verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Партиите воедначено претставени, Тоше требаше да се држи настрана од пресметката со ЗАМП

on 17 - 10 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Воедначено претставување на политичките партии. Фото: скриншот
Воедначено претставување на политичките партии. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“ во 18 часот на 16 октомври 2016 година]

 

Централниот ТВ-дневник на телевизија „Канал 5“  емитуван на 16 октомври во целина беше дневник каков што би сакале гледачите да видат, но со мали недостатоци. Политичкиот блок вести беше посветен само на двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и тој беше рамномерно поделен на двете страни. Недостигаа неколку актуелни дневни вести, а името на Тоше Проевски беше употребено за пресметка на телевизијата со ЗАМП во врска со забраната од страна на ова здружение да се емитува македонска музика без телевизиите да платат за авторски права

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

ТВ-дневникот почна со веста за најактуелниот политички настан дента, односно големиот собир на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кој се одржа во СРЦ „Борис Трајковски“, а на кој обраќање имаше лидерот на партијата, Никола Груевски. На овој настан беа посветени три прилози, кои беа извадоци од говорот на Груевски, а имаше и вклучување во живо од пред салата.

„Аирлија избори“ беше првиот прилог во кој гледачите имаа можност да слушнат дел од говорот на Груевски и во него беа опфатени главните политички пораки упатени до електоратот. Потоа следуваше уште еден прилог „Од опозицијата до изборите не може да очекуваме нешто поразлично“, кој беше посветен на пораките на Груевски упатени кон политичкиот опонент, СДСМ. Во рамки на вестите за собирот на ВМРО-ДПМНЕ гледачите добија и технички информации од типот кога почнал собирот, од кои градови пристигнале граѓани, колку присутни имало во салата и слично.

Во контекст на овие вести можеше да се спомне и обвинувањето на опозицијата за бројните притисоци што власта ги вршела врз администрацијата за присуство на собирот. Токму заменик-министерот за информатичко општество од редовите на СДСМ, Александар Кирацовски, претходниот ден имаше прес-конференција на таа тема.

По ова, следуваа минути посветени на СДСМ. И за опозициската партија имаше три прилози. Во првиот прилог имавме можност да го слушнеме и да го видиме лидерот на партијата, Зоран Заев, кој во Струмица присуствувал на хуманитарниот настан по повод 16 октомври, Меѓународен ден на борба против гладот. Вториот прилог беше прес-конференција на портпаролот на партијата, Петре Шилегов, кој од Демир Хисар праша каде се странските инвестиции што ги ветил Груевски. Третиот и последен прилог во овој политички блок беше информација за тоа дека членови на СДСМ биле дел од „Бизнис трката 2016“ за поддршка на малите и средни претпријатија.

Во политичкиот дел недостигаше вест дека партијата Обединети за Македонија го одржа првото централно собрание откако лидерот на партијата, Љубе Бошкоски, излезе од затвор. Тој најави дека ќе оди на избори и дека во тек се преговори за коалицирање со опозициските десноориентирани партии.

Во овој блок недостигаше и веста дека МВР му поднесе прекршочна пријава на телохранителот на Зоран Заев, Александар Трајков, кој викендот учествувал во тепачка во дискотека во Струмица. Телевизијата го третираше овој настан во ТВ-дневникот претходниот ден и поради тоа требаше на гледачите да им понуди и свежи информации.

Понатаму следуваше прилог кој ја урна добрата слика со која почна овој ТВ-дневник. Прилогот беше посветен на деветгодишнината од смртта на македонската ѕвезда Тоше Проески, но неговото име беше употребено за пресметка на телевизијата со ЗАМП во врска со забраната од страна на ова здружение да се емитува македонска музика без телевизиите да платат за авторски права. Кавгата меѓу телевизиите и ЗАМП не е ништо ново, но кога се зборува за помен на една мегаѕвезда како што беше Тоше Проески, не доликува неговото име да се става во тој контекст и да се алудира дека „неразумната одлука на ЗАМП им го уништи денот на неговите обожаватели“. Овој прилог беше коментаторски, без да биде прикажана втората страна и беше невкусен.

Понатаму следуваа информации од рубриката црна хроника. Гледачите слушнаа вест за „Екслозија на куќа во Мала Речица“, за младиот полицаец кој загина во сообраќајна несреќа близу Охрид, како и за серијата земјотреси што ја погодија Грција. Следуваше прилог за „Дводневен семинар за справување со кризни ситуации“, кој се одржува во Велес.

Потоа, гледачите имаа можност да слушнат неколку вести од областа на културата и во рамки на овој дел од ТВ-дневникот следуваа прилозите „Македонски издавачи на најголемиот саем на книга во Франкфурт“ и „Почна жирирањето на филмовите на интернационалниот фестивал Камера 300“.

Следуваа и информации за мото-кросот кој се одржа во Лагово, Прилепско и за почетоккот на жетвата на ориз во Кочанско. Крајот на овој ТВ-дневник беше заокружен со најновите информации за временската прогноза.

Сè на сè, ТВ-дневникот беше богат со информации од сите области и содржеше прилози кои се од јавен интерес. Со исклучок на малите недостатоци, може да се каже дека овој ТВ-дневник беше во голема мера професионален и од интерес на граѓаните.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести