verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Пушти го „Курир“ и имаш вести

on 15 - 02 - 2016       
„Курир“ е спасот. Фото: скриншот, колаж: СПФМ
„Курир“ е спасот. Фото: скриншот, колаж: СПФМ

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“  во 18 часот на 14.02.2016 година]

 

По гледањето на ова информативно издание, гледачот останува неинформиран. Прилозите се половични, необјективни и шпекулативни. Во нив нема критички осврт за да може гледачот самиот да извлече заклучок. Напротив, во нив се сугерира пристрасност со спинови со кои се претставува лажна слика. Затоа, овој ТВ-дневник на „Канал 5“ беше крајно непрофесионален, без целосна слика за гледачите.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Навивачки за власта, плукачки за сите други. Девалвирање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Величење на градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко. Прилог од збор до збор ист со тој на ТВ-дневникот на „Сител“. Ова накратко би бил сублиматот на ударниот ТВ-дневник на телевизија „Канал 5“ на денот на вљубените, на 14 февруари 2016 година во 18 часот.

 

ПОВЕЛБАТА ПРЕКРШЕНА ЗА ЕДЕН ВИКЕНД

Само неколку дена по потпишувањето на Повелбата за етичко известување на изборите (од 12 февруари 2016 година), на која потпис стави и директорот на оваа телевизија, вестите прекршија повеќе одредби од овој документ.

Меѓу нив и овие:

Принципите на вистинитост и објективност

  • Тие подразбираат потрага по вистината и коректно известување, преку пренесување на факти на јасен и недвосмислен начин. Во случај на објавување погрешна информација, медиумот ќе стори сè за да ги коригира таквите информации.

Принцип на избалансираност

  • Тој подразбира претставување на различните ставови и гледишта во вистински контекст и без заземање страна кон кој било кандидат, партија или коалиција.

Принцип на јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите

  • Тој подразбира дека информациите ќе се обликуваат на начин што на публиката ќе ѝ биде јасна разликата меѓу фактите, гледиштата и мислењата.

Вестите, инаку, како небаре да се наоѓаме во Шведска или Швајцарија и сите други проблеми да ни се решени, почнаа со прилог за закројувањето на лозјата и за прославувањето на Свети Трифун. Главниот збор го имаше министерот за финансии, Зоран Ставрески, со изјавата дека од 2008 до минатата година биле исплатени повеќе од 75 милиони евра за субвенции, од кои само за минатогодишната реколта досега се исплатени околу 8 милиони евра. Немаше ни збор за тоа дека членот на извршниот одбор на СДСМ и дополнителен заменик-министер за земјоделство, Љупчо Николовски, заедно со генералниот секретар на СДСМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, беа меѓу граѓаните на Кавадарци и на Неготино. Во разговорот со еден од присутните лозари се пожали:

„Ни наметнуваат сè поголеми трошоци, а откупните цени се помали од година во година. Како ние да опстанеме на пазарот кога со години веќе доцнат исплатите на субвенциите. Оваа власт воопшто не води грижа за нас, си ги наполнија џебовите, нивните локални шерифи добиваат државни пари, а ние едвај крпиме крај со крај.“

 

НЕПРОФЕСИОНАЛНОСТ, НЕИЗБАЛАНСИРАНОСТ, НЕВИСТИНИТОСТ

Тоа што овој дневник го направи крајно непрофесионален беа, всушност, два прилози.

Првиот со наслов: Курир: На Бихаќка разочарани од досегашните случувања околу „Титаник“ . Овој прилог беше прочитан текст од „Курир“, а истиот, во иста форма го имаше и во дневникот на телевизија „Сител“.

Прилогот има употреба само во пропагандни и во манипулативни цели и нема апсолутно никави допирни точки со основните етички норми на новинарството. Тој има цел да ја компромитира оваа институција. Во него е спинувана изјавата на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, од трибината во скопската населба Капиштец (каде тој кажал дека од СЈО очекува само тоа што го очекуват и многумина граѓани), а потоа е ставена во контекст на некаква негова блиска релација со специјалната јавна обвинителка. Од неговиот говор е извлечен заклучок дека таа работи според инструкциите на опозициската партија и е под нивното директно влијание, што е шпекулација.

Во прилогот го нема соопштението на СДСМ во кое се вели дека Никола Груевски молчи и одбегнува да одговори за поднесените кривични пријави против дел од неговите најблиски соработници од ВМРО-ДПМНЕ:

„Она што го правеле неговите соработници Никола Груевски добро го знаел. Затоа, нека не се прави Никола Груевски како да не е оттука. Изборните манипулации веќе не се само тврдења, туку основа за кривично гонење од страна на институциите. Денеска Груевски го покажа своето најголемо лицемерие. Не само што ја создаде кризата во земјава, туку Никола Груевски им украде цели 10 години живот на граѓаните.“

Исто така, немаше ниту информација дека Специјалното јавно обвинителство ги обжали сите четири одлуки на скопскиот кривичен суд, со кои беше одбиено барањето за притвор за Миле Јанакиески, Едмонд Темелко и за уште две други лица.

Вториот непримерен прилог беше: Расте поддршката за Едмонд Темелко. И него како текст го имаше на сите провладини медиуми, при што се величи градоначалникот на Општина Пустец, без притоа да се каже ниту една реченица за што е осомничен – поврзаност со изборни измами, кои произлегуваат од случајот под работно име „Титаник“, отворен од Специјалното јавно обвинителство.

Во овие прилози беа прекршени неколку члена на Кодексот на новинари:

Член 1:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

До колку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

 

Член 10:

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

 

Член 13:

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

Во овој ТВ-дневник, сепак, имаше и два коректни и за неделно информативно издание пожелни прилози: Вејчеслав Поповски ниже успеси (разговор во живо имаше со младиот Вејчеслав Поповски, кој е македонски шампион во соло-пеење) и Фотографии на Видановски во „Вог“, прилог за младиот битолски фотограф Владимир Видановски кој се занимава со концептуална фотографија, а неговите дела го привлекоа вниманието на уредниците на италијанското издание на „Вог“. Стандардно, без нарушување на професионалното новинарстов, поминаа другите прилози во овој ТВ-дневник, како и вестите од светот и од спортот.

По гледањето на ова информативно издание, гледачот останува неинформиран. Прилозите се половични, необјективни и шпекулативни. Во нив нема критички осврт за да може гледачот самиот да извлече заклучок. Напротив, во нив се сугерира пристрасност со спинови со кои се претставува лажна слика. Затоа, овој ТВ-дневник на „Канал 5“ беше крајно непрофесионален, без целосна слика за гледачите.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести