verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Катица Јанева е Баба Рога, Груевски е невин

on 12 - 06 - 2016       
Три напади врз Катица Јанева на самиот почеток од Дневникот. Малку се ,треба повеќе! Фото: скриншот
Три напади врз Катица Јанева на самиот почеток од дневникот. Малку се, треба повеќе! Фото: скриншот

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на ТВ „Алфа“ во 17.30 часот на 11.06.2016 година]

 

Реклама за владини проекти и добро осмислен напад врз Специјалното јавно обвинителство. Вака накратко може да се опише овој ТВ-дневник. Политичкиот блок вести, освен прилози во кои доминираше хајката против СЈО, друго немаше. Во дневникот беа опфатени и теми од социјален и од културен карактер, но тие беа во насока на промоција на владините министри

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

ТВ-дневникот ударно почна со веста дека Специјалното јавно обвинителство работело со двојни аршини. Притоа, беше пренесен став на аналитичари, кои заклучиле дека Катица Јанева, во однос на Груевски, постапувала според насоките на Заев и дека мерките што ги предлага таа, немале допир со реалноста. Ваквиот заклучок на „аналитичарите“ беше изведен од еден и единствен аналитичар, Александар Даштевски, кој во јавноста е познат по застапувањето провладини ставови.

Целта на овој прилог беше да се нападне работата на СЈО, бидејќи претходниот ден лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, беше на распит во скопскиот Кривичен суд и за него од обвинителството побараа да му биде одземен пасошот како мерка на претпазливост. СЈО го сомничи Груевски во предметот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на Фиат Цаноски. Секако, за ова немаше ниту збор во информацијата, но имаше изјава од Груевски во насока на тоа дека СЈО работи по нарачка на Заев.

Понатаму, продолжи нападот врз специјалната обвинителка. Овојпат таа беше обвинета дека цензурирала. Имено, веста беше дека вештак на СЈО за случајот „Космос“, Мирослав Грчев, одбил да се појави на дебата на ТВ „Нова“ со градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, исто така, обвинет во предметот „ТНТ“ кој го поведе СЈО. Ваквиот потег своеволно се протолкува како Грчев да добил наредба од Јанева да не седне на иста маса со Трајковски. Целосен спин и извртување на вистината, особено поради тоа што во прилогот немаше став ниту од Грчев ниту, пак, од Јанева.

„Медиумите пишуваат дека предомислувањето без аргументи се отвора простор за сомнеж дека на Грчев му било забрането да се појави во емисијата и да се соочи со аргументите на Трајковски“.

Тука како извор се користеа „медиумите“, но остана нејасно кои се тие и од каде им се таквите информации.

Третиот прилог од политичкиот блок, повторно се занимаваше со Катица Јанева. Овојпат се убедуваа гледачите дека СЈО вработувало по роднински врски.

И следниот прилог беше постветен на СЈО, но овојпат беше пренесена изјава на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, кој го повика Уставниот суд веднаш да се изјасни за уставноста на Законот за специјално обвинителство.

Политичкиот блок вести беше затворен со информацијата за тоа кој од политичарите за кого навива на европското фудбалско првенство. Политика зачинета со спорт, но и со малку пропаганда. Прво беше нагласено дека Груевски го следел отворањето на првенството во Градскиот парк заедно со неговите сопартијци, а потоа гледачите дознаа дека тој ќе навивал за Германија. Иванов, исто како и Груевски, ќе ја подржел германската репрезентација, а Заев шпанската.

Тука заврши политиката и продолжи црната хроника. Во рамките на оваа рубрика беа објавени две вести, едната за криумчарите на мигранти кои наплаќале по 200 евра од лице и за нападот на полицајците во Тетово.

Подолу беше оставен простор за промоција на некои владини проекти. Беше објавена информација дека завршило екстерното тестирање, но во прилогот немаше ниту збор за тоа какви сè реакции од родители имаше деновиве, особено на социјалните мрежи, за ваквиот начин на тестирање.

Потоа гледачите имаа можност да се информираат дека „Деца од семејства со социјален ризик можат да аплицираат на огласот за бесплатен летен одмор“. Следуваше изјава од министерот за труд и социјала, Диме Спасов, кој се испофали за тоа како Владата се грижела за оваа категорија граѓани. Во ТВ-дневникот се појави и министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска, која информираше за премиерата на претставата „Соларис“ на Виенскиот фестивал, претстава која добила поддршка од Владата.

Покрај владините министри, место во дневникот имаше и за градоначалници од редот на владејачките партии. Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, поддржана од Министертсвото за транспорт и врски, се пофали дека Тетово конечно добива доволно вода – до крајот на 2016 година комплетно ќе биде завршен новиот водовод. Но, она што беше можеби и намерно изоставено, беше фактот дека тетовчани и ова лето ќе го поминат без вода и дека водоводот требаше да биде изграден уште во октомври минатата година.

Градоначалникот на Скопје, пак, Коце Трајановски, се пофали дека набавил нова машина за садење дрва. На крајот имаше блок спортски вести.

Сè на сè, овој ТВ-дневник беше политички маркетинг за владејачката партија и напад на Катица Јанева и обид таа да се претстави како Баба Рога. Прилозите во кои се напаѓаше специјалното обвинителство беа еднострани, за разлика од оние посветени на владата, кои беа полни со пофални зборови и без ниту грам критика.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести