verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Удри по новите министри уште непочнати со работа

on 9 - 11 - 2015       
Удри по новите министри уште непочнати со работа. Фото: скриншот
Што со коментари, што со прес-конференции: новите министри на удар. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“ на 8 ноември 2015 година во 18 часот]

 

Првите три вести претставуваа напади врз новите министри и заменици-министри во Владата, предложени од СДСМ, следеше некомплетен прилог за загадувањето на воздухот во Скопје, за потоа да се почне со фалби на економската политика на Владата.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Вестите на телевизија „Канал 5“ од 8 ноември 2015 година во 18 часот беа „чудо“ од информативна емисија. Од четири прилози во рубриката „Македонија“, со кои се отворија овие вести, дури три беа со тематика против новите министри на СДСМ, со напаѓања врз нив, со шпекулации и со манипулации. Четвртиот прилог, пак, беше за тоа дека Град Скопје прска против енормното загадувањето на воздхот. Во него не се најде место за протестите токму против загадувањето, што во неделата се одржаа пред Општина Аеродром.

Економскиот блок, стандардно, беше обземен со речиси вулгарно ЕПП за успесите на оваа Влада.

Сè на сè, ова беа вести кои ниту од далеку не се тоа што треба да биде еден ваков информативен блок во телевизија со национална концесија. Значи, ова како да беа вести кои се небаре смислени од политички центар и лиферувани во сите провладини медиуми.

УДАРЕН БЛОК ЗА НАВРЕДИ

Да почнеме со ред. И воопшто не е важно кој од трите прилози што го отворија дневникот, бил емитуван прв, затоа што сите беа на иста тема. Значи, во три прилози, или речиси во повеќе од шест минути, во недела попладне, гледачите слушаа како кадрите на СДСМ предложени за министри и за заменици-министри се неспособни, некадарни, лажговци…

Во прилогот „Кадри на ВМРО­-ДПМНЕ во СДСМ:­ Ременски негира“, целосно неаргументирано, со напад врз личноста на професорката Фросина Ременски, се прави напис кој е полн со шпекулации, пренесени од портал. Овој текст, дали како прилог или напис во медиумите, се појави во речиси сите провладини медиуми со сличен или идентичен наслов и со иста тематика. Се прави плиток обид прилогот да биде објективен и содржаен, со тоа што е дадена само една реченици од демантот на Ременски. Но, и со таа реченица е направен обид да се омаловажи.

Од демантот на Ременски во прилогот стои само:

„Ременски, пак, ги демантира овие тврдења.­ Вели никогаш не била член на ВМРО­ДПМНЕ. Ременски на нејзините „сопартијци“ од Крива Паланка преку својот профил на Фејсбук им одговори: „Може да кажете што сакате и колку сакате, за таквите како вас сум Гоце Делчев“!“

Ако се сакало да се направи објективен и содржаен прилог, во него морало да го има целиот демант на Ременски и тоа од две причини. Првата, затоа што е нападната и, втората, затоа што демантот е петпати пократок од содржината на написот. Тоа што читателите заслужија да го видат е целиот демант, а беше објавен во критичките медиуми:

„Им се заблагодарувам на моите загрижени, наводни „сопартијци“ од Крива Паланка на кои не сум им „оставила посебен впечаток за моите квалитети и потенцијали“, напиша потпретседателката на СДСМ и идна министерката за труд и социјала, Фросина Ременски, на својот профил на Фејсбук, реагирајќи на текст објавен на провладините портали.

„Од денешна перспектива овој лист хартија кој не е потпишан од мене како полнолетен граѓанин на РМ, зборува за очајот во кои неуспешните на ним својствен начин се надеваат дека ќе фрлат сенка на успешните. Можете да кажете што сакате и колку сакате, за таквите како вас сум Гоце Делчев !“, пишува Ременски.“

Исто така, во прилогот го немаше ниту демантот на СДСМ:

„Паниката кај Груевски е се поголема. Потпретседателката Фросина Ременски никогаш не била член на ВМРО-ДПМНЕ и никогаш лично нема потпишано пристапница во оваа партија. Груевски знае дека преземањето на контролата над власта од страна на граѓаните значи демонтажа на неговото погрешното владеење коешто им одзема 10 години живот на граѓаните. Толку е големо незадоволството и разочараноста на членовите на ВМРО-ДПМНЕ што чесните луѓе масовно го напуштаат Никола Груевски секој ден. Сите граѓани знаат многу добро дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ го напуштаат Никола Груевски“, се наведува во соопштението на СДСМ.“

 

ДВАЈЦА ГРАЃАНИ – СИТЕ МАКЕДОНЦИ?

Ако двајца анкетирани граѓани пред камера се сите граѓани во Македонија, како што сака да алудира овој прилог, со наслов „Што очекуваат граѓаните од новите министри?“, тогаш може да се каже дека прилогот е во ред. Но, секако, не е така со овој напис. Во прилогот анкетирани се само двајца граѓани, а потоа преку целосен коментар се вадат тези дека „граѓаните не ги одобруваат кадровските решенија на Заев за министри и заменици во преодната влада“.

И кога веќе се осмелиле да направат ваков прилог, поради професионалноста, морале да го имаат демантот на опозициската партија за ваквиот атак. Така читателите би добиле целосна слика за тоа што се случува, кој кого обвинува и за што. Значи, во оваа вест пропуштен е овој демант:

„Смешни и крајно некреативни се нарачките на уредникот Никола Груевски во неговите медиуми. Осамен, без поддршка и без идеи, Груевски пишува измислици и глупости. Наместо да се занимава со глупости, подобро ќе беше Груевски толку енергија да потрошеше и да се посветеше на здравството, на обезбедување чист воздух, на подобра економија, да го спречи иселувањето на младите, велат од СДСМ.

„Се покажа целата нервоза кај Груевски од силната поддршка на граѓаните за претседателот Зоран Заев, но и за СДСМ во целост. Граѓаните на Македонија и СДСМ се подготвени за големиот пролетен ден, 24-ти април кога ќе огрее ново сонце на слободата. Изборите на 24-ти април ќе бидат пролетно чистење на криминалот и корупцијата во Македонија. Во тоа ќе помогнат и членовите на ВМРО-ДПМНЕ коишто беа манипулирани и излажани од Никола Груевски, загрижени дека и нивните деца ќе ја напуштат државава. Граѓаните знаат, доста беше. Збогум Никола“, соопшти СДСМ.“

И дополнување на овој блок, беше прес-конференцијата на претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, повторно со напад врз кадрите на СДСМ.

Прилогот за прскање со калциум магнезиум ацетат, насловен „Градските улици се третираат со средство за намалување на загаденоста на воздухотбеше едностран и несодржаен. Целиот прилог е изјава од градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, кој вели дека:

„На почетокот од овој процес се опфатени неколку градски сообраќајници ­ булеварот Свети Климент Охридски и улиците Свети Кирил и Методиј и Јордан Мијалков, а предвидено е да се прска и на други градски сообраќајници. За реализација на овој процес, ЈП „Комунална хигиена“ специјално адаптираше шест од новите возила. Ова средство се користи во повеќе Градските улици се третираат со средство за намалување на загаденоста на воздухот.“

Но, како може да се направи ваков прилог без притоа во него да се наведе колку е загаден воздухот? Како може да се емитува ваков прилог без притоа да се наведе дека Скопје е еден од најзагадените градови во светот? Како може да се направи прилог без во него да има податок дека дента, кога Трајановски давал изјава, пред Општина Аеродром група граѓани протестираа поради загадениот воздух. Ако се сакало текстот да биде целосно професионален, морало во него да ја има и причината за зголеменото загадување на воздухот. Вака, текстот е само обично соопштение од службата за односи со јавноста на Град Скопје.

А, еве како професионално треба да изгледа еден текст на оваа тема:

„Тешко се дишеше викендов во Скопје и во Тетово. Овие два града беа први на листата на најзагадени во Европа. Скопско Лисиче и Центар водеа според нивото на ПМ 10 честичките, а и мерните станици во Карпош и кај Ректорат регистрираа високо загадување. На оваа листа по нив беа Тетово, Велес 2 и Битола 2.“

Секако, по овој прилог се најдоа конфронтациите на двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема, кои беа пренесени половично.

 

ФАЛИ МЕ УСТО ДА НЕ ТЕ РАСЧЕПАМ

По овој напад на сетилата, ТВ-дневникот се сврти кон економските теми и се фати за фалење на Владата преку неколку прилози.

Така, честа да го отвори овој блок ја имаше прилогот „Тодоров: Преку бесплатниот мамографски скрининг откриени 6 случаи на карцином. Тој беше полн со пофалби за нови скрининг-тестови. Притоа, во него нема ниту штури податоци за бројот на заболени од карцином во државата. Ако се сакало, можел прилогот да биде и крајно професионален и за поздрав. На пример, да се наведе за условите во болниците, за лекарската професиналност и слично. На крајот од прилогот не чувме ниту дали некој новинар му поставил прашање на министерот за здравство, Никола Тодоров, за последните случувања околу смртта на неколку паценти во болницата во Гевгелија. Од тоа може да се заклучи дека новинарите биле, виделе и си отишле. Важно, го завршиле својот работен ден?!

Вестите продолжија во ист манир, па гледачите гледаа реклама во следниве прилози:

Во овој прилог имаше и еден комичен момент, па соговорничката, инаку сопственичка на здравствена ординација, мораше да повтори дека се работи за владина мерка да не испадне во етер само да отиде зборот мерка.

Пофалниот блок продолжи и со:

Единствен „нормален“ прилог во овој ТВ-дневник, кој од нигде-никаде, без некој повод, беше вметнат во вестите е:

Во него имаше разговор со виш кустос од Музејот во Штип за отворањето на постојаната музејска постановка.

Од вестите од светот место имаше само за изборите во Хрватска, а дневникот заврши и со неколку вести од спортот.

По гледањето на ова информативно издание, гледачот останува неинформиран. Прилозите се половични, необјективни и шпекулативни. Во нив нема критички осврт за да може гледачот самиот да извлече заклучок. Напротив, во нив се сугерира пристрасност со спинови со кои се претставува лажна слика. Затоа, овој ТВ-дневник на „Канал 5“ беше крајно непрофесионален, без целосна слика за гледачите.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести