verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Необјективно до последен здив

on 9 - 05 - 2016       
Маратонот пофален, амбасадорката скриена, „фотографот“ исто така. Фото: скриншот
Маратонот пофален, амбасадорката скриена, „фотографот“ исто така. Фото: скриншот

 

И ова издание на ТВ-дневникот на „Сител“ беше во нивни стил. Необјективно до последен здив, до последен прилог. Иако според Изборниот законик (кој без разлика дали ќе има избори моментно е правно жив) медиумите во предизборието треба да известуваат избалансирано, тоа ни од далеку не беше случај со ова информативно издание.

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Сител“ во 16 часот на 8 мај 2016 година]

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Кратко и пропагандно. Вака може да се опише првиот ТВ-дневник на телевизија „Сител“ на 8 мај 2016 година во 16 часот. Ако можеби неделата значи помалку пропаганда за владејачката партија, тоа не важеше за ова информативно издание. Напротив, речиси сите прилози беа во тој манир, со пофалби за власта или со напади врз опозицијата.

Во ден кога главниот настан и првата вест во ТВ-дневникот е за спортски настан, во овој случај со Скопскиот маратон, се очекува во истиот стил да помине целото информативно издание – неинтересно, здодевно и незабележително. Но, не беше тaка.

 

СТОП ЗА ВИСТИНАТА ВО СПОРТОТ

Дури и овој прв прилог, навидум спортски настан, не беше објективен и содржаен.

Точно е дека:

„Скопскиот маратон со врвни резултати, 8000 маратонци од Македонија и 46 други земји учестуваа оваа година. Трката започна утринава од Порта Македонија, преку Камениот мост, низ сите главни булевари и назад до Плоштадот Македонија.

Кениецот Кипротич Кируи прв стигна до целта за 2 часа, 12 мин и 36 секунди по истрчаните 42 км, зад него прва од жените е неговата сонародничка Гладис Бивот, а најбрзи Македонци беа братот и сестрата Кираџиеви.“

Сепак, исто така е точно и ова:

„Демонстрантите од „Шарената револуција“ утрово на Скопскиот маратон извадија транспарент со натписот „Трчај како да ја носиш веста дека Грујо е во затвор“.

Подоцна транспарентот беше отстранет од обезбедувањето на маратонот.“

И ова:

„Десетте маскирани лица трчаа на петкилометарската трка и притоа означија дека без разлика на полот, секој има еднакви шанси да биде победник на маратонот или, пак, на било која трка во животот.

Влегувањето на целта на 12-те маскирани тркачи беше проследено и со 20-те млади поддржувачи кои со инспиративни и оптимистички пораки за родовата еднаквост ја подржаа целата невообичаена активност која ќе остане запаметена во годинешното издание на маратонот.“

Кога се известува за ваков настан, притоа кога намерата е прилогот да го отвори информативното издание, тој, пред сè, мора да биде содржаен и објективен. Тоа значи да се запазат овие моменти. Тоа што битните работи не влегле во прилогот, остава сомнеж дека или тоа е направено намерно или сето тоа е цел на непрофесионално сработена обврска.

 

ГЕНЕРАЛИЗАЦИЈА И СПИН

Од спортот, ТВ-дневникот со необјаснив пресврт премина на политика и тоа, за како што тие сакат да ги наречат, „демонстрантите“ на СДСМ и на Сорос.

„Името на овој мост е во чест на сите тие жртви дадени низ вековите од многуте генерации, во индивидуалната и колективната борба за слобода. Ова е натписот на постаментот на мостот Слобода кој вчера беше урнисан со боја и графити од страна на демонстрантите на СДСМ и Сорос , кои уште еднаш ја погазија честа на сите кои со векови се бореа за слободна Македонија.“

Прилогот веднаш влегува со неоснована генерализација дека токму СДСМ и Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија (ФООМ) или, како што тие сакаат да ја наречат, Сорос, се одговорни за однесувањето на демонстрантите. Како и во прилозите во претходните денови, кои се правени без некоја голема разлика, со исти флоскули и тези и денеска телевизијата „извести“ дека СДСМ и Сорос се организатори на протестните маршеви, а за ваквите тврдења не се нуди ниту еден конкретен доказ. А, тоа што е најлошо во овој прилог е немањето храброст да се спомене вистинскиот организатор на „Шарената револуција“, а тоа е здружението „Протестирам“.

Потоа, како единствен аналитичар е консултиран амбасадорот Ристо Никовски, со што го прави прилогот едностран, затоа што од досега виденото, а и од кажаното во вестите, се гледа која страна гостинот ја претпочита. Тоа, пак, во еден новинарски професионален производ е недозволиво, во смисла на избалансираност и на презентирање на фактите. Едно информативно издание не смее да привилегира нечие мислење или став, туку треба да остави заклучокот да го изведат гледачите. Тоа во овој прилог не беше можно.

Вториот прилог од овој таканаречен политички блок, беше за наводната теза на СДСМ за Албанец премиер. Тука на удар беше Едмонд Адеми, инаку висок функционер на СДСМ и вработен во кабинетот на техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. И сето тоа поради фејсбук-статус. Со тоа како да сака да се натури теза за некаква ерес или некаква можност која треба да ни втера страв во коски.

За да ја поткрепат тезата, прилогот е дополнет со слични изјави или делови од изјави на професорот Љубомир Фрчковски, извадени од контекст и од постар датум, за да ги засилат наметнатите тези и да ги претстават како крајно неприфатливи.

На крајот на краиштата, прилогот не дава одговор зошто, на пример, да не може тоа да се случи? Зошто не би можело Македонија, која е мултиетничка држава, да нема премиер Албанец или Србин, Бошњак или Ром? Текстот со тоа омаловажува граѓани на Македонија и во 21 век прави разлика по национална или етничка основа.

Кога веќе се напаѓа некој, коректно е да се побара изјава и став од него – во конкретниот случај од Едмонд Адеми. Поради тоа што тоа го нема, единствено може да се заклучи дека целта на прилогот е напад врз Едмонд Адеми и оцрнување на неговото име, како и застрашување на народот со тези без аргументи.

Третиот прилог беше за граѓанското здружение за одбрана на Македонија (ГДОМ), кое одржало протест на плоштадот Магнолија во Битола, од каде порачаа да не се провоцира внатрешен судир, граѓанска војна и насилно преземање на власта во Македонија. Прилогот беше едностран, без да се наведе дека паралелно со ГДОМ, протестираат и граѓаните против аболиција на претседателот во таканаречената „Шарена револуција“.

 

И ПО ВМРО-ДПМНЕ – ВМРО-ДПМНЕ

По завршувањето на овој блок, имаше ЕПП-дел со:

Со овој блок и веста од економијата за „Пониски сметки за парно во мај, јуни и јули“ и со информацијата за „Литијата во Струга посветена на Св.Ѓорѓи Победоносец“, кои беа информативни, заврши делот со Македонија. Во делот од вестите од светот имаше три прилози со што заврши ТВ-дневникот.

Ова информативно издание не беше целосно и гледачите останаа покуси за информациите дека сточарите од Источна Македонија се во паника, затоа што надлежните институции забраниле да се откупува млеко од регионите каде што беше утврдена болеста „чвореста кожа“:

„Сточарите тврдат дека забраната е во радиус од неколку километри од местата каде што болеста била лоцирана, со што сточарите чии стада не се зафатени со болеста не знаат што да прават со млекото. Стравуваат дека ако млекото почне да се фрла по нивите и реките, болеста може уште повеќе да се прошири, затоа што може и некои други стада да се зафатени со болеста, а сè уште да не се знае за тоа.“

Исто така, гледачите не можеа да чујат дека амбасадорката на Франција во Македонија, Лоранс Оер, за време на денешниот престој во Битола изјави дека политичката криза во државава ги загрижува сите и оти мора да се најде излезно решение:

„Политичката криза во Македонија нè загрижува сите, особено мене затоа што доаѓам од Франција, една од државите основачи на Европската Унија. Штета е што на 9 Мај треба да ја славиме Европа во ситуација кога сме загрижени за Република Македонија и си го поставуваме прашањето како ќе се излезе од кризата. Се прашуваме како на 5 јуни би имало избори кога условите сè уште не се усогласени помеѓу политичките партии, листите не се подготвени и навистина мора да се излезе од оваа криза“, изјави Оер.

И ако можеби според уредувачката политика може да се одлучи да не се информира за формирана нова коалиција на македонската политичка сцена, професионален производ не би ја прикрил оваа вест:

„Лицето кое вчера го снимаше протестот на „Шарената револуција“ пред МРТВ бил припадник на Едницата за брзо распоредување, потврдуваат од МВР.

– Утврдено е дека лицето е припадник на ЕБР и ќе се преземат мерки за откривање по чиј налог снимал. Доколку се утврди злоупотреба, ќе бидат преземени мерки против него – велат од МВР.“

Сè на сè, и ова издание на ТВ-дневникот на Сител беше во нивни стил. Необјективно до последен здив, до последен прилог. Иако според одредбите за предизборно известување од Изборниот законик (кои, без разлика дали ќе има избори, во моментов важат) медиумите во предизборието треба да известуваат избалансирано, тоа ниту оддалеку не беше случај со ова информативно издание.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести