verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ Дневник: Студентите во стаклен ѕвонец

on 15 - 12 - 2014       
Умберто Паскали: Наводен аналитичар кој е секогаш на малите екрани кога политиката на власта е во криза. Фото: Видео клип скриншот
Умберто Паскали: Наводен аналитичар кој е секогаш на малите екрани кога политиката на власта е во криза. Фото: Видео клип скриншот

 

[Анализа на неделен дневник на ТВ „Алфа“ 14.12.2014]

Македонските студенти се присутни и на почетокот на вестите и при крајот, ама ниту со ставови, ниту со акции, туку се дел од невидливиот непријател кој треба да се изолира и против него да се испроба една пропагандна машинерија.

 

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Гледачот кој очекува неделните дневници да бидат огледало на една измината седмица ќе мора да се соочи со вистината дека тоа не важи за нас бидејќи кај нас се следат најчесто интересите на Илинденска број 2. Впрочем, власта одамна смета дека неделните вести се одлични за пласирање пропаганда за народот, кој и онака тој ден повеќе е пред телевизорот отколку обично.

Па, така, централно место на оваа ТВ-станица, како и на другите во неделната програма, беше прес-конференцијата на Владата посветена на пакет законски решенија од областа на образованието. И „Алфа“ не беше исклучок. Прилогот за конференцијата траеше 2 м. 32 сек., при што спорното решение за т.н. државни испити во втора и во четврта година од студиите фатија сразмерно најмалку – помалку од петтина од траењето, додека гледачите требаше претходно „да истрпат“ прилог подолг од две минути за тоа како во иднина ќе се запишуваат студенти на Педагошката академија! Очевидно постоел обид жешката тема да се стави среде некаков „бубаќ“, кој би ја релативизирал истата и би ја направил одвај видлива во прилогот. Авторката не спомена ниту дека овој проект со испитот е проблематичен, дека за него имаше два силни студентски протести и дека професорите, исто така, масовно даваат отпор на решението. Особено, нели, беше жесток тој отпор токму во изминатите неколку денови! Но, од тоа нема да се види ништо во вестите – буквално тоа е прилог ставен под некаков „стаклен ѕвонец“ во однос на стварноста.

001 prilog 001 obrazovanie-logo-crop-resize-gore-001

ТВ-ПРИЛОГ: Владата усвоила нови пет предлог- законски решенија за образование

001 prilog 001 obrazovanie-logo-crop-resize-dolu-001

Секако, редоследно, приоритетна беше посетата на премиерот Груевски на Саудиска Арабија, која има содржина и доста навестувања, но малку конкретни визии и проекти, кои треба да произлезат од идните средби на премиерот со една од најконтраверзните земји на Блискиот Исток. Прилогот не е авторски и веројатно е дел од „владиниот кетеринг“.

Посетата на министерот за сообраќај и врски Миле Јанакиески на зоната Ќојлија (општина Петровец) зазеде две минути во вестите, иако поводот од економска гледна точка не е кој знае колку атрактивен за таква посета, бидејќи, новоизградениот објект (поштенски услуги на компании од страна на „Глобко логистик“) ќе вработува само 40 лица.

002 prilog 002 mtc-mile-logo-crop-resize-gore-002

ТВ-ПРИЛОГ: Индустриската зона во Петровец доби погон за трговија со поштенски услуги

002 prilog 002 mtc-mile-logo-crop-resize-dolu-002

Доста силен беше следниот прилог, посветен на обука за пливање на децата со Даунов синдром, кој секако заслужува полна поддршка и заради добрите светски искуства на овој план, односно на примена на оваа форма на третирање на оваа болест. Неа ја промовираше нов министер, овојпат оној за здравје – Никола Тодоров, по што одново имавме гостување на висок политичар – шефот на државата Ѓорѓе Иванов, кој во „старите добри времиња“ секако би заслужил некое место погоре, заради хиерархијата. Ама, вестите очигледно ги откриваат другите, невидливи хиерархиски поставености во нашето општество. Темата – реафирмација на спортот кај најмладите, со обид да се оправдаат вложувањето во многубројните спортски терени, без да се даде авторски прилог во однос на тоа колку такви објекти се користат, колку пари се потрошени, колку млади луѓе се вклучиле… Освен Иванов, телевизијата не обезбеди ниту еден друг соговорник на оваа тема, дури и од спортските функционери!

003 prilog 003 daunov sdindrom-crop-resize-gore-sologo-003

ТВ-ПРИЛОГ: Бесплатни часови по пливање за децата со Даунов синдром

003 prilog 003 daunov sdindrom-crop-resize-dolu-003

Гинисовиот рекорд на Чекоров и на Смилков имаше во неделните дневници значаен простор, но, како по правило, не во ударните прилози – се работи за туркање автомобил со раце на еден кружен тек. Имено, споменатите маратонци успеале да го урнат Гинисовиот рекорд во туркање автомобил во рок од 24 часа. Чекоров и Смилков успеале да го истуркаат возилото на кружна лента во спортскиот центар „Форца“ дури 95 километри и 120 метри, значително повеќе од досегашниот рекорд кој изнесувал 82,4 километри. Ако прилозите во вестите се редат според она – што би го интересирало регионот и светот, ова би требало можеби да биде првата вест. Но, не беше така и во вестите на „Канал 5“, колку што можевме да провериме.

Имаше и прилог за нападот на стаорците врз приносите во Овче Поле, кој секако не е многу пријатен да се слуша, ама по малку изгледа како дел од некаков спин за побрз откуп на житото што стои во амбарите!

Многу поважен простор заслужуваше и веста за тоа дека е побарано посредување од Русија во грчко-македонскиот спор.

Ако тоа се засновуваше на некакви објективни факти и се работеше за некаков „коперникански обрт“ во нашата и во надворешната политика на нашиот јужен сосед, можевме дури и да говориме за некаква сензационална вест. Но, од тој наслов нема ништо во самата вест или има одвај неколку воведни реченици, колку да се оправда интересот кај гледачот и да се претстави наводниот аналитичар Умберто Паскали, кој гостувал во „Гласот на народот“. Па, место посредувањето за името, можевме да слушнеме нешто веќе чуено за гасоводот кој нема да се гради, но и да се добие уште еден напад врз „Соросовата агентура“ во земјава и лажните скандали на СДСМ, кои за среќа, вели тој, не ги мотивирале младите во земјава за обоена револуција (веројатно се мисли на портокаловата).

Прилогот е грижливо монтиран бидејќи не користи сегменти од тој разговор изворно, туку става фотографија од Паскали, а потоа става поширок кајрон на кој тече напишаната изјава, цитат по цитат.

004 Paskali - 004 - gore so logo - 004 ТВ-ПРИЛОГ: Паскали: Македонија и Грција да ја побараат Русија за медијатор

004 Paskali - 004 - dolu - 004

Да потсетиме само дека Паскали беше „откриен“ од Миленко Неделковски во 2008 година и беше претставен како „дисидент“ во својата средина. Овој лик се користи во време кога на оваа власт ѝ е тешко, да речеме по убиството на Мартин Нешковски во 2011 година, кога тој им порачуваше на младите да останат мирни, односно се јавува секогаш кога постојат големи неуспеси на политички план на оваа власт кај нас. Да речеме, кога нема да нè примат во НАТО, тој проповеда дека НАТО не ни треба и слично. Очигледно дека тоа се случува и сега.

Така, македонски студенти се присутни и на почетокот на вестите на „Алфа“, кај прилогот за владините усвоени мерки за високото образование и при крајот на истите, со коментарот на Паскали, ама ниту директно, ниту со своите ставови, ниту со своите акции, туку тие се дел од невидливиот непријател кој треба да се изолира и истовремено против него да се испроба една пропагандна машинерија.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести