verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Теории на заговор за коронавирусот како биолошко оружје

on 7 - 02 - 2020       

[Рецензија: Израелски шпион тврди: Коронавирусот е излезен од лаборатории во Вухан!]

„Мисли глобално, делувај локално“, е старата добра максима на еколошките движења во светот и кај нас. Но, таа максима честопати е злоупотребена при пренесувањето на вестите и текстовите за актуелни теми во светот, како што деновиве е случајот со ширењето на новата здравствена закана – коронавирусот, и глобалната паника што произлегува од ширењето вести со непроверена содржина. Испаѓа дека колку што се достапни модерните технолошки алатки за проверка на вестите, толку е поголем „апетитот“ по лајкови за сензационалистички текстови што ќе предизвикаат интерес, не водејќи сметка дека можеби уште повеќе предизвикуваат вознемиреност, забуна, паника…

Линк до оригиналниот напис: Израелски шпион тврди: Коронавирусот е излезен од лаборатории во Вухан!

Датум и време на објавување: 04.02.2020,  23:02

Датум на рецензија: 05.02.2020

Рецензира: Стојан Синадинов

Појавата на коронавирусот во кинескиот град Вухан и неговата закана за пандемиско ширење низ светот продуцираше и текстови кои се занимаваат со теоријата на заговор дека тој вирус е дел од некоја тајна програма на властите во Кина за развој на биолошко оружје.

Во овој текст се наведува тврдењето:

Новата епидемија е поврзана со кинеската тајна програма за производство на биолошко оружје на Институтот за вирусологија во Вухан, епицентарот на инфекцијата. Според изјавите на поранешниот израелски шпион Дани Шохам, во објектот се наоѓаат најопасните вируси.

Порталот коректно го цитира неговиот извор.

Шохам, поранешен израелски специјалист за воено разузнавање и специјалист за азиски биолошки оружја, минатата недела изјави за „Вашингтон тајмс“ дека епидемијата на смртоносен вирус може да се поврзе со тајната програма за производство на биолошко оружје на Кина во Институтот во Вухан.

Наведени се дури и оградувањата и на шпионот, но и на медиумот:

Овој нов вирус лесно може да „протече“ од лабораторијата. Веројатно е дека некои од работниците се заразиле, дури и не го знаеле тоа, и ја прошириле инфекцијата – рече Шохам, без да даде докази дека Кина навистина развива биолошко оружје.

Сè дотука е в ред. Но,  зошто порталот би објавил ваков текст со бомбастични тврдења од доменот на глобалните конспирации на 04.02.2020, а оригиналниот текст во „Вашингтон тајмс“ е објавен цели 11 дена порано, на 24.01.2020, дополнително „засилувајќи“ го со непотребно тврдење „неговата изјава во реномираниот американски весник беше доволна за да се засили теоријата на заговор“?

Само површното пребарување за тврдењата на споменатиот извор, израелскиот шпион Дани Шохам (Dany Shoham) даваат и повеќе од доволно материјал за дебанкирање на оваа вест.

Веќе на 29.01.2020 два кредибилни медиуми, „Фореин полиси“ и „Вашингтон пост“ уште во самите наслови го демантираат тврдењето на „Вашингтон тајмс“. „Фореин полиси“ вели дека вирусот од Вухан не е лабораториско биооружје, нагласувајќи дека теориите на конспирација се шират побрзо отколку самиот коронавирус. И „Вашингтон пост“ со сличен наслов, во кој се потенцира дека експертите ја дебанкирале теоријата која ги поврзува појавата на коронавирусот во Кина со развојот на биолошко оружје.

Згора на тоа, „Вашингтон тајмс“ во светот на новинарството отсекогаш важел за таблоиден медиум, чие име е „позајмено“ од два далеку покредибилни весници, „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“, не ретко со намера да ќари читатели токму збунувајќи ги со своето име.

Во текстот што го рецензираме , секако, требало да се проверат дебанкирањата на теоријата на заговор и да се наведат во содржинскиот дел на написот. Тоа можело да се стори и со проверка на сајтот на Светската здравствена организација (WHO) која ги објави упатствата како да се справиме со лажните вести и митовите за новиот вирус.

Вака како што е пласиран написот, постапено е спротивно од Кодексот на новинари на Македонија, кој вели дека „начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.“

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести