verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Не е важно што СЈО соопшти дека има докази оти УБК прислушувала, важно е да се напаѓа Заев

on 19 - 11 - 2016       
Првин политички пресметки, па настанот на денот. Фото: скриншот.
Првин политички пресметки, па настанот на денот. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Алфа“ во 15.30 часот на 18 ноември 2016 година]

 

Овој централен ТВ-дневник беше полн со информации од настаните во земјава, но приоритетот на случувањата и нивниот импакт врз јавноста беа целосно промашени. Имено, прес-конференцијата на СЈО за новата истрага насловена „Таргет“, беше настанот што го одбележа денот и кој отвори многу прашања во јавноста. Но, тоа во овој ТВ-дневник беше ставено во втор план

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Предност во ТВ-дневникот му се даде на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и на неговите партиски активности, но и на интензивната пропаганда што деновиве се води против лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Информативниот дневник беше отворен со веста дека во ДИК завршило жребувањето и дека е скроено гласачкото ливче, односно познат е редоследот на партиите што ќе трчаат во изборната трка на 11 декември.

Веднаш по ова, гледачите слушнаа една иронична зебелешка од водителот на вестите дека странците „по којзнае кој пат“ ни порачале дека неопходно е изборите да бидат фер и демократски. Пренесена беше изјава на евроамбасадорот Жбогар во која тој, секако, порача дека на Македонија ѝ се неопходни фер и демократски избори за пат кон Европската Унија.

Следуваше информација за активностите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и неговата средба со унгарскиот колега, Виктор Орбан. Гледачите ги слушнаа фалбите на Груевски и неговата убеденост дека ќе победи на изборите.

„Ние сме политичка гарнитура која сме силно посветена за подигнување на животниот стандард на граѓаните на отворање на нови работни места, привлекување на инвестиции и давање на нови перспективи и можности на нашите граѓани…политичката криза треба да заврши што поскоро, изборите се најдобрата можност за тоа и потоа заедно со нашите пријатели да се фокусираме на понатамошниот развој и напредок на РМ, вели Никола Груевски, Претседател на ВМРО–ДПМНЕ“.

По ова следуваше прилог за предизборната реторика, иако во прилогот не слушнавме за предизборната реторика на други лидери освен онаа на претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Темата беше: Заложбите на Заев за двојазичност наспроти Уставот и Рамковниот договор во Македонија. Овој прилог беше пропагандно-политички за тоа како првиот човек на опозицијата, наводно, ветувал дека ќе воведе двојазиност на целата територија на државата ако победи на изборите и како ќе го сменел Уставот.

 

РЕТОРИКА ИСКОМЕНТИРАНА, НО НЕ И ПРЕНЕСЕНА

Повод за ваквата анализа беше изјавата на Заев дадена пред иселениците во Швајцарија, но таа не беше пренесена. Беше пренесена изјава од професорот Владо Поповски, дека Уставот на РМ е демократски. Оваа изјава Поповски сигурно ја дал претходниот ден, по повод одбележувањето на 25-годишнината од Уставот на Македонија и таа беше ставена во контекст на нападите врз Заев дека ќе го менува највисокиот правен акт во државата.

Во рамки на прилогот беше констатирано дека „аналитичарите и упатените сметаат дека Заев ги поткопува националните интереси на земјата“. Сепак, гледачите немаа можност да слушнат ниту еден аналитичар и упатен во оваа тематика. Констатацијата во прилогот беше своеволна, што е спротивно на новинарските професионални стандарди.

Во прилог на нападите кон Заев, беше и пренесената изјава на лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, дека првиот опозиционер прави „историско велепредавство“.

Потоа, следуваше прилог за пресот на Специјалното јавно обвинителство и неговата нова истрага насловена „Таргет“, за тоа дека УБК прислушувала во Македонија и дека тоа го правела цели седум години, од 2008 до 2015 година. Според СЈО, прислушувањето продолжило и во 2016 година, односно по објавувањето на „бомбите на опозицијата“ и по апсењето на осомничените во „Пуч“.

Овој настан, иако беше тема на денот во јавноста, сепак, прес-конференцијата на специјалните обвинителки беше пренесена како нешто вообичаено да се случило и беше покриен со реакции од владејачката партија и со констатацијата дека Заев го најавил пред два дена во интервју. Гледачите на овој ТВ-дневник слушнаа дека СЈО сомничи десет луѓе од УБК дека прислушувале и толку. Не беа отворени прашањата, каде се странските служби и жолтите комбиња за кои тогашниот премиер Никола Груевски тврдеше дека прислушувале во Македонија. Беше објавено дека Никола Груевски не бил прислушуван, арно ама не беше посочено дека за разлика од него, биле прислушувани речиси сите многу високи функционери од власта, не беше ниту нагласено дека се прислушувало и откако беа уапсени обвинетите во „Пуч“, првично осомничени дека прислушувале. Но, затоа беше наметната дилемата дали Заев и Верушевски ќе бидат ослободени од обвинението во предметот „Пуч“ штом СЈО ја отвори истрагата за „Таргет“. Сè беше перфидно занемарено и заобиколено и покриено со реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, дека „Јанева одработува за СДСМ“.

 

МНОГУ ВЕСТИ – ИЗМЕСТЕНИ ПРИОРИТЕТИ

По ова следуваа неколку прилози од другите настани во земјава, како информацијата за почетокот на Кампањата за правата на децата, за намалената употреба на антибиотици во земјава и за неопходноста од реформи во средното образование. Во рамките на овој прилог имаше изјава од заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски, дека „неатрактивните и неприменливите струки ќе бидат укинати“.

Потоа следуваа вести од областа на економијата. Во овој блок имаше прилог за произведувачите на ориз и позитивните ефекти од системот капка по капка и за жените и претприемништвото во Македонија.

Имаше и вест за одбележувањето на 72 години од Првата бригада од Егејска Македонија и промоцијата на книгата „Егејска солза“.

Од вестите од светот беа издвоени информацијата за средбата на Барак Обама со европските лидери и за можноста новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, да го постави сенаторот Помпео за прв човек на ЦИА.

ТВ-дневникот во целина беше полн со информации, но приоритетот на настаните и нивното влијание во јавноста беше изместен. Најновата истрага на СЈО и скандалозните изнесувања на информации за тоа кој прислушувал во Македонија беа само вментати во вестите и не им се даде особено значење. На сметка на тоа, во прв план избија нападите врз лидерот на позицијата, Зоран Заев.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести