verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Премиерот е нај, нај, нај…

on 17 - 08 - 2015       
Репризи од претходниот ден и многу предизборна кампања. Фото: скриншот
Повторени прилози од претходниот ден и многу предизборна кампања. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на ТВ „Алфа“ на 16.08.2015 година во 17.30 часот]

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Во централниот неделен дневник на ТВ „Алфа“ (16 август 2015 година) доминираше премиерот Никола Груевски. Го имаше во четири прилози. И сите „преџвакани“ од претходниот ден, од посетата на премиерот на општините Петровец и Илинден, за која јавноста веќе беше информирана.

Во овие материјали немаше ништо ново. Во нив немаше никаква новинарска диоптрија, тие беа фокусирани да го воздигнуваат премиерот. Сите четири прилози беа фалбаџиски и правени во стилот: премиерот е највреден, најисполнителен, најпосветен на фукцијата, најдобар! Премиерот е нај, нај, нај…

 

ВЕТЕНО – ОСТВАРЕНО

Во овој централен дневник, фактички, беа преповторени информациите за „инвестицискиот рај Ќојлија“, за поставувањето на канализационата мрежа во оваа индустриска зона, за изградбата на новата детска градинка во Петровец… Само, дополнително, нафилувани со фалбите за  „работните победи“ на Владата и на премиерот.

Така гледачите што во саботата (15 август 2015 година) ја пропуштиле  успешната инвестициска приказна „Ќојлија“, имаа можност  да ја погледнат во неделата (16август  2015 година),  во прилогот насловен: 30 нови домашни и странски компании ќе се чекаат во индустриската зона „Ќојлија”.

Сите, нели,  треба да разберат дека се градат нови фабрики, се отврораат нови работни места, дека во Петровец се случува вистинска градежна експанзија! Да се знае дека „оваа индустриска зона која беше ветена за време на изборите, сега е остварена“. Премиерот ветува, ама и остварува!

Меѓутоа, ова не беше единствената реприза од серијалот „Ќојлија“. Премиерот имаше главна улога и во прилогот Државата постојано инвестира во водоводни и канализациони системи за подобар животен стандард“, каде е искористена неговата изјава од претходниот ден, во која најавува дека ќе се инвестираат 50.000 евра за изградба на канализациска мрежа.

„Ова е сегмент на кој што многу посветуваме  внимание. Некаде се тие големи и долги, некаде се помали  (канализациски системи) но секаде многу им значат на луѓето. Секаде претставуваат решавање на сериозно и крупно прашање за граѓаните, независно дали покриваме село од  200 жители, 350 или покриваме село од  1.000 жители или повеќе, на тие луѓе кои се уште користат септички јами, или немаат вода од водовод па користат од бунари, ова им е од големо значење. И ние тоа го знаеме, имаме извршено скенирање на теренот, имаме ставено средства во буџетот, имаме предвидено точно која година колку ќе се изградат и постепено секоја година ги градиме, онака како што ги имаме ветено во нашата програма пред граѓаните. Немаме заостанување. Тоа што сме им го ветиле на граѓаните за еден период, или е изградено или е во фаза на градба “ ( од 0,33 до 1,24 минута од видеозаписот)

Имено, оваа изјава на Груевски телевизијата ја објави и во дневникот на 15 август 2015 година, во прилогот „Зоната Чојлија подготвена за инвеститорите“. Во истиот прилог беше кажано и дека Владата досега изградила вкупно 383 водоводи и канализациски мрежи, во вредност од 38 милиони евра, дека во моментов се градат 23 нови водоводи и канализации, во вредност од 11 милиони евра, а  за две години се планира изградба на уште 19 нови водоводи и канализации, за кои Владата ќе издвои 20 милиони евра.

Сепак, наредниот ден  –  во неделниот дневник (16 август 2015 година), повторно беа пласирани споменатите податоци како првпат да им се соопштуваат на гледачите и со акцент на тоа дека државата „континуирано инвестира во водоводни и канализациони системи“, создавајќи на тој начин слика дека Владата и премиерот водат грижа за најгорливите проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

 

ФАЛБИ И САМО ФАЛБИ

И наредните два прилози беа инспирирани од саботната богата агенда на Груевски, на која се најде и поставување камен-темелник на детска градинка во Петровец. Овие текстови не беа авториски, туку ги читаше водителката, па веројатно затоа ги нема на интернет-изданието од вестите.

Првиот прилог од овој пакет: „Владата продолжува со изградба на градинки – бројот на згрижени деца за 8 години е зголемен двојно“, најверојатно е преземен од портал каде е пласиран неколку часа претходно (инаку, истиот  е објавен истовремено  во повеќе медиуми).

Овој материјал се потпира на изјавата на премиерот дадена на свеченоста по повод почетокот на  изградбата на споменатата градинка (15 август 2015 година). И таа е употребена за да се пофали Владата дека во изминативе две и пол години – од 2013 година наваму, се отворени 31 градинка, како и за да се најави отворање нови градинки во Кисела Вода-Припор, Бутел, Илинден, Карбинци, Липково, Јегуновце, Кавадарци, Сарај, Гостивар, Охрид, Пештани, Кочани…

Веднаш потоа е налепен прилог за пораст на наталитетот (исто така, преземен од некој од порталите) во кој е пренесена тонска изјава на Груевски со порака дека владината политика за многудетно семејство има ефекти.

Паѓа в очи тоа што ниту еден од овие четири прилози нема критичка дистанца. Очигледно, во конкретниот случај идејата не била публиката да биде објективно информирана, туку преку наменски креирани материјали да се разубави вистината и да се воспеваат владејачката партија и нејзиниот лидер.

Затоа и се пласираат само убави вести за Владата – бесплатна политичка реклама!  Опозицијата, пак, може да се спомене исклучиво во негативен контекст. Како што беше спинерската информација (пренесена од друг медиум),  во која  се поставува прашањето  за наводната „јахта“ на заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Се разбира, секоја сличност со изборна кампања е чиста случајност!

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести