verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Може и поинаку – за малку испуштена шанса за позитивна оценка

on 13 - 09 - 2016       
Еден напад без да се праша нападнатата страна и еден „рекламен“ прилог го „затемнија“ одличниот ТВ Дневник. Фото: скриншот
Еден напад без да се праша нападнатата страна и еден „рекламен“ прилог го „затемнија“ одличниот ТВ-дневник. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Сител“ во 16 часот на 12 септември 2016 година]

 

Ова издание на вестите пропушти шанса да биде позитивно оценето првпат откако постои „Сервис за проверка на факти во медиумите“. Сепак, овој ТВ-дневник на „Сител“ покажа дека може да се работи професионално новинарски само ако се сака. Како што, впрочем, видовме.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Да не беа прилозите: Обид на Тозија за политизирање на прес конференцијата на „Браќа Манаки“ и Субвенциите за системот „Капка по капка“ ќе се зголемат со законски измени, ТВ-дневникот на „Сител“ од 12 спетември 2016 година во 16 часот имаше шанси да биде целосно професионален и оценет со многу висока оценка.

Информацијата од културата имаше коментари кои беа интегрирани, а човекот кој е тема на веста воопшто не беше прашан за став. Тие гледачи што првпат го гледаат прилогот, без предзнаења за тоа што се случувало на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, немаше да дознаат за што точно се работи. Прилогот на крајот неаргументирано со политички став заклучува:

„Во недостаток на професионални резултати и во пресрет на изборите, со ваквите јавни настапи Тозија се обидува да биде забележан како партиски активист. Со создавање на јавни скандали од важни меѓународни културни настани тој создава дирекна штета на овие престижн и манифестации како што е случајот со фестивалот Браќа Манаки“.

Вториот прилог, пак, кој ја урна позитивната оценка на вестите, имаше политичко-рекламни елементи, затоа што освен најавата за зголемување на субвенциите и изјавата на заменик-министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски, не беше опфатен друг соговорник и прилогот беше едностран.

Да не беа овие прилози, овој ТВ-дневник имаше голема шанса да биде одличен.

 

ОДЛИЧЕН БЛОК ЗА ЗЕМЈОТРЕСОТ

Иако за овие вести не може да се даде сосема позитивна оценка, сепак, не може да се премолчи фактот што поголемиот дел од прилозите, особено за земјотресите, беа направени професионално и доста студиозно.

Вестите почнаа со прилог и со јавување во живо од Институтот за земјотресно инженерство и сезмологија Скопје (ИЗИИС) со изјава од вработените, кои ја објаснуваа динамиката на нивната работа по случувањата. Тие информираа за штетите настанати од земјотресите.

Прилогот почна добро и како што е за очекување. Нормално е да се почне информативното издание со институцијата која е задолжена да ги следи земјотресите во Македонија. Така, соговорникот од ИЗИИС прилично добро ја објасни состојбата и даде слика на оштетените објекти.

Вториот прилог беше посветен на местата каде што е епицентарот на земјотресите. Тоа се селата кои беа најмногу погодени и од неодамнешните поплави, а прилогот изобилуваше со изјави од локалните жители, кои раскажуваа како го почувствувале земјотресот. Така прилогот доби нова димензија и со изјави од сведоци успешно ја долови сликата на тоа што се случувало таму. Професионално и содржајно беше тоа што на крајот од прилогот беше потсетено на неодамнешните поплави и за тоа дека „жителите од овие места веќе немаат што да изгубат“.

Имаше и прилог во кој се анализираше колку биле блиску еден до друг жариштата на серијата земјотреси. Прилогот даде и објаснувања за мерењето на скалите за земјотреси и други податоци, кои, секако, ги интересираат граѓаните:

Првиот човек на Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија, за „Сител“ вели дека на европско тло за мерење на магнитудата, односно количеството енергија која се ослободува при земјотрес, се користи Рихтеровата скала, додека Европското макросеизмичко скалило ги опишува последиците од потресите.

Според Гарески земјотресот кој вчера ги извади жителите на Скопје надвор од домовите е најсилен по катастрофалниот земјотрес во 63-та, но, сепак, со помал интензитет и времетраење.

Според податоците на Гарески, најсилниот земјотрес кој досега е регистриран на земјата е Чилеанскиот во 1960-та со магнитуда 9.5 степени по Рихтеровата скала. 

Четврти прилог од серијата за земјотреси беше за повредените од земјотресот, со разговор со доктор од ургентна хирургија, кој ја објасни причината зошто и како настанале повредите.

Тоа што, исто така, го одвојуваше овој ТВ-дневник од другите, беше и разговорот со д-р Славица Арсова, психијатар, за тоа како граѓаните да се справат со паниката. Овој прилог (јавување во живо) беше токму таму каде што му е местото со оглед на тоа дека граѓаните два дена беа под континуиран стрес, а многумина и се изморени од страв да заспијат. Докторката објасни како да се справат граѓаните со тие состојби.

„Вознемиреноста не може да остави трајни последици, таа е една акутна стресна реакција и вообичаено трае 1 или 2, максимум 3 дена. Доколку постои некое друго психичко нарушување, може во оваа ситуација да се продлабочи истото или да се влоши, но тоа не претставува ризик или дека со сигурност такво нешто ќе се случи“, додава Арсова во вестите на „Сител“.

 

ПОЛИТИЧКИ БЛОК СО ПРОПУСТИ

Вториот блок од ТВ-дневникот почна со прилог за големиот муслимански празник Курбан-бајрам, а во прилогот беа вметнати и честитките од сите официјални лица во Македонија. Беа опфатени оние од претседателот на државата, премиерот, па сè до лидерите на политичките партии.

Политичкиот дел почна со прилогот за средбата на премиерот Емил Димитриев со новиот претставник на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар. Веста беше информативна, без коментари, туку само извести за протоколарната средба помеѓу двајцата политичари.

Во прилогот, во кој се зборуваше за предлогот на ДПА за решение на дисбалансот во изборната единици 6 и како тој да се реши, беа опфатени и предлозите и ставови и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Во дневникот 2, пак, во 19 часот, овој прилог беше изменет и имаше додадено коментари, долга изјава од Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и само една реченица парафразирана од СДСМ.

Сепак, и во политичкиот блок на вестите имаше добри прилози, како, на пример: Обвинителството бара судот да ги отстрани од работа обвинетите во случајот „Еразмус“. Вестите од светот беа стандардни, направени професионално. Имаше и мал блок вести од спортот.

Ова издание на вестите пропушти шанса да биде позитивно оценето првпат ооткако постои „Сервис за проверка на факти во медиумите“. Сепак, овој ТВ-дневник на „Сител“ покажа дека може да се работи професионално новинарски само ако се сака. Како што, впрочем, видовме.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести