verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Малку извести, повеќе прокоментирај за Пржино и потоа удри на пропаганда

on 16 - 01 - 2016       
Малку извести, повеќе прокоментирај за Пржино и после удри на пропаганда. Фото: скришот
Микс на вести каков што би посакала секоја власт. Фото: скришот

 

[Критички осврт врз првиот ТВ-дневник на МТВ на 15 јануари 2016 година во 17.30 часот]

 

Обврската да се плаќа радиодифузна такса создава обврска народните пари да се користат за информирање на јавноста за теми од широк јавен интерес. Наместо тоа, имаме дневник на МТВ кој дава предност на навидум комерцијални текстови за приватни субјекти и промовира владини проекти, сето тоа пред информации за политички скандали и за кривични дела. Настанот кој не е засенет, а е од интерес за пошироката јавност, наместо да се пренесе како информација, се коментира.

 

Пишува: Александар Пешев

 

Првата ставка во најавите на првиот дневник на Македонската телевизија создава надеж за сеопфатно информативно издание, но неколку секунди подоцна следи разочарување. Јавувањето во живо од Пржино е пример за селективно информирање со голема веројатност за извртување на изјавите и за политичко навивање.

Репортерот нагласува дека има засилени партиски тимови, особено од СДСМ, што во основа претставува еден вид дезинформација. Тројца претставници на опозициската партија присуствуваат на состанокот во Пржино, додека од владејачката партија присутни беа петмина претставници. Вистинската политичка пристрасност во известувњето се согледува во следниов коментар на репортерот:

„Лидерот на СДСМ Заев кажа по утринската средба со еврокомесарот Хан дека СДСМ е, се разбира, против одржувањето на изборите на 24 април.“

А, ова е делот од изјавата на Заев во која ги споменува роковите:

„Многу важно е медиумите да бидат отворени за сите учесници во изборниот процес и да не се заборави важноста на исчистениот Избирачки список, за чија проверка веќе нема време, за што и Груевски е свесен.“

Трендот на ставање зборови во устата на соговорникот, спротивно на елементарните стандарди за непристрасно известување, продолжува и при повикувањето на другите изјави. Лидерот на ДУИ порача дека институциите треба да проценат дали се подготвени за организирање избори, но репортерот коментира дека Ахмети стравува од „застој во инвестирањето и во евроатланските интеграции“. Ниту еден од овие елементи не е вклучен во изјавите што му се презентираат на гледачот, што создава сомнежи за нивната веродостојност.

Досега на гледачот му е пренесено дека СДСМ не сака избори во април и дека одложувањето на тие избори би било лошо за земјава. При ваквото насочување кон лични интерпретации се игнорирани и изоставени елементи од изјавите, кои би дале покомплетна слика во врска со целата ситуација – како забелешката на Ахмети дека „методологијата за прочистување на избирачкиот список и прашањата за медиумите се техничките прашања за кои се разговара“. Преносот во живо завршува со цитирање на твитот на еврокомесарот за политичка одговорност и тоа се поврзува со неофицијална информација дека СДСМ е против избори во април годинава, што повторно создава сомнежи за обид за спин поради политичка пристрасност.

Гледачот, информиран и потенцијално убеден дека одлагањето на изборите е лошо и за тоа би биле виновни тие што не се на власт, може да се утеши со другите информации со „розови“ нијанси. Така, по промоција на новиот премиер, пофален од анонимни познавачи од кои нема ниту една изјава, следува блок кој слободно може да се крсти „можности“: за вработување во нова компанија или за купување куќа или стан.

Информацијата за нова инвестиција на гледачот може да му се пренесе преку кратка и јасна техничка информација – кој инвестирал, колку и во што. Ако некој сака да се вработи, може да ја контактира компанијата, така? Не, ако го гледате дневникот на националниот сервис, кој се финансира од народни пари. Националниот медиум одлучил да одвои неколку минути за промоција на фирмата, со изјава во која се презентираат успесите на овој приватен субјект. Најавени се сто вработувања што, според надлежниот министер, ќе придонесе за намалување на невработеноста. Се прашувате за колку? Сами пресметајте, бидејќи новинарот не ви кажува. Во основа, имаме едно големо „браво“ на национален сервис за приватна фирма, проследено со изјава на премиер кој депонирал оставка. Нему му се дава простор во прилог да не зборува за демократската иднина на државата, туку за успесите на приватни компании.

Неколкуминутниот прилог за владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ создава впечаток дека целиот економски блок во дневникот е своевидна промоција: комерцијално-политичко и владино рекламирање. Министерот за одбрана добива можност да промовира академија која прераснала во универзитет. По наредените успеси се презентира прозивка од владејачката партија за опозициски министер, а реакција не е вклучена нити, пак, се дознава дали е направен напор да се добие повратна информација. Интересно е што за скандалот за фалсификувани лични документи се посветува кратка информација сведена на читање партиско соопштение, иако станува збор за тема од поширок јавен интерес отколку промоција на интернет0-фирма, за што имаме цел прилог.

Во основа имаме дневник, кој, пред сè, остава празнини. Освен јавувањето во живо со сомненија за елементи на новинарски спин, на гледачот не му се дава подетален увид во процес кој се поистоветува со демократскиот опстанок на Македонија. За сметка на тоа, имаме промоција на нов премиер од анонимни познавачи, промоција на владини проекти, компанија чии успеси се поистоветуваат со државниот врв, информации кои би биле важни само за делови од публиката, но не се однесуваат на поширокиот јавен интерес. Според МТВ, за Пржино е важно да не се одлагаат изборите, а сè друго е успех.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести