verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Премиерот, барем во три прилози!

on 25 - 06 - 2015       
Груевски, Груевски и пак Груевски - три пати во еден Дневник. Фото: скриншот
Груевски, Груевски и пак Груевски – три пати во еден Дневник. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Алфа“, на 22.06.2015 година во 17.30]

 

Во дневникот не се најде место за последниот извештај на „Хјуман рајтс воч“ за полициската бруталност на 5 мај оваа година

Пишува: Оливера Војновска

 

Организацијата за човекови права, „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) во својот Извештај за полициската интервенција за време на протестот пред Владата на 5 мај 2015 година, констатирала дека „полицијата употребила прекумерна сила против демонстрантите, случајните минувачи и еден новинар“.

Сепак, оваа информација не беше доволно интересна за да стане вест во централниот дневник на телевизија „Алфа“ во понеделникот, на 22 јуни 2015 година. Како што беа, на пример, атрактивни трите прилози во кои се појави премиерот и лидер на десницата. И, сите три материјали најдоа место во најавата за вестите!

 

РЕПРИЗИ НА ГОВОРОТ НА ГРУЕВСКИ

Благодарение на објавувањето на два прилога инспирирани од големата прослава на  25. роденден на владејачката партија –  која се одржа два дена претходно (20 јуни 2015 година) пред новата партиска зграда во центарот на Скопје, јавноста имаше можност да види уште една реприза на говорот на премиерот.

Во овие материјали, фактички, беше преџвакан саботниот настап на Груевски и во нив нема нешто ново што не беше кажано во претходните новинарски извештаи. Па, во таа смисла, нема логично објаснување за пласирањето на ваквите агитроповски написи. Освен потребата по секоја цена да го има премиерот во вестите.

Дополнително, двата текста се правени во ист манир. Во нив се воздигнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  и се испраќа речиси идентична порака, па публиката има чувство како да гледа еден ист прилог – двапати!

1. „Груевски: Народот дава власт – Тој ќе ги казни деструктивните сценарија

2.  Дела и проекти наспроти бомби и закани – ВМРО-ДПМНЕ наспроти СДСМ

Како  увертира, пак, на овие прилози беше пласирана информација дека Владата со речиси половина милион евра ќе помогне 16 иновативни  бизнис-проекти, во која,  исто така, го имаше премиерот. Тука Груевски го нагласува ангажманот на актуелната Влада  за поттикнување на претприемништвото, наспроти незаинтересираноста на претходните влади (оние предводени од СДСМ).

„…Дополнителен проблем на ваквото апатично општество во изминатите години беше и немањето слух и поддршка од страна на претходните влади кон поединците и фирмите кои претставуваа исклучок и позитивен пример во делот на иновациите и претпримеништвото. Тоа беше причина мноштво иновативни идеи да згаснат или да се преселат во некои други држави“ ( од 1,08 до 1,34 минута од видеозаписот)

Гледано од професионален аспект, прилогот беше спакуван за да креира слика дека Владата води успешни политики.

 

ИЗВЕШТАЈОТ НА „ХЈУМАН РАЈТС ВОЧ“ – НЕВИДЛИВ

Па, покрај ваквите апологетски прилози, во дневникот не се најде место за последниот извештај на „Хјуман рајтс воч“ за полициската бруталност на 5 мај оваа година, кој предизвика големо внимание во дел од медиумите (го немаше во провладините).

Во него, меѓу другото, е наведено дека организацијата интервјуирала седум лица, кои потврдиле физички напад од полицијата, а шестмина други биле сведоци на прекумерна полициска сила.

Инаку, споменатиот извештај се однесува на протестот што се случи истиот ден  кога опозицијата ја објави  29. политичка „бомба“, која, според лидерот на СДСМ, говори „како власта го прикривала убиството на Мартин Нешковски“. И  по објавувањето на овие прислушувани разговори, граѓаните почнаа да се собираат преку повици на социјалните мрежи.

Во интерес на вистината, треба да се каже дека сведоците за „Хјуман рајт воч“ раскажале дека тензиите почнале околу 22 часот, кога 20 до 30 маскирани почнале да фрлаат камења и други предмети кон полицијата. Тогаш полицијата презела акција за расчистување на толпата, по што биле тепани и луѓе кои мирно протестирале или биле седнати на улица. А што се однесува до казните кои им се одредени на осудените, организацијата смета дека тие се превисоки со оглед на делото за кое биле судени.

Медиумите ја пренесоа и изјавата на Лидија Гал, истражувачка за Балканот и за Источна Европа за „Хјуман рајтс воч“, според која:

„Полициското справување со демонстрациите може да биде тешко, но тепањето луѓе сигурно не е прифатлив метод за контролирање толпа. А, тепање новинар кој покрива протест не е само незаконски, туку и неоправдан напад на слободата на медиумите.“

Но, телевизијата решила да не објави ниту збор за овој важен документ за да прикрие значајна информација која граѓаните имаат право да ја знаат.

 

И ЕКСПЕРТСКИОТ ИЗВЕШТАЈ, НЕВИДЛИВ

Само, ова не беше единствената информација што недостигаше во ТВ-дневникот. Освен извештајот на „Хјуман рајтс воч“, во централните вести на оваа телевизија со национална концесија не беше кажано ниту тоа  дека во Експертскиот извештај на Европската комисија се бара Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗПЛ) да спроведе сопствена истрага за прислушуваните разговори.

„Националното законодавство не дава изглед дека ја спречува Дирекцијата да спроведува истраги во врска со разоткриените снимки од прислушување. Недостигот од активности ја поткопува довербата во независноста на институцијата. Пристапот, се чини, исто така, дека е неконзистентен со законот и мисијата, како и со заклетвата дадена од директорот. Дирекцијата треба веднаш да спроведе истраги и да извести транспарентно за нејзините заклучоци, независно од наодите.“

Во некои медиуми можеше да се види (прочита) дека  директорот на ДЗЛП, одговарајќи на новинарско прашање, вели дека не добиле таква препорака од Брисел и дека се работи за погрешна интерпретација.

Телевизијата, пак, пренесе само протоколарна информација за одбележувањето на 10 години од формирање на ДЗЛП, во која фокусот е ставен на „опасностите кои се кријат во социјалните мрежи“, а  воопшто не се  спомнува извештајот на експертската група под водство поранешниот директор во ЕК, Рејнхард Прибе.

Сепак, во овој дневник имаше објавено  и коректни материјали како што е прилогот насловен: „Совет на ЕУ: Политичките партии да го почитуваат договорот од 2 јуни“, посветен  на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург  и информацијата дека „Едмонд Темелко е повотрно избран за градоначалник на Пустец“.

Професионално е сработен и пакетот вести за Грција (околу опасноста за излез од еврозоната), со кој беше отворен овој ТВ-дневник: „Часови на опасно живеење за Грција“ и „Македонија подготвена за евентуален колапс на Грција,

Но, тие се изгубија во репризите на говорот на Груевски и во прилозите што ги нагласуваа само позитивните аспекти за Владата, кои му дадоа пропагандистички тон на дневникот.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести