџетот за болните од ретки болести. Оваа информација е изоставена, а вестите продолжуваат со прилог за стипендии, кои ги промовира претседателот. Оваа информација, релевантна за дваесетмината стипендисти, добива приоритет над сеопфатен прилог за проблемите со кои се соочуваат релативно поголем број тетовски гимназијалци.

Со информациите за македонските туристички потенцијали на „Google Trips“, изјава на опозициски пратеник за културното наследство и најава за „Виноскоп“, се заокружуваат вестите.

Сè на сè, станува збор за избалансирано информаивно издание, но редоследот на прилози сугерира обид за закопување на критичките информации за сметка на прилози и изјави кои оставаат промотивен впечаток.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести