verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Меѓу тиквата и морковот!

on 29 - 01 - 2015       
Прекрасни тикви - заслужено на ТВ Дневник (сосе пилата за нивно сечење). Фото: видео клип скришот
Прекрасни тикви – заслужено на ТВ-дневник (сосе пилата за нивно сечење). Фото: видеоклип скришот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на ТВ „Канал 5“, 28.01.2015, 18.00]

 

Како цените на тиквите, компирот и на морковот, активностите на Владата за можниот циклон и пофалното интервју на министерот за здравство, Никола Тодоров, најдоа место во ТВ-дневникот, додека скандалот со пратеничките патни трошоци и неизвесноста околу исплатата на хонорарите ги немаше никаде.

 

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Македонскиот парламент го тресе скандал тежок речиси еден милион евра за исплата на патни трошоци на пратениците. На Македонија (како што информираа дел од медиумите), наводно, ѝ е одземено правото на глас во Генералното собрание при Обединетите нации, бидејќи  имала заостанат долг за плаќање придонеси кон светстката организација од 24.600 долари. Неизвесно е како и кога ќе бидат исплатенини јануарските хонорари, оданочени според новите законски правила. Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) е во генерален штрајк…

Меѓутоа, овие информации  не се интересни како онаа дека „тиквата и морковот се најбарани на зелените пазари“, која ги поклопи сите вести во централниот дневник на телевизија „Канал 5“ од средата – 28 јануари 2015 година! Благодарение на прилогот за „ниските цени на зелените пазари“ гледачите разбраа дека во моментот во државата најбарана е тиквата!

 

ПАЗАРЕН ИНФОРМАТОР

Како што кажа еден од продавачите на скопскиот пазар „Буњаковец“:

„Тиквата е најбарана како здрава храна. Цената е 30 денари за килограм за екстра роба како јас што продавам“ (0,22 до 0,31 минута од видеоснимката)“

Но, не само тиквата, според неговата колешка од пазарот, пак,

„се нуди најмногу компир, а се троши морков“ (0,28 до 0,41 минута од видеоснимката)

Без овие  важни информации, заедно со податокот дека еден килограм јаболка се продава за 20 денари, а три килограми за 50 денари, јавноста, веројатно,  ќе беше „оскатена“!

Не дека ваквите податоци за тоа како се движат цените на пазарите не се корисни, но, сепак, телевизискиот дневник не е пазарен информатор. И, несериозно е да се игнорираат битни информации, а на секојдневни, банални прашања да им се дава толку големо значење.

 

НЕМА СКАНДАЛИ

Во таа смисла, несфталиво е како во ТВ-дневникот не се најде место за аферата со пратеничките хонорари, која беше топ-тема во медиумите . Несомнено, не се работи за превид или лоша проценка, туку во прашање е намерно игнорирање на скандалот во кој, како што објави еден портал, на пратеници од владејачката партија (меѓу кои и поранешната координаторка на пратеничката група) за патни трошоци за 11 месеци им биле исплaтени суми кои достигнуваат и до 25.000 евра.

Ваквото премолчување на скандалот, од една страна, е неодговорно кон јавноста, а од друга е целосно непрофесионално.

Фактички, во ТВ-дневникот на оваа телевизија, најатрактивните вести тој ден или воопшто не беа објавени или беа „обландирани“ и поттурнати кон крајот на дневникот.

Па, освен за „фантастичните“ надоместоци за трошоците за патување на парламентарците, во вестите ја немаше  ниту информацијата дека ќе доцни исплатата на хонорарите за јануари (оние кои се повисоки од 9.590 денари), бидејќи има нејаснотии околу примената на новиот Закон и се чека Управата за јавни приходи да ги објави насоките како да се направат пресметките за надоместоците повисоки од минималната плата. Против ваквите нови давачки за хонорарите излегоа музичарите, актерите, новинарите, преведувачите, но, сепак, овој проблем е невидлив за уредништвото на ТВ-дневникот.

Место во вестите не најде ниту информацијата за тоа дека и во годинашниот извештај на „Фридом хаус“, Македонија се наоѓа во групата делумно слободни земји. Во него, оваа меѓународна организација забележува дека „политичките права во Македонија се намалени од 3 на 4 поради сериозните недостатоци на општите избори во април минатата година, како и бојкотот на Собранието од страна на опозицијата поврзан со истите избори.“ (куса вест беше објавена само утрото на 28.01.2015 во 10:54)

Информацијата за тоа дали Македонија ја платила членарината во Обединетите нации 0д 24.606 долари и дали на 25 јануари 2015 година навистина го изгубила правото на глас во Генералното собрание на ОН, како што пренесоа медиумите, беше пласирана на крајот од  вестите, по 40.  минута. И тоа како куса несредена  информација (1,5 минута) во која  без никаков авторски текст само „пластично“ се налепени: изјава од СДСМ , соопштение од МНР и соопштение од  ВМРО-ДПМНЕ.

Од ваквиот површен материјал, се добива впечаток дека опозицијата и дел од медиумите тенденциозно креираат случај, а тој, според МНР, не постои. Меѓутоа, пласираната информација на овој начин некако „виси“. Од МНР соопштија дека долгот е намирен, дека тоа наскоро ќе биде нотирано во Обединетите нации и дека Македонија го нема изгубено правото на глас во Генералното собрание на Обединетите нации. Но, во соопштението  нема одговор на кој датум се уплатени парите. Некои медиуми (како овој видеопортал) го објавија писмото што генералниот секретар на Обединатите нации, Бан Ки-мун, на 12-ти овој месец, го испратил до претседателот на Генералното собрание, а во кое го информира дека Македонија заедно со Гренада, поранешната советска република Киргистан, Маршалските Острови, Руанда, Јемен и островските земји во Пацификот, Тонга и Ванату, имаат заостанат долг кон светската организација. Тоа дава поинаква слика за проблемот.

 

РЕВОЛТИРАНИ БАБИ!

Селективниот пристап и козметичкото дотерување на вестите е забележлив и во прилогот насловен „Родителите губат трпение поради несовесните наставници“, исто така, објваен меѓу последните вести (во 37,15 минута). Овој материјал е со комплетно изместено тежиште, а во него јасно се препознава и намерата да се дискредитираат наставниците што штрајкуваат и да се претстават како неодговорни. Притоа, се плете приказната дека не само што родителите го „губеле трпението“, туку биле револтирани и бабите и дедовците! (1,24 минута од видеоснимката)

Материјалот, всушност,  има цел да го минимизира штрајкот на СОНК, па воопшто не кажува каде – во кои училишта се штрајкува, дека има опстртукции и притисоци врз штрајкувачите, како и тоа дека СОНК најави можна радикализација на штрајкот.

 

ЦИКЛОН ВО ДНЕВНИКОТ 

Наместо коректно да ја информира јавноста за главните настани кои го обележаа тој ден, тие се премолчени, а на гледачите им е презентиран празен ТВ-дневник. Во него, на пример, се дава голем простор  на неколку материјали поврзани со превентивните мерки пред доаѓањето на циклонот „Давид“, во кои се претерува со нагласувањето на ангажманот на властите кои ги мобилизираат сите сили за справување со евентуалните поплави“. Пакетот од три прилози на оваа тема, во траење од речиси десет минути (со јавувања од теренот) изгледа како да се подготвуваме за некаква, не дај Боже, катаклизма!

Во овој ТВ-дневник, кој наликува како да е под влијание на циклонска активност, сосема непотребно е „интервјуто“ на министерот за здравство, Никола Тодоров, кој говореше за „високите оценки од Брисел за македонското здравство“. Иако, тоа е сосема легитимно право на избор и процена на медиумот, сепак, нема рационално објаснување за неговото гостување во студиото.  Тодоров, во настапот од 7,49 минути, ги повтори истите работи за кои телевизијата претходниот ден веќе ја информираше јавноста (во два прилози на 27.01.2015). Затоа, неговото појавување во централниот дневник изгледа како некој да сакал да му го направи ќефот на министерот за тој уште еднаш да се пофали дека  „Македонија направила скок до 12 места на евроспкиот здравствен потрошувачки индекс и дека има најголем напредок во Европа, најголем од која било држава во историјата на рангирањето“!  И, се разбира, да се испрати пораката дека, кој друг, ако не министерот е заслужен за маестралниот дострел во здравството!

Но, токму со ваквиот пристап, ТВ-дневникот, наместо информативен, добива пропагандистички тон. Па, гледано во целина, на гледачите им е понудена еден комплетно лоша медиумска содржина во која, колку и да изгледа куриозитетно, и „тиквите“ се поатрактивна вест од скандалите кои ја тресат македоснката внатрешна и надворешна политика.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести