verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Теоријата и практиката во новинарството, паралели што се пресекуваат

on 3 - 03 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Во теорија, теоријата и практиката се иста работа. Во практиката, не се - Алберт Ајнштајн. Фото: Скриншот
Во теорија, теоријата и практиката се иста работа. Во практиката, не се – Алберт Ајнштајн. Фото: Скриншот

Никако не можеш да се наречеш себеси новинар без да практикуваш новинарство и затоа универзитетите не треба да тврдат дека произведуваат дипломирани новинари без да им овозможат барем половина семестар да се запознаат одблиску со предизвиците на професијата

„За работите што треба да ги научиме пред да ги направиме, ние ги учиме правејќи ги.”

Аристотел

Пишува: Фатлуме Дервиши

Во разговор со една колешка слушнав една колку парадоксална, толку и разочарувачка информација, имено дека паралелно со новинарските студии, по лична иницијатива, следела и професионална практика и дека тоа ја чинело 50 евра повеќе во моментот на пријавување и на земање на дипломата.

 

ЗОШТО Е ПАРАДОКСАЛНО?

Во светот, универзитетските студии стануваат сè попрактични, пронаоѓајќи продуктивни форми што ги имплементираат практичноста и конкретното, оставајќи го настрана теоретското преоптоварување. Нормално дека ова зависи многу и од предметот на студирање, но, главно, тенденциите се такви.

Новинарството е комбинација на професијата и на занаетот, но според професионалците, повеќе тежи кон ова второто. Се присвојува со вежбање и стануваш мајстор само со тек на време, со доживување на нештата и со совладување на предизвиците.

Кај нас, и покрај зголемувањето на бројот на универзитети, можностите и временскиот простор за практично вршење на идната професија паралелно со студиите, се многу мали. Ова е недостаток на универзитетите. Во студиските програми, универзитетите не предвидуваат временски простор за стручна практика и не се обидуваат да ја прошират нивната соработка со организации и со компании каде студентите би биле добредојдени на неколкумесечна работа.

За студентите на јавните универзитети, другите јавни институции би требало да бидат обврзани на една таква соработка. Но, нашите универзитети не го нудат ова во своите стратегии и нема да го нудат уште долго време. Парадоксално е универзитетот да „те казни“ што си имал волја и амбиции да земеш нешто што тој требало, но тој не ти го понудил.

ЗОШТО Е РАЗОЧАРУВАЧКИ?

Како студент, се поминуваат сите тие години учејќи теорија на механички начин за тоа што е вест и како се прави. Чувствувајќи се формиран и готов за работа, се сретнуваш со терен кој воопшто не е како белиот лист од испитот, каде едноставно требаше да се напише дека „веста е релевантен факт, констатира, но не коментира“.

Во практика, ова не е толку едноставно. Теренот е самата вест, ти ја враќа првичната идеја назад, целосно ти го менува контекстот, ти ја менува гледната точка или ти ја отфрла целата работа доколку не успееш да ја „извадиш на видело“ релевантноста. Изворите не доаѓаат сами. Треба да ги следиш, да ги молиш, да ги чекаш… Институциите те игнорираат, ти го одземаат правото на поседување на информациите од јавен карактер, реагираат, те критикуваат, ти се закануваат, неретко дури и те тужат и (можеби и) добиваат. Затоа никако не можеш да се наречеш себеси новинар без да практикуваш новинарство и затоа универзитетите не треба да тврдат дека произведуваат дипломирани новинари без да им овозможат барем половина семестар да се запознаат одблиску со предизвиците на професијата.

„Во теорија, практиката е едноставна“

Тригве Ринскауг

„Но, дали е едноставно да се практикува теоријата“

Александре Боили


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести