verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Телевизиско известување: Разбуди ме со песна, после ќе мислиме на поплавите

on 8 - 08 - 2016       
Време е за бебе. Дури и кога има поплава. И кога се потребни вести. Фото: скриншот
„Време е за бебе“. Дури и кога има поплава. И кога се потребни вести. Фото: скриншот

 

 

Навремено објавување на информацијата околу случувањата во текот на елементарна непогода подразбира понуда на информации кои во моментот им се од голема важност на засегнатите – оние кои се погодени од елементарната непогода и оние кои се грижат за нив. Доцнењето и ненавременото известување ја намалува корисноста на информациите и го става медиумот во улога на воајер наместо на заштитник на јавниот интерес

 

Пишува: Александар Пешев

 

Известувањето за природни катастрофи подразбира брза реакција на медиумите и понуда на навремени и точни информации кои би биле корисни за граѓаните, особено за најпогодените. На тој начин медиумот вистински ја исполнува својата причина за постоење – станува корисен со навремена понуда на информации во одбрана на јавниот интерес.

Наместо навремена понуда на информации, со употреба на сите расположливи технологии (линкови во живо, вонредни вести) македонската публика викендов имаше можност да се „релаксира“ со забавни и играни програми за време на смртоносните поплави. Во моментот кога сите трчаа кон ТВ-екраните во потрага по информација за актуелната криза, на повеќето национални телевизии (со ретки исклучоци), се пуштаа музични програми, ТВ-серии, цртани филмови и слично. Фрустрацијата на публиката може да се оцени по бројните реакции на социјалните мрежи од кои следниве се само неколку примери:

Првите информации за жртви, исто така, протекоа низ социјалните мрежи. Се пренесуваа тврдења за загината млада девојка, како и вознемирувачка фотографија од мртва жена (што согласно професионалните стандарди нема да го пренесеме). Станува збор за непроверени информации. Во редовните информативни изданија на повеќето национални телевизии се известуваше само за обилните врнежи од дожд. Професионалниот стандард кој го регулира известувањето за природни непогоди ја ограничува употребата на ваквите информации, особено на вознемирувачки фотографии кои се споделуваа на социјалните мрежи:

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми – Член 8 од Кодексот на новинари

Вистинските пропусти се случуваа веќе следниот ден. Министерството за внатрешни работи уште во претпладневните часови го објави првото соопштение кое детално се пренесе во дел од медиумите. А реакцијата на телевизиите? Краток преглед на програмските содржини од полноќ до речиси пладне на пет телевизии со национална концесија покажува: музички емисии, турски серии, народни приказни…

pjimage
Од музика до турски серии. Нема вонредни вести, нема информации за загинатите

 

На социјалните мрежи се објавуваа и се споделуваа информации во текот на невремето уште на 6 август.

Првите информации под „хаштаг“ #поплава се објавени околу 16 часот. Кратко потоа следуваа фотографии од корисници како и видеозаписи, што во итни случаи може да се употребуваат како сурови материјали од кои се изработува телевизиски прилог. Вонредни вести може да се подготват при самото официјализирање на бројот на жртви, но наместо тоа: музика, приказни, серии и несреќно изведени најави за вести, кои единствено може да се протолкуваат на следниов начин: дослушајте ја музичкава нумера, па ќе ви кажеме за загинатите во невремето.

DSC_1296
Разбуди ме со песна и остави ме да чекам за информациите за 15 загинати

ЗАСПАН НАЦИОНАЛЕН СЕРВИС

Би можело да се аргументира дека приватните медиуми сами си одговараат за последиците од својата програмска шема и за ненавременото информирање, имено дека би можеле да губат гледаност и реклами. Но, ваквото оправдание не е основано кога станува збор за националниот сервис,  кој се финансира од народни пари.

„Има ли некој во МРТВа?! Некој, било кој, хелоуу?! Чистачката да не е таму, барем да ја исклучи музиката од Ибуш?!“ – фејсбук-статус

Критиките за „заспаната МРТВа“ како што пишуваат корисници на „Фејсбук“ се основани, ако се има предвид видно ненавремениот пренос на информации. Бидејќи станува збор за националниот сервис, вреди да се направи детален преглед на програмските содржини. Првото информaтивно издание е во 9 часот наутро, а на истото му претходеа: македонски народни приказни, три цртани филмови и ТВ-емисија за детски песни. Сето тоа најмалку 6 часа по катастрофата. Во вестите не се споменуваат ни официјални ни неофицијални информации за жртви во поплавите. За невремето се дава техничка вест под слика, а едниот единствен кадар кој се употребува не покажува катастрофи, ниту реки, туку неколку автомобили кои се движат по влажна улица.

„Вчера во Скопје наврна дожд колку што обично паѓа за цел месец август. Невремето кое го зафати скопскиот ртегион според последните информации предизвика катастрофални последици кои допрва треба да се утврдуваат. Во невремето што зафати делови од државата најмногу дожд наврнало во скопската котлина – 33 литри на метар квадратен. Од обилните врнежи буквално се создаваа реки кои носеа се пред себе“. (Информација за невремето во вестите на МТВ1 во 9 часот)

Да потсетиме дека на социјалните мрежи веќе има видеозаписи и фотографии од поплавените подрачја и се маркираат кризните точки. Вестите продолжуваат со прилог за бројот на загинати на македонските патишта во последните 7 месеци и за оваа информација е посветен двојно подолг прилог во споредба со носечката примарна информација. Следува прилог за книги за на плажа и вести од светот.

Покрај информации на другите медиуми дека и армијата се вклучува во напорите за помош и дека се трага по шестмина исчезнати, додека се прават напори за идентификација на мртвите, националниот сервис емитува:

  • 9.15 – Документарна програма за Убавите села – Буручници
  • 9.30 – Неделен магазин

Веќе во 11 часот кога речиси сите медиуми веќе известиле или јавуваат за бројот на загинати во катастрофалното невреме на националниот сервис се емитува програма под наслов „Време е за бебе“, па потоа следуваат:

  • 11.40 Детска драма
  • 12.10 Агромагазин
DSC_1297
Ни порано ни подоцна – првата детална информација за последиците од поплавите се емитуваше во 13 часот

До следниот редовен термин за вести, нема вонредно информативно издание, иако без сомнеж постои реална потреба и оправданост. Вестите во 13 часот се отвораат со подетални снимки ставени под фонска подлога. Тажна музика свири додека се вртат кадри од поплавени улици. Водечката вест е под наслов: “Силно невреме, грмотевици, поплавени улици и куќи” додека информацијата дека “17 лица загинаа во силното невреме” се споменува во прилогот. Анкета за поплавен подрум од куќа добива приоритет пред официјалната изјава од МВР за бројот на загинати. Сè на сè, имаме задоцнети и веќе бајати информации. Се пренесуваат реакции откако е видно пропуштена шансата за пренос на корисни информации. Редоследот на презентација на информациите остава впечаток на непочитување на загинатите. Сето тоа се презентира по програмски блок во рамките на кој не е емитувано вонредно информативно издание, што е непрофеисонално и неоправдано за национален сервис финансиран од народни пари.

 

ГРАЃАНИТЕ КАКО РЕГУЛАТОРИ 

Додека публиката чекаше или, судејќи по реакциите, се нервираше од неажурноста на телевизиите, посебно на националниот сервис, низ социјалните мрежи веќе се организираа иницијативи за хуманитарна помош, како и за маркирање на најпогодените реиони.

Критиките кон медиумите не останаа само околу неажурноста и ненавременоста.

Дел од корисниците на „Твитер“ потсетија и на навидум неисполнети ветувања кои се пренесувани преку дел од медиумите:

Но, секако мноштвото забележителни критики се насочени кон недостигот на соодветни информации. Клучната порака од катастрофата во однос на медиумите, сепак се сведува на потребата од навремена точна информација која би била корисна за засегнатите. Со понуда на бајати информации и неупотреба на технологиите кои им се на располагање на традиционалните електронски медиуми (вонредни вести и линкови, на пример) се остава впечаток на непрофесионалност и незаинтересираност, па дури и воајеризам. Сето тоа не придонесува во одбраната на јавниот интерес, што е причина за постоење на информативните медиуми, посебно на националниот сервис.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести