verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Кога Владо Георгиев е побитен од скандалот со масовно прислушување

on 10 - 02 - 2015       

 

Да ги направиме естрадните уметници хумани. Нехуманоста на масовното криминално прислушкување ќе ја сотавиме за други времиња. Фото: видео клип скриншотДа ги направиме естрадните уметници хумани. Нехуманоста на масовното криминално прислушување ќе ја оставиме за други времиња. Фото: видеоклип скриншот

 

Прес-конференцијата на СДСМ за масовното криминално прислушување, која е од најголем јавен интерес, недозволиво е да ја нема или да се минимизира и да се релативизира. Тоа само зборува дека медиумот не ја врши основната функција заради која постои и дека се раководи од сосема други интереси, а не од интересот на јавноста

 

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на телевизија „Канал 5“, 09.02.2015, 18.00]

 

Секоја телевизија во информативниoт блок (вести) се очекува да биде препознатлива и да ја исполни улогата која ѝ е дадена. Од една национална телевизија се очекува во ударниот термин на вестите да биде професионална, објективна и содржајна. Тоа не беше случај со овој телевизиски дневник. За што станува збор?

Огромен новинарски пропуст на телевизијата е тоа што не почувствувала потреба како главна вест да информира за прес-конференцијата на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, на која тој откри скандал од невидени размери со прислушување на повеќе од 26.000 граѓани. Телевизијата не најде потреба тоа откритие, кое ги запали македонските медиуми, социјалните мрежи, а и медиумите во соседството, да го стави меѓу најважните три вести. Тоа место го зазедоа поплавите, смртта на Тамара и хуманитарната помош. Во „мирнодопски“ услови, во ред е овие теми да се најдат како најава меѓу најважните три вести и тоа би било целосно оправдано. Но, на ден кога се открива мегаскандал за прислушување маса народ, а тоа се пласира и со аудиодоказ и со снимка, да не заслужи главна вест е еднакво на скандал. Најмалку, пак, поради тоа што ништо немаше да се случи со професионалноста на информативниот блок ако веста за хуманитарната помош од оваа телевизија за настраданите во поплавите во Источна Македонија (која, секако, заслужува внимание), се најдеше подолу во вестите.

Оваа вест дури беше и помалку битна од разговорот со црногорскиот пејач Владо Георгиев, за кој специјално имаше и линк и разговор во живо, а повод беше, замислете, најава за неговиот концерт. Што да се каже на ова?

 

КАДЕ Е ГЛАВНИОТ НАСТАН?

Телевизијата одлучи настанот на денот, на годината, на деценијата, да го објави во 24. минута, а прилогот за прес-конференцијата на Заев, кој трае 38 секудни да биде само алиби за соопштението на ВМРО-ДПМНЕ кое беше прочитано во целост во траење од една минута.

А, беше кажано само ова:

„Лидерот на СДСМ тврди дека само тој лично бил прислушуван најмалку четири години и дека само во изминатите денови му биле прислушувани повеќе од 300 телефонски разговори. Заев тврди дека за време на избори биле следени и прислушувани сите кандидати на опозицијата и извештаите за нивните активности биле доставувани до власта. На прес-конференцијата беа презентирани разговори на Заев со еден новинар, со Шекеринска, негови соработници и разговор со неговата ќерка. Заев презентираше и разговор помеѓу Ставрески и Јанкулоска.“

И тоа беше сѐ за настанот на денот што го пренесоа и „Ројтерс“, „Њујорк тајмс“ и сите светски признати и познати агенции и медиуми.

Телевизијата можела, ако сакала, и критички да се осврне на прес-конференцијата на Заев, па, како и многупати претходно, да викне аналитичари кои ќе ја опсервираат оваа тема, но ниту тоа не беше сторено.

 

БЕЗ ИНФОРМАЦИИ

Поради сето ова, гледачите што ги гледале овие вести останеле покуси за информациите дека сите значајни балкански медиуми известуваа за аферата прислушување.

Исто така, немаше ништо ниту за соопштението од ДУИ во кое се вели:

„Го осудуваме секое дејство кое е спротивно со правната држава и основните човекови права. Сметаме дека сите отворени прашања треба да се решат на транспарентен и по институционален пат. Бараме од сите политичките фактори да бидат одговорни и совесни за, и така тензичната ситуација во земјата.“

Сето тоа, а и многу други детали не најдоа воопшто место во ова информативно издание, иако оваа прес-конференција побудува најголем интерес кај целата македонска јавност, без разлика на политичка определба и на национална припадност. Оваа прес-конференција, која е од голем јавен интерес, недозволиво е да ја нема или да се минимизира и да се релативизира. Тоа само зборува дека вестите не ја вршат основната функција заради која постојат. Со тоа се докажа постоење на сосема други интереси, а не интересот на јавноста. Не треба да се заборави дека и според Уставот и според законите, јавноста има право да знае, а овој ТВ-дневник направи сѐ тоа право да не се оствари.

 

БЕЗ КРИТИЧКИ ОСВРТ

Првата вест во ТВ-дневникот беше за смртта на девојчето Тамара поради негрижата на државата или бавната реакција на институциите. Прилогот, главно, содржеше изјави од прес-конференциите во Фондот за здравствено осигурување. Тој беше направен без критички осврт, а немаше ниту збор за барањата за оставка на министерот за здравство Никола Тодоров, кои масовно се ширеа во јавноста. Докрај несодржаен, во прилогот немало место ниту за реакциите на родителите, ниту на здруженијата кои изразија згрозеност од целиот настан, како ниту за барањето на Хелсиншки комитет за кривична одговорност на лица во Министерството за здравство и во Фондот за здравствено осигурување.

Гледачите и во овој прилог останаа неинформирани за одредени реакции, како што беше и таа од „Цивил“ – Центар за слобода, од каде упатија сочувство за неутешните родители на Тамара.

„Бараме итна оставка на министерот Тодоров и сите неодговорни лица во неговото министерствo и во Фондот за здравствено осигурување. Воедно, бараме и нивна кривична одговорност! Државата ќе го плати лекувањето на Тамара во странство, вети на 21 ноември минатата година министерот за здравство Никола Тодоров. И излажа!“, се вели во реакцијата.

Останатите прилози (за поплавите и за хуманитарната помош) во најголем дел ги задоволија професионалните норми, иако нагласена беше пристрасноста во поглед на „успесите“ на Владата и на локалните самоуправи кои „навреме“ помогнале да се спречи поголема катастрофа.

Овој ТВ-дневник не ги задоволи професионалните стандарди. Во новинарството важи правилото секоја вест која анимира повеќе граѓани, зборува за нивниот живот, а, згора на тоа, се покаже и дека власта правела криминал кој е недозволив според Уставот и според законите, заслужува да биде прва вест. Сѐ спротивно на ова е еднакво на аматеризам или на нешто друго, како, на пример, обична лојалност кон некоја структура на моќ.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести