verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Топ-5 дезинформации за поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева

on 25 - 12 - 2019       

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева  беше една од најзастaпените во медиумите и кои ја одбележа 2019 година во однос на медиумското известување, но за жал по лошо. Наместо да ја извади на виделина правдата за корупцијата, самата стана дел од таа приказна и фрли голема дамка врз работењето на Специјалното јавно обвинителство. Во моментов таа е во домашен притвор и во тек е судскиот процес за случајот „Рекет“.

Пишува: Силвана Жежова

Откако поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева беше уапсена на 21 август, а Обвинителство побара притвор за случајот „Рекет“, очите на јавноста и медиумите разбирливо го следеа секој нејзин чекор. Во морето на информации за Јанева имаше и многу дезинформации, како и такви кои се однесуваат на нејзиниот приватен живот и не беа воопшто од јавен интерес.

  1. ПРЕТРЕС ВО ДОМОТ НА КАТИЦА ЈАНЕВА

Кога случајот „Рекет“ сè уште беше на почеток, една од дезинформациите кои се појавија за Катица Јанева беше и дека било вршено претрес во нејзиниот дом. Јавно обвинителство, во тоа време, не го откри обвинителот кој се споменува во случајот „Рекет“, но соопшти дека го зеле мобилниот телефон за да се утврди дали има некаква поврзаност на обвинителот и првоосомничениот Јовановски.

Демантот  на Обвинителството во кој се негира дека е вршен претрес во домот на Јанева, туку само ѝ е одземен мобилниот телефон, не беше пренесен од страна на медиумите кои бомбастично ја објавија дезинформацијата за претресот.

  1.  КАТИЦА ЈАНЕВА Е СМЕСТЕНА ВО ХАШКОТО ОДДЕЛЕНИЕ

Дезинформација беше и веста дека Катица Јанева била притворени во Хашкото одделение и оти поради тоа е привилегирана. Директорот на Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, Есад Рахиќ, во изјава за 360 степени, изјави дека Јанева е сместена во обична ќелија, а како една од причините за тоа е да се оневозможи контакт со првоосомничениот во овој случај, Јовановски кој е сместен во хашкото одделение.

  1. КАТИЦА ЈАНЕВА СЛИКАНА ОД ЗАТВОРОТ ВО ШУТКА 

Во медиумите се појави фотографија на која наводно се наоѓа Катица Јанева од затворот во Шутка. Но, од фотографијата на која има жена свртена со грб не може точно да се утврди дали станува збор за Јанева, времето кога е направена фотографијата и не се знае дали со сигурност се работи за затворот во Шутка или за некое слично место.

Веста за новинската агенција „Мета“ ја демантираше директорот на Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, Есад Рахиќ. Тој рече дека „на сликата објавена во медиумите воопшто не е Јанева“.

4. КАТИЦА ЈАНЕВА ВО КОМА, НЕИЗВЕСНО Е ДАЛИ ЌЕ СЕ ИЗВЛЕЧЕ И СО КАКВИ ПОСЛЕДИЦИ

Текст со ваков наслов споделен на социјалните мрежи веднаш предизвикува заинтересираност, но и загриженост. На прв поглед, без да се прочита текстот, насловот ве наведува да помислите дека специјалната обвинителка Катица Јанева се соочува со сериозни здравствени проблеми. Тоа е доволно да се разгори љубопитноста на читателот да го кликне текстот. Но, кога ќе се отвори и прочита текстот, станува јасно дека тоа што се соопштува во насловот всушност го нема во текстот, односно станува збор за преземена колумна, која е потпишана со псевдоним.

  1.   КАТИЦА ЈАНЕВА НА СКАЈП РАЗГОВАРАЛА СО ШЕК ХАЛАЧИ

Текстот кој се однесуваше на наводна скајп-комуникација помеѓу Јанева и Шек Халачи, затвореник од групата од Куманово е избришан, но како доказ стои проверката на вистинитоста на овој текст на „КриТинк“. Написот произлезе од статус проследен со фотографија на корисничкиот профил на „Фејсбук“ на Шек Халачи. Во текстот не можеше да се оцени дали станува збор за тоа, дали фотографијата е вистинска или монтажа, а притоа никаде не се прецизираше дека станува збор за разговор по Скајп.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести