verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Груевски и Николовски – нашите „дописници“ од ЕУ

on 22 - 04 - 2015       
Груевски и Николовски, новите дописници на МТВ од Брисел и Стразбур. Фото: видео клип скришот колаж
Груевски и Николовски, новите дописници на МТВ од Брисел и Стразбур. Фото: видео клип скришот колаж

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на МТВ од 21 април 2015 година во 19.30 часот]

 

Екипите на МТВ, наместо да ги ловат странските политичари и функционери во Брисел и од нив изворно да чуеме мислења за Македонија и за нејзините проблеми, ги користат премиерот и пратеникот Александар Николовски како пренесувачи на впечатоци! Тоа можеле да го сторат и на аеродромот во Петровец!

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

 

Заради настанот од липковскиот регион, многу беше веројатно дека македонските гледачи ќе се „залепат“ за малите екрани и дека вестите ќе станат погледан дел од програмата во однос на, да речеме, турските играни серии. Иако немаме егзактни показатели, сигурно дека дел од гледачите ќе се обидат преку централниот ТВ-дневник на МТВ да дознаат повеќе детали за овој настан, кој буди непријатни алузии на некои подзаборавени времиња, ама и отвора сомнежи за способноста на официјалните институции да ја заштитат државната граница.

 

НЕ СТИГНАЛЕ ДО ГОШИНЦЕ И СЕ ВРАТИЛЕ НАЗАД?

Централниот дневник, секако, почна со оваа вест, не нудејќи ништо посебно и ексклузивно што би се очекувало од овој медиум! Како што видовме, дури нивната екипа, која се обидела да направи репортажа од теренот, е сопрена предалеку од настанот и човек се прашува – зошто баш нив, кога барем вокално уште од пладнето чувме јавувања од теренот – и тоа од селото и разговори со селаните од страна на екипите на „24 Вести“ и на „Телма“!?

Така, она што од телевизиски аспект требаше да донесе повеќе светлина и, пред сè, чувство на непосредност кај гледачот изостана кај МТВ, што е дебакл за уредниците. Се разбира, повешти новинари, сопрени од полицијата, барем би се обиделе да фрлат поглед на настанот од поширокиот регион (кумановско-липковскиот), не само заради покривање на потрошениот бензин и на дневниците, туку заради добивање атрактивност и поголема информираност за гледачот. Ама, или за тоа немале дозвола или можеби ги болела главата и изгубиле волја?
Во врска со настанот во Гошинце, најпрвин беше проследена прес-конференцијата на МВР, со дел од архивски снимки за ОВК, потоа следуваше онаа „панорама на браната кај Липково“, до каде што стигнала екипата на МТВ. 15 киломeтри далеку од местото на настанот, а имавме и една „утешна“ вест за свикување на Советот за безбедност за следниот ден. И, конечно, како „деликатес“ за вечерниот оброк на вести, го имаме трчањето кај Мирка Велиновска по толкување од салонски тип. Нормално тука, кај нејзиното толкување, ја имаме плочата „Бранко е виновен за сè“ итн., потоа со слични констатации го имавме Цветин Чилиманов, преку негов авторски коментар и толку!

 

ВИСТИНСКИТЕ ЕКСПЕРТИ ГИ НЕМА НИКАДЕ

Индикативно е дека насловот на овој ТВ-прилог е истоветен со сите што одеа на провладините медиуми – „сценариото исто како во 2001 година“, што ќе го потврди „Сервисот за проверка на факти во медиумите“ преку рецензија од наш колега на текст објавен во „Нетпрес“ со речиси идентичен наслов! Блокот заврши со три партиски соопштенија (на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на СДСМ).

Тој ден, секако, имаше многу, на десеттина реакции на познати имиња кои ја покриваат оваа област, што се вели експерти, ама ниту еден нив не допре до јавниот сервис. Да споменеме само некои од нив. Најпрвин да го споменеме апелот на колегите од „Лајм“, кои упатија многу значаен повик до селаните од регионот да не наседнуваат на провокациите (преводот можете да го видите тука), значајно е предвидувањето на генерал Стојанче Ангелов од пред две недели(!) за тоа што ќе се случи во Липково, што се потврди, потоа анализата на професорот Пивоваров или изјавата на поранешниот припадник на ОНА од липковскиот регион Абедин Зимбери за „Радио Слободна Европа“, кои се вистински бисери во однос на темата која мора да се расветли! А, барем тука, во МТВ, немаа забрана од јавниот обвинител.

Вториот блок вести беше посветен на посетата на премиерот на Брисел, на самитот на Унијата со шест премиери од Западен Балкан. И додека другите балкански телевизии опсипуваат со вести за средби на нивните премиери со другите колеги, нашиот премиер (види овде), а потоа и пратеникот Александар Николовски, се претворија во известувачи од теренот, односно од Унијата. Очевидно имале вишок време! (на пимер „извештајот“ на Николовски за средбата како да го правеле во неговата партија!).

 

 

Премиерот и пратеникот кажуваа за своите посети и разговори со функционери на Унијата (вкупно два-три кај обајцата), место новинарите, кои се на теренот да бараат мислење и ставови од нивните соговорници, што би било поприродно, нели, и поинтересно за гледачите. Имаме проблем со преводот? Не нè сакаат соговорниците? Во Унијата им се бурбати од нас? Или цела екипа оди во Брисел за да го сними премиерот со прашања и одговори кои може да ги добие и на аеродромот во Скопје?!

ТВ-дневникот имаше помалку од вообичаено прилози за нашите економски успеси (само два), имаше прилог кој не ни осветли како со години власта не може да го оправи патот Прилеп – Ресен и слично, со тоа што заврши (не сметајќи ги спортските вести) во 20.02 часот.
Оние членови од семејството кои инсистирале на гледањето серии, таа вечер секако искоментирале „нели ви рековме…“.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести