verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Пропуштен историски настан

on 7 - 05 - 2015       
Спомнатиот диететски производ што го нема во Македонија и едвај спомнатиот народ што ја преплави Македонија. Фото: видео скриншот/ СПФМ, 2015
Спомнатиот диететски производ што го нема во Македонија и едвај спомнатиот народ што ја преплави Македонија. Фото: видео скриншот/ СПФМ, 2015

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Сител“ на 5 мај 2015 година во 23.30 часот]

 

Премолчувањето на крупните настни на денот, кои, покрај тоа што се актуелни, имаат и поголемо значење од дневно-политичкото, е исто како и лажно известување. Единствена разлика е само што овде невистината се искажува со несторување. Но, лагата си е лага, без оглед дали ќе биде кажана директно или со премолчување на вистината.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Протестот беше спонтано организиран преку повик на социјалните мрежи, а според процените, пред Владата се собраа неколку илјади лица, кои бараа оставки од премиерот Никола Груевски и од министерската за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

За време на протестите, со официјална изјава излезе министерката Јанкулоска, која рече дека телефонските разговори објавени од Заев се сечени и монтирани, што предизвика уште поголем револт кај протестантите.

По нејзината изјава, протестот излезе од контрола. Полицискиот кордон што ја штитеше Владата беше пробиен од масата луѓе, се фрлаа јајца и камења кон владината зграда.

Со повик за смирување на состојбата, преку својот фејсбук-профил, се огласи лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

„Како човек и политичар, ве повикувам и апелиран до сите вас кои протестирате пред Владата искажувајќи го вашиот гнев и незадоволство, тоа да го правите на мирен и достоинствен начин“, напиша Заев на „Фејсбук“.

Ова беше веста што секој професионален медиум би требало да ја има. Но, дали тоа се случи? Не! Оваа вест не најде место во телевизиски дневник на телевизија „Сител“ од 5 мај 2015 година во 23.30 часот.

Секој медиум кој држи до професионалноста ќе ја објавеше оваа вест вака. Тоа беше и прв и главен настан на денот. Заслужува приоритетно место во информативниот блок и опширна анализа, макар да биде и со критика кон протестантите. Инаку, на оваа телевизија имало дебатни емиси во рамките на вестите и за помали и минорни настани во државата, ама не најде за потребно тоа да го стори овој пеколен ден за демонстрантите и за полицијата. Немаше ниту гостин кој може да даде свое видување на настаните. Во овој ТВ-дневник немаше ни збор за прес-конференцијата на Зоран Заев, која беше и иницијална каписла за масовните протести пред Владата на РМ.

Вестите, пак, почнаа со  директното јавување во живо од Градската болница, во кој се извести за повредени полицајци, а збор немаше за повредени и за приведени демонстранти:

„Повеќе од десетина полицајци, како и демонстранти се повредени откако синоќа ескалираше протестот пред Владата. Демолирани се  и полициски автомобили и запалени се контејнери во тек на протестот што уследи по објавувањето на материјалите од страна на СДСМ за убиството на Мартин Нешкоски во јуни 2011 година.“

Веднаш потоа беше прикажан и прилог во кој директорката на Клиниката за хируршки болести „Св.Наум Охридски“, д-р. Јасмина Чабуковска, изјави дека повредените полицајци примени на клиниката имаат симптоматологија која дополнително може да ја отежне клиничката сосотојба на пациентите од тие причини што е удар во глава со бетонски плочки, истите ќе останат во болницата на понатамошно следење на состојбата.

И во овој прилог немаше ништо за повредени демонстранти.

А, еве што вистински се случуваше според тоа што го објавуваа медиумите.

„Во моментов не се знае бројот на уапсените, но се претпоставуваа дека тој број надминува 20 уапсени граѓани. Најжестоко е во центарот на Скопје, во посредна близина на Собранието, каде полициските сили ги тие кои бегаат од нив.“

КАДЕ СЕ НАЈВАЖНИТЕ НАСТАНИ

Важните настани, пак, за овој ТВ-дневник како да не постоеја. Така, гледачите останаа неинформирани за повеќе настани, а тие се редеа вака:

 

 

  • 15.37 „Презедовме обврска да ја објавиме целата вистина за криминалното работење на Груевски. Јавноста дозна дека за Никола Груевски и за неговите соработници нема ништо посвето, отколку тоа да бидат на власт. Еве уште една вистина дека ни загубен живот нема никаква цена за власта и како некој сакаше да ја скрие вистината за Мартин Нешковски“, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата на која објави нови прислушувани материјали.

 

ТОКСИЧНИОТ ДИЕТЕТСКИ ПРОИЗВОД КОЈ НЕ СЕ ПРОДАВА ВО МАКЕДОНИЈА

Во вестите по пропагандните прилози за минимизирање на протестите и спинувањето со обвинување на опозицијата, следеше прилогот за високотоксичен диететски производ кој се шири на пазарот. Во прилогот се вели дека Интерпол објавил тревога од портокалова фаза во 190 земји, меѓу кои и Македонија. За овој прилог, кој траеше 1:51 минута, се зборуваше за предупредувањето кое дошло по смртта на жена во Британија, а француски државјанин се борел за живот.

По овој прилог беше реемитуван разговорот со д-р Јасмина Плунчевиќ, специјалист по спортска медицина, премиерно направен за вестите во 16 часот. Овој прилог, пак, траеше 05:24 минути.

„Важна“ вест во вестите беше, исто така, и таа за топлото време и за тоа како лекарите имале зголемени интервенции, а половина Македонија е во жолта алертна фаза.

И во овој ТВ-дневник, како и месеци и години наназад, се најде место за блок против опозицијата и лидерот Зоран Заев.

Така, се емитуваше прилог со наслов:  Наместо црни сценарија потребна е стратегија и програма за да се побара довербата од граѓаните

Во прилогот главната поента беше:

„Без проекти, дела и визија за обезбедување подобар живот за граѓаните. Со црна кампања и обиди за дестабилизација на земјата како ис мена на власта без избори. Вака во целиот изминат период се однесува СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев. Премиерот Груевски од партискиот конгрес порача дека наместо црни сценарија потребвна е стратегија и програма со која ќе се побара довербата на граѓаните.“

Прилогот, пак, беше несодржаен, со спин, невистинит… Немаше ниту еден аргумент „за“ овој напис, а напротив има многу „против“. Основната работа која не си ја завршил новинарот е да ја праша и другата страна. Вака имавме прилог во кој беа нафрлени некои тези без поткрепа, без нешто видливо и опипливо, нешто за да може гледачот да му поверува без да се двоуми која му била целта.

 

БИЗНИС-ВЕСТИ, ПОЛИТИЧКО ЕПП

Во делот за бизнис-вестите преовладуваа прилози со ЕПП-содржина за Владата:

  1. Македонија со најголем економски раст во Европа
  2. Винариите кои не го платиле ланското, годинава нема да откупуваат грозје
  3. Пролетна прогноза на ЕУ: Македонија со најголем економски раст во Европа

Со тоа и со две вести од спортот заврши ова издание на ТВ-дневникот.

Ова телевизиско издание на вестите беше целосно промашување. Беа пропуштени битни настани, кои не се одликуваат со важност само за тој ден, туку содржат и историски момент. Сето тоа не беше регистрирано од камерите на телевизија „Сител“, што претставува еден огромен минус. Гледачите, пак, покрај тоа што мораа да слушаат полувистини, невистини и спинови во ова информативно издание, останаа и неинформирани за крупните настани на денот.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести