verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

ТВ-дневник: Фалење на власта, напади врз опозицијата, ред чудотворство и ете ти вести

on 11 - 04 - 2016       
Малку против „соросоидите“, многу фалење на власта, малку чудотворство и ете вести. Фото: скриншот
„Соросоиди“, власт и чудотворство. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Сител“ во 19 часот на 10 април 2016 година]

 

ТВ-дневниците треба да бидат објективни, содржајни и вистинити. Тие го формираат јавното мислење, а гледачите треба да бидат точно и навремено информирани. Ова ги разликува професионалните од непрофесионалните медиуми. Тоа не беше случај со овој ТВ-дневник.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Гледачот останува неинформиран по гледањето на ова информативно издание. Прилозите беа половични, необјективни и шпекулативни. Во дел од нив немаше критички осврт за гледачот да може самиот да извлече заклучок. Напротив, во нив се сугерира пристрасност со спинови со кои се претставува лажна слика.

 

НЕДОРАБОТЕН ПРИЛОГ

Првиот прилог, како и што налагаше денот, беше за немирите со мигрантите на македонско-грчката граница. Тој беше полувистинит, без потребните информации со кои гледачите би биле навремено, целосно и точно информирани.

Во него се тврди дека:

„Тројца македонски полицајци се повредени во денешните судири со мигрантите кои се обидоа да ја поминат грчко-македонската граница.“

Вистината, пак, е поинаква и според информациите на Министерството за внатрешни работи, повредени се 15 полицајци. Како што објавија медиумите, во соопштението пласирано од МВР стои:

„Бројката на повредени припадници на македонските безбедносни сили се искачи на 15 откако поголема група мигранти од Идомени ја каменуваше полицијата, при обидот да премине на македонска страна. Четири-пет полицајци се потешко повредени, додека другите се со полесни повреди (набиеници од камења). Има оштетено и три полициски возила – „пинц гауер“, како и полициски штитови.“

Во медиумите оваа вест беше пласирана во периодот од 18.30 до 18.45 часот. Вест со наслов: Хаос на граница: Мигрантите удрија по полицијата – 15 полицајци повредени, во која го има точниот број на повредени и соопштението на МВР, пренесено од МИА, се појави и на веб-страницата на „Сител“ во 19.30 часот. Во овој текст ги има истите податоци како и во написите на другите медиуми. Затоа, останува нејасно зошто овие информации, официјални, ги немаше во ТВ-прилогот, ако се земе предвид дека реално имало време тоа да се стори (вестите почнуваат во 19 часот), тргнувајќи од времето на објавување во другите медиуми. (извор: Утрински весник, време: 18:36 часот).

Останува дилемата дека можеби не било можно да се вметне овој податок во прилогот, но, секако, водителот на вестите можеше во најавата да ја коригира бројката и да предупреди дека тоа се последни информации. Како и да е, остана впечатокот дека прилогот ги немаше најновите податоци, а не остави ниту чувство дека бил побаран официјален став од МВР.

 

БЛОК ЗА НАПАД НА ОПОЗИЦИЈАТА

По набрзина претрчаниот прилог, почна блокот за напад на опозицијата. По некоја практика, која последниов период провејува во телевизиите што ги поддржуваат политиките на власта, критичките текстови во ТВ-дневниците се преземени (читај препрочитани) од порталите кои, исто така, важат за блиски до власта. Тоа остава сомнеж дека овие прилози (ТВ-дневници) и текстови (портали) се пласирани од еден ист центар. Овојпат „честа“ преку Општина Центар и градоначалникот, Андреј Жерновски, во прилогот Општина Центар со пари од граѓаните ќе финансира НВО блиски до опозицијата, да се нападне опозицијата ја имаше порталот „Денешен“. Овој прилог, пак, беше целосно необјективен и несодржаен. Во него се вели дека:

„Со пари на граѓаните општина Центар и СДСМ купуваат поддршка од невладините организации поврзани со СОРОС. Според одлуката на Општина Центар која ја објави порталот Денешен невладините организации на СДСМ ќе инкасираат близу 1,3 милиони денари.“

Уште од почетокот се споменуваат две институции, а во прилогот нема изјава ниту од едната, ниту од другата. Нема ниту назнака дека се побарало мислење за информациите кои се пласирани.

„Најголемиот“ доказ дека нешто се крчка е:

„Можат да се најдат и фотографии со претседателот на оваа невладина, извесна Билјана Младеновска во друштво на Катерина Цаневска Арсовска, која е вработена во општина Центар, а за парите, претседателката најверојатно морала да кампува и пред владата.“

Како да е зло тоа што портпаролот на Општината се фотографирал со претседателка на невладина организација. Или како да е тоа забрането со закон, а нема информација дека е побарана изјава од Билјана Младеновска за да се реши оваа дилема.

Инаку, Општина Центар испрати и демант во кој се вели:

„Парите за кои се говори дека биле неиздржано доделени за невладините организации, се всушност пари за реализација на два многу важни проекти. Првиот е наменет за лица со посебни потреби, поточно за децата со посебни потреби во основните училишта во Центар. Во соработка со НВО, ќе се ангажираат дефектолози во основните училишта за работа со децата со посебни потреби. 

Вториот проект е во делот на екологијата и заштита на природната средина. Имено, Општина Центар, во соработка со НВО, ќе спроведе попис на целото зеленило и дрва на територијата на општината и повторно, ќе биде прва општина со вакви податоци. На база на оваа анализа, општината во иднина ќе изготвува стратегии и проекти за зачувување и зголемување на зелените површини и подобрување на животната средина.“

 

ВТОРО МЕСТО ЗА „КУРИР“

Курир“, пак, го зазеде второто место како извор на информација во прилогот: Избирачкиот список е чист, СДСМ преку Спасовски се обидува да ја блокира работата на ДИК.

Овој прилог, како и претходниот, исто така е несодржаен, необјективен и климав со вистината. Текстот има силна желба за дискредитација на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Со овој прилог се запазува континуитетот на оцрнување на овој министер, што почна од неговото стапување на челната позиција во МВР и со несмален интензитет се форсира за цело време на извршувањето на функцијата.

Прилогот не се ни обидува да биде барем малку посодржаен и со издржана аргументација да ги поткрепи тврдењата што се изнесуваат.

„Како што дознава КУРИР, Спасовски од СДСМ одбил да ги потпишува пропратните писма што претставува опасност да се пробијат роковите од ДИК, па заради тоа, утринава писмата со одговори по барањата на ДИК се испратени без негов потпис.“

Во прилогот, освен што отсуствува намерата да се побара изјава или коментар од МВР, отсуствува и намера да се консултира Државната изборна комисија (ДИК).

Понатаму, прилогот како од ракав се расфрла со бројки: „Направена е проверка и на 47 женски лица кои имале исто име, татково име и датум на раѓање. Направена е проверка на 35 лица кои имале исто име и презиме, датум на раѓање и само иста прва буква од татковото име“.

Сепак, заборава да потсети на вистинските бројки кои произлегоа од јавната седница на ДИК одржана на 6 април 2016 година:

„Од 87.128 лица кои теренски беа проверувани, 37.435 лица не биле пронајдени дома, покажуваат податоците од теренската проверка на спорните гласачи на Државната изборна комисија.“

Исто така, заборава да потсети дека членовите на ДИК од СДСМ сметаат дека избирачкиот список не е прочистен, додека за членовите од ВМРО-ДПМНЕ останува само уште малку работа.

ТВ-дневникот продолжи со блок ЕПП за владејачката партија преку прилозите: По 50 години за прв пат брза помош во Чучер Сандево и 40 проекти за млади, наголем опфат за потребите на младите во Македонија. Прилозите беа некритички сработени, во пропагандистички манир, а со една цел – да се добие поен плус на контото на ВМРО-ДПМНЕ.

Во сета оваа брзаница да ѝ се „помогне“ на власта со прилог плус, се заборави да се информира за тоа што претседателот на Антикорупциска комисија, Горан Миленков, и двајца нејзини членови, Фарије Алиу и Игор Тантуровски, го објавија својот имот на официјалната веб-страница на комисијата, иако до пред десетина дена тврдеа дека станува збор за личен податок заштитен со закон.

 

СУЕВЕРИЈАТА ОРО ВОДАТ ВО НЕИЗВЕСНИ ВРЕМИЊА

Во вестите се најде место за тоа што мироточи иконата на пресвета Богородица во Трубарево.

Прилогот не може да се пофали со голема содржајност. Неможно е дури ниту да се очекува текстот да биде содржаен кога третира информација што навлегува во полето на мистиката и на сензационализмот. Меѓутоа, новинарот можел да консултира црковни, како и научни извори. Можеби се работи за кондензација (?), или, пак, навистина за чудо, но мора за тоа да има соговорници кои ќе го потврдат, негираат тоа или ќе извлечат некој трет заклучок. Инаку, мора да се напомене дека суеверијата се стари колку и самата вера, познати се од дамнина, некогаш посилно се изразени, а некогаш послабо, зависно од тоа колку луѓето се придржуваат на принципите на пропишаното верување. Суеверието, исто така, доаѓа до израз во кризни времиња, во моменти на голем страв и на неизвесности. Сето ова можело да се најде во прилогот, но било одлучено, сепак, да се оди само со гола информација.

Интервјуто со гувернерот на Народна банка на Република Македонија (НБРМ), Димитар Богов, пак, беше некритично, сувопарно со прашања-одговор. Се доби впечаток дека Богов однапред ги знаеше прашањата, па немаше дебата, жар… Ги немаше прашањата што би ја интересирале јавноста и кои се поставуваат почесто, но на кои не се доби одговор.

ТВ-дневниците треба да бидат објективни, содржајни и вистинити. Тие го формираат јавното мислење, а гледачите треба да бидат точно и навремено информирани. Ова ги разликува професионалните од непрофесионалните медиуми. Тоа не беше случај со овој ТВ-дневник.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести